Тенискиот турнир во Индиан Велс, кој треба да почне неделава, е откажан поради епидемијата на корона вирусот, соопштија организаторите на првиот мастерс сезонава. Како што наведуваат, одлуката за откажување на турнирот е заснована на упатствата од медицинските работници, центрите за контрола на болеста и властите на Калифорнија.
„Разочарани сме што нема да се одржи турнирот, но најбитно е здравјето и безбедноста на локалната заедница, на играчите, волонтерите, вработените и на сите кои се вклучени во настанот“, изjави директорот на турнирот, Томи Хас.
Хас додаде дека организаторите се спремни турнирот да се одржи во некој друг термин и дека ќе ги истражат сите можности.
Премногу е голем ризикот по здравјето на настан од оваа големина. Не е во интерес на навивачите, на играчите ниту на соседните области да се одржи. Мора да ги здружиме силите за заедницата да ја заштитиме од епидемијата, велат некои експерти по медицина.
Квалификациските мечеви за турнирот требаше да почнат во понеделник. Овој тениски турнир вообичаено привлекува околу половина милион навивачи, а поради популарноста меѓу играчите, се нарекува и петти грен слем во сезоната. Наградниот фонд во Индиан Велс изнесува 17 милиони долари.