0.4 C
Skopje
недела, јануари 19, 2020

Соња Димитровска ја произведува првата еколошка восочна амбалажа за храна во Македонија

Kabtel desktop

Шарени, весели, креативни, а од друга страна еколошки и практични, се првите восочни обвивки за чување храна кои се произведуваат во Македонија. Тие се дело на Соња Димитровска, која во нив ги споила својата љубов кон природата и желбата сите да живееме еколошки и одржливо во чиста животна средина.

Восочните обвивки за храна не се иновација во светот, но се новина на нашиот пазар. Создадени се како резултат на мотивацијата Соња да ги исполни своите пензионерски денови со уметност и креативна работа. Идејата за овие креации се појавила кога на подарок добила восочни амбалажи од Нов Зеланд. Досега, вели таа, со многу обиди и експерименти ја усовршила својата уникатна техника за нивна изработка.

Еколошките обвивки се мојата борба со загадувањето од пластика, создавање на отпад како и прекумерното трошење на храна

Восочните обвивки се наменети за чување на храна, особено на овошје, зеленчук, зачински растенија или леб. Обвивката „дише“ и овозможува хранатa да остане подолго свежа, со што се намалува претераното фрлање храна. Особено е практична за одржување на свежината на половинки лимон, портокал, јаболко, авокадо, магдонос, целер, морков, кашкавал, леб итн. Тие се амбалажа за многукратна употрeба, бидејќи може да се користат шест и повеќе месеци. Се изработуваат од памучен материјал во различни дезени и пчелин восок, кој се набавува од македонските пчелари.

Но, она што е најважно, посочува Соња, е што восочните обвивки се еколошка замена за еднократните пластични или алуминиумски фолии во кои најголемиот број од нас ја чува храната. Со топлината на дланките еколошката обвивка омекнува и може секој следен пат одново и лесно да се обликува според формата на производите.

Восочните обвивки се еколошка замена за еднократните пластични или алуминиумски фолии

„Восочните амбалажи може да се употребат и стопати, доколку се внимава за да не се искрши восокот. Се одржуваат многу лесно, после секоја употреба може да се измијат во млака вода со благ детергент и одново се подготвени за употреба. Многу е важно што заради антибактериските својства на обвивката овошјето и зеленчукот многу подолго траат. На пример, исечено јаболко не оксидира, а зачините не се сушат ниту пак мувлосуваат како што се случува кога стојат во кеса. На тој начин, додека половина од жителите на светот гладуваат, се ублажува еден од најголемите проблеми на денешнината, фрлањето храна. Обвивките може да се користат и за пакување сендвичи, за покривање садови, за завиткување на цвеќе, предмети и сл. Единствено не препорачувам во нив да се чува месо или сувомеснати продукти. Во зависност од фреквентноста на употребата, откако обвивката ќе ја изгуби својата основна функција, може да се компостира“, вели Димитровска.

Восочните обвивки се изработуваат во три големини, 27 на 27, 33 на 33 и 36 на 36 сантиметри. Најголемите може да се затвораат и со врвка и копче. Дезените на памучниот материјал можат да бидат најразлични. Се изработуваат со различни тематики или за посебни пригоди како Нова Година, Велигден, родендени и сл. Платното може и да се печати со еколошки бои, па изборот на дезени, мотиви или пораки е неограничен и зависи само од желбите на купувачот. Засега, може да се нарачаат и да се купат на интернет, преку Фејсбук страницата EKO vosocni obvivki, на занаетчиски базари или во директен контакт со Димитровска.

„Процесот на изработка не е брз и едноставен, памучниот материјал пред да се употреби се пере и се пегла, а и на восокот му е потребна претходна подготовка. Сепак, јас со многу ентузијазам ја создавам и креирам секоја посебно, знаејќи дека во моите пензионерски денови правам нешто добро за планетата и за човештвото. Верувам дека со мала промена на секојдневните навики можеме многу да помогнеме, себеси и на околината. Со вистински свесен избор и здрави навики можеме да живееме поквалитетен живот и да го промениме светот. Еколошките обвивки се мојата борба со загадувањето од пластика, создавање на отпад како и прекумерното трошење на храна“, вели Соња.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •