2.8 C
Skopje
недела, јануари 19, 2020

Ова е македонскиот тим чие иновативно решение штеди неколку стотини илјади долари дневно на клиентите во Азија!

Kabtel desktop

Бројот на луѓе во светот кои секојдневно следат видео содржини и настани во живо на своите телефони или лаптопи, е сè поголем! Исто и бројот на компании на кои видео стримингот им е бизнис. Трошоците за оваа активност вообичаено се високи. На овој специфичен сегмент од пазарот се појави македонска компанија која обезбедува решение и големи заштеди за компаниите.

Македонскиот стартап, Видикт Медиа Сервер (Vidict Media Server) разви иновативен продукт наменет за пренос во живо на спортски натпревари пред милионски интернет аудиториум во Југоисточна Азија. Тимот кој се состои од: Перо Ѓузелов, Милан Рашковски, Анастасија Николовска и Филип Поповски, се дел од компанијата основана на крајот на 2017 година, која ова решение го лансираше на почетокот на оваа година.

Станува збор за Vidict Peer, кој е иновативно, македонско решение што им овозможува на компаниите кои вршат видео стриминг да остварат огромна заштеда за хостирање со користење на peer-to-peer технологија. Македонскиот старт-ап е втора компанија во светот која успешно комерцијализираше ваков тип на услуга! Продуктот беше презентиран и на Веб Самитот, што неодамна се одржа во Лисабон, и предизвика огромен интерес.

„Она што го одвојува Vidict Peer од досегашните решенија кои ја вклучуваат оваа технологија е фактот дека истото функционира без инсталација на клиентски софтвер од страна на крајните корисници. Наместо тоа, секој кој сака да гледа натпревар во живо на својот компјутер, лаптоп или мобилен телефон тоа може да го направи едноставно со отворање на пребарувач“, објаснува Перо Ѓузелов CEO на Видикт Медиа Сервер за „Иновативност“.

Во моментов осум странски клиенти од Азија. Тоа се платформите за видео стриминг: www.smartcric.com, www.mips.tv, www.fstream.me, www.ucaster.eu, www.liveflash.tv и www.janjua.tv. Тие го користат ова решение и во период од шест месеци генерираа 3.000 TB p2p (терабајти) сообраќај , што е еднакво на видео во траење од 1.500 години.

Сите платформи почнаа со користење на Vidict Peer токму пред почетокот на најголемите спортски настани во тој дел од светот, како што се Индиската крикет премиер лига и 12-тото Светското првенство во крикет, кое ги собори сите досегашни рекорди на гледаност. Овие настани беа одлична прилика да се демонстрараат можностите на Vidict Peer, кој на нашите клиенти им овозможи да имаат многу повеќе гледачи на нивните платформи без дополнителни инвестиции во сервери. Токму поради позитивното искуство и остварените заштеди нашите клиенти ги продолжија лиценците за користење на Vidict Peer“, вели Ѓузелов.

Бројот на крајни корисници исто така расте па така во текот на светското првенство во крикет, кое со помош на Vidict Peer беше пренесувано на дел од веб сајтовите, беа остварени близу 400 милиони видео прегледи. Vidict Peer го употребува и видео стриминг публиката во една од технолошки напредните земји, Јапонија.

Пресметките покажуваат дека според обемот на сообраќај кој го остваруваат овие сајтови заштедите со користење на Vidict Peer изнесувале неколку стотини илјади долари дневно!

Во иднина, тимот на Видикт Медиа Сервер планира да го понуди продуктот на видео веб сајтови како: Youtube, Vimeo, Dailymotion, Videomotion и телекомуникациски компании кои обезбедуваат IPTV услуги.

Во поглед на техничко доусовршување, Vidict Peer ќе се користи со систем што ќе овозможи стриминг без доцнење на видео содржините.

„Ако успееме во тоа ќе ја ставиме Македонија на светската мапа на стриминг решенија дизајнирани за 5G. Свесни сме дека времето на Vidict Peer допрва доаѓа бедејќи видеото сочинува 70% од целокупниот интеренет сообраќај и стриминг индустријата бара нови решенија за да се справи со растечкиот сообраќај“, велат од Видикт Медиа Сервер.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •