Oд 2 март на полноќ сите оператори ќе прекинат со реемиување на домашни и странски ТВ канали!

- Advertisement -

Здружението на информатичко-комуникациските технологии, кое ги обединува сите оператори, донесе заклучок да го прекине реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали на 2 март 2020 година, вечерта на полноќ. Операторите ќе продолжат со реемитување на каналите на јавниот сервис: МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал. Како општествено одговорни компании и имајќи ја предвид сериозноста на ова прашање, операторите по средбите со државниот врв се согласија да го одложат датумот за прекин за 2 март 2020 година на полноќ, за да остават простор за изнаоѓање законско решение во интерес на граѓаните.

Ваквиот заклучок на членките на Здружението на ИКТ е последица на последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), што Собранието на РСМ ги донесе на 16.02.2020 година, на денот на распуштањето, по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа. Имено, законските измени на операторите им наметнуваат обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност за туѓи дејствија. Поради тоа, ваквата законска обврска за операторите претставува состојба на виша сила и е неприменлива затоа што операторите кои реемитуваат програма не можат да имаат ниту контрола, ниту одговорност за тоа дали се регулирани авторските права за сите поединечни програми што ги создаваат и емитуваат телевизиите. Операторите се принудени да го прекинат реемитувањето на програмските содржини за да избегнат прекршување на Законот поради активности кои не се под нивно влијание.

- Advertisement -

На 21.02.2020 година повеќе оператори поднесоа заедничка Иницијатива до Уставниот суд за поништување на спорните одредби како неуставни и побараа донесување на времена мерка со која веднаш ќе се одложи примената на усвоените законски измени, поради нивна неуставност.

Во изминатите неколку денови Здружението на ИКТ ги информираше Претседателот на државата, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, ресорните министри во Владата, АЕК, АВМУ, дипломатскиот кор, Делегацијата на ЕУ во земјава, Европската комисија, странските и домашните радиодифузери и домашната и меѓународната јавност, а беа одржани и средби во Владата и Собранието, со цел да се изнајде решение за ваквата ситуација, согласно регулативата.

- Advertisement -

Здружението на ИКТ потенцираше дека споменатите законски измени се спротивни на ЕУ-директивите и на сите основни принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ, за што Здружението има добиено и писмено мислење од страна на Делегацијата на ЕУ во земјава.

Операторите се заинтересирани и подготвени, како и до сега, да го вложат целиот свој капацитет и знаење, во изнаоѓање на прифатливо решение во најкраток рок, со што би се избегнале натамошни штети за целата јавност.

- Advertisement -

Во целиот период, пред и после донесувањето на законските измени, Здружението на ИКТ укажуваше на штетноста од ваквите измени и ги искористи сите механизми пред сите релевантни домашни и странски институции. Сепак, и покрај подготвеноста на Здружението да биде партнер во процесот на дефинирање на законските решенија кои ќе бидат во интерес на сите страни, а пред сè на корисниците, измените на Законот беа донесени на сосема спротивен начин.

Заклучокот за прекин на реемитувањето на телевизиските канали ќе биде на сила сѐ додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение со кое ќе се стават вон правна сила спорните законски одредби кои го оневозможуваат нормалното работење на целата индустрија.

Како резултат на неспроведливоста на Законот, а со цел корисниците на ТВ услугите да не бидат оштетени, операторите нема да наплатуваат за ТВ услуги за периодот додека трае прекинот.

Сподели!
- Advertisement -