25 C
Skopje
четврток, јуни 4, 2020

Студенти на Машинскиот факултет создадоа протетска рака и ја подарија на петгодишно девојче од Скопје

Kabtel desktop

Иновација на студенти на Машински факултет, кои се дел од Project Hub, е алтернатива на скапите протетски помагала

Студентите на додипломските и постдипломските студии на Машинскиот факултет во Скопје, Филип Серафимовски, Сара Петреска, Бојан Трајковски, Ина Крстевска, Ташули Талески, Мартин Спасовски заедно со асс. м-р Огнен Тутески, како дел од проектите на Project Hub креираа протетска рака и ја испечатија на 3Д печатач. Проектот на студентите не остана само со едукативен аспект, туку и доби и хуманитарен. Раката веќе извесно време ја користи девојченце од Скопје, на која тимот студенти ја донираше. Тие во моментов развиваат нов модел во кој ќе бидат вградени и мехатронички компоненти со што раката ќе може да се движи.

Во пресрет на презентацијата на проектите создадени на Project Hub што ќе се случи во мај, за развојот на проектот и радоста што нивното дело усреќи едно детенце, за Иновативност зборува Сара Петреска.

Сара, кажете ни нешто повеќе за проектот за развој на протетска рака?

Развој на протетска рака претставува дел од проектите на Project Hub 2020, во соработка со одделот за 3Д печатење на фирмата Future Innovations. Овој проект започна во ноември минатата година и се уште трае. Нашата тенденција на почетокот беше како краен резултат да добиеме две протетски раце: една чисто механичка и една со интегриран мехатронички систем во неа, при што и двете да бидат донирани. Дел од нашата цел е веќе исполнета бидејќи механичката рака е изработена и донирана. Со посложената протетска рака со интегириран мехатронички систем сме во процес на тестирање на мехатроничките компоненти и оптимизирање на моделот.

Како дојдовте на идеја да започнете токму ваков проект?

Истражувајќи ја моменталната состојба на бројот на луѓе со инвалидитет во Македонија и нивните финансиски можности, бевме изненадени од цената на чинење на еден протетски уред, односно колку многу луѓе немаат шанса да си го овозможат. Сакајќи да иницираме решавање на оваа проблематика, истраживме за тоа како светот се справува на оваа тема. Имено, во поразвиените држави постојат хуманитарни организации, меѓу кои и E-Nable, кои користат веќе готови CAD модели на протетички уреди. Истите ги модифицираат во зависно од човекот за кој е потребен (димензии, тип на инвалидитет), ги печатат на 3Д печатач и ги донираат. Во вистински момент се отвори конкурсот за проекти на Project Hub, па решивме со полни раце да ја зграпчиме оваа можност за почеток на едно вакво хуманитарно движење во нашата држава. Инвалидитетите на раце се често застапени и со идејата да изработиме рака со интегриран мехатронички систем во неа, чие движење не би било едноставно механичко туку напротив блиску до природното, не поттикна да се насочиме на оваа тема.

Споменувате дека во светот веќе се работат ваков тип на проекти. Која е иновативноста во вашиот пристап, односно во вашиот продукт?

Слични вакви продукти веќе постојат, но она што нас не двои од другите е користењето на полимер како материјал и користењето на технологија 3Д печатење како метод за добивање на моделот. Ваквата комбинација дозволува изработка, прилагодување, анализа и оптимизација на делот исклучиво во софтверски пакет на компјутер, со што се скратува на време и трошоци, кои би биле поголеми доколку се користи конвенционална изработка. Исто така полимерот е значително поевтин материјал и лесен за користење.

Првата протетска рака е веќе донирана и со тоа усреќивте едно детенце. Каже ни нешто повеќе за ова?

Простетската рака е донирана на девојченце од пет години.  За целите на донација на простетската рака се изработени два модели кои целосно се прилагодени според нејзините потреби и желби. Малата Л. со леснотија го користи уредот по потреба, а дружењето со семејството продолжува и во иднина со цел да се развијат нови и подобрени модели на протетското помагало.

Веќе работите на нов, поинаков модел, кои се плановите околу него?

Веќе сме во процес на тестирање на мехатроничките компоненти и прилагодување новиот модел во кој истите би биле вградени. Како што претходно напоменав целта на оваа рака е да нема чисто механичко движење туку употребувајќи ги контракциите на мускулите во надлактицата (бицепс и трицепс), преку мехатронички компоненти да добиеме движење на раката. Веќе сме при крај со крајниот модел на оваа рака, па држејќи го темпото на Project Hub 2020, со самото завршување на настанот се надеваме дека ќе може да се пофалиме со еден ваков успех кој, секако, ќе заврши во хуманитарни цели.

Какви се вашите планови за иднина, врзано за продуктите кои ги развивате?

Во соработка со фирмата Future Innovations планираме изработка на два типа на раце, body-powered и миоелектрична. Првите, за кои трошок е само нашето време и малку материјал планираме да го донираме бесплатно за лицата кои имаат потреба, а не можат да си дозволат миоелектрична рака. Втората која сепак ќе има  повисока цена на производство, но продажната ќе е многу пониска од моменталните такви раце на пазарот.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •