21 C
Skopje
среда, август 12, 2020

Сања Лазаревска: иновацијата на нашата фирма „Фор Лејди“ ја нема никаде во светот, хулахопки со алое!

UAKS desktop

Биохигиенски алое хулахопки, кои ќе ги негуваат нозете, но и ќе ја заштитуваат животната средина, бидејќи се разградуваат десетпати побрзо од стандардните, се најновиот производ на македонската компанија „Фор Лејди“ (For Lady). Повеќе од две деценции, оваа компанија го снабдува пазарот во Македонија и околните држави со чорапи и хулахопки, а од оваа година го проширува своето портфолио на производи со уникатен иновативен производ. Благодарение на тимот на оваа компанија и финансиската помош од Фондот за иновации и технолошки развој, оваа иновација наскоро ќе стане реалност. Веќе е развиена и произведена основната верзија од производот, но се работи и на други и различни варијанти, модели и дебелини.
Хулахопките веќе нема да бидат само моден додаток, што ќе треба да не заштити од студ или да ни одговара на облеката според бојата или дезенот. Македонската иновација позитивно ќе влијае и на нашето здравје и ќе ја штити кожата. Сопственичката на „Фор Лејди“, Сања Лазаревска, вели дека ваков иновативен производ што истовремено е функционален и естетски привлечен, има антибактерискo својствo и козметички ефект кој не постои на светскиот пазар.

Кога ќе може да се купат алое хулахопките?
Хулахопките на пазарот ќе се појават од октомври, а се подготвува и извоз за американскиот пазар. Тагет пазари за македонскиот иновативен производ се и Северна Европа, особено Скандинавските земји и Велика Британија, каде културата за употреба на зелени продукти е широко распространета.
„Во текот на студените денови долгото носење на хулахопки и чорапи придонесува за сушење и пукање на кожата. Нашиот иновативен производ има специјална доработка и додаток на екстракт од алое вера кој ќе помогне во негата и заштитата на кожата. Покрај тоа, ќе ги намали и последиците од несаканата појава на потење во интимните делови и во делот на прстите на стопалото, заради кое доаѓа до развој на габични или бактериски инфекции, бидејќи новата формула на нашите хулахопки и чорапи нуди и антибактериска заштита“, вели Лазаревска.

Иновацијата на биохигиенските алое хулахопки, покрај тоа, решава уште еден голем проблем со кој се соочува индустријата за производство на облека, а тоа е отпадот. Производството на алое хулахопки ја штити животната средина од масовното производство на продукти на кои им требаат повеќе децении за да се разградат и претставуваат огромен товар за планетата Земја.
„Сите чорапи и хулахопки кои денеска се произведуваат се направени од пластика и времето на разградување е над 50 години. Алое хулахопките се разградуваат за пет години. Текстилната индустрија е еден од најголемите загадувачи на планетата, а истражувањата направени на оваа тема покажуваат дека речиси пет проценти од отпадот на депониите е резултат на оваа индустрија“, посочува Лазаревска.
Заради тоа, нагласува, „Фор Лејди“ одбра да биде еколошки свесна компанија, која сака да ги промовира зелените вредности и да ја развива свеста кај своите вработени и кај потрошувачите за заштитата на животната средина. Со новиот проект, компанијата целосно ќе го исполни својот производствен капацитет, а покрај тоа што ќе произведува зелен производ ќе користи и зелена технологија за своето производство и за дистрибуцијата до крајниот корисник.

Кој е For Lady?
Компанијата веќе две децении е позната по неколку брендови женски и детски хулахопки, натколенки, доколенки и сокни. Во 2017 година, го разви и брендот чорапи Quick Sox, кои ги има во над стотина бои и дезени. Новогодишни, Велигденски, летни, зимски, овошни, цветни…. дезените на чорапите Quick Sox се неограничени. Лазаревска вели дека со позиционирањето на брендот се појави интерес кај млади дизајнери и артисти и за персонализација на чорапите како дел од нивните колекции. Исто така, голем е интересот кај одделни брендови кои сакаат да ги користат Quick Sox како репрезентативен материјал кој ќе биде дел од нивните маркетинг кампањи.
„ SOX е релативно млад бренд кој се појави на пазарот во декември 2017 година со новогодишни чорапи за сите генерации, а заинтересираноста на купувачите не држи будни за константна иновативност и нови производи, како и надградување на продажната мрежа. Со сè поголемиот интерес за чорапи како дел од секојдневниот аутфит, се појави и идејата за креирање на брендот Sox со тематски и весели чорапчиња за сите возрасти. Во асортиманот има повеќе од 100 различни дизајни кои се достапни и се менуваат и адаптираат според сезоната и најновите трендови. Пред да се одберат дизајните се прави кратко истражување, најчесто на социјалните мрежи кај што е најголемиот таргет на купувачи.
Шарените чорапи го освоија светот, колку кај жените идентично и кај мажите. Конкретно се уште женската популација доминира како купувач, но сè повеќе се зголемува и интересот кај мажите од 15 до 40 години. За себе или за подарок Quick Sox се вистински погодок за купувачите и одличен деловен потег на нашата компанија“, потенцира Лазаревска.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •