Средба на Стопанската Комора на Македонија со заменик претседателката на Влада, Мила Царовска

- Advertisement -

Стопанската комора на Македонија, активно ја следи вонредната ситуација и во таа насока денес беше одржана средба на претседателите на Здруженијата според дејности при Комората со заменик-претседателката на Владата на РСМ задолжена за економски прашања и координација со економските ресори Мила Царовска, со цел запознавање со актуелните проблеми со кои се соочуваат различните сектори во економијата погодени од моменталната ситуација.

Вицепремиерката Царовска, потенцираше дека во моментот најважно е да се следат препораките од Владата и со заеднички сили да се намалат економските импликации врз македонското стопанство и за таа цел продолжува непрекинатата соработка со Стопанската комора на Македонија, со која се комуницира на дневно ниво.

- Advertisement -

– Потребно е капацитетите на индустријата да продолжат со работа и да се задржат вработените. Повикуваме компаниите да ги  користат економските мерки кои ги презентираше Владата, и најавуваме нови мерки во следните денови. Владата стои на располагање на компаниите и добредојдени се сите предлози и иницијативи од компаниите, за заеднички што полесно да се пребродат тековните предизвици, посочи Царовска.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески посочи дека во моментот никој не може да предвиди колку ќе трае кризата, како истата ќе влијае на светската економија, и како сето тоа ќе заврши. Затоа, потребно ни е стопанството и Владата да дејствуваат заеднички и на располагање да се стават сите ресурси со кои располагаме, подвлече Азески.

- Advertisement -

Согласно покренатите прашања од Комората, во врска со добивање на дозволите од надлежните институции за обезбедување на непречено движење на возачите на камиони заради обезбедување на потребните репроматеријали и стоки за компаниите, во текот на денешниот ден Владата на РСМ, по покренатото барање од Стопанската комора на Македонија ќе овозможи товарните возила непречено да ги поминат граничните премини, а потребните дозволи да им бидат издадени на возачите при повторниот влез во РСМ.

И на денешниот состанок од страна на компаниите, акцентот беше ставен на олеснувањето на влез и излез на стоки и репроматеријали кои се неопходни за редовно производство на индустриските капацитети. Затоа се апелира за побрзо воспоставување на коридори и ефикасни протоколи за непречено одвивање на транспортот во целиот регион. Истовремено се апелираше во максимален капацитет да се стави железничкиот сообраќај како алтернатива, но се потенцираше дека и авионскиот карго превоз исто така е на располагање и компаниите максимално можат да го користат.

- Advertisement -

Вицепремиерката Царовска информираше дека е прифатена иницијативата од Стопанската комора на Македонија за дефинирање на посебни протоколи за овозможување на непречено вршење на дејноста на компании од специфични сектори. Со овие протоколи, со оглед на специфичноста на работењето на некои сектори, ќе се дефинираат посебни протоколи за постапување во случај да се појават заболени од редот на вработените во таквите компании, кај кои, поради специфичноста на дејноста што ја вршат не е можно запирање на производните процеси или чие што непрекинато работење е од клучна важност за справување со можното ширење на вирусот (компании од фармацевската дејност, металуршкиот сектор и прехранбената индустрија, како и компаниите кои снабдуваат медицински гасови или снабдуваат храна во здравствените институции, како и компаниите со голем број на вработени (над 1.000)). Усвоените протоколи ќе бидат објавени во текот на денот.

Стопанствениците информираа дека имаат залихи од потребните суровини и репроматеријали и имаат капацитети да одговорат на зголемената побарувачка на домашниот пазар, и информираа за состојбите во различните сектори во македонската економија.

За да се обезбеди непречено работење на производните капацитети, на средбата се заклучи преку Стопанската комора на Македонија компаниите да доставуваат предлози за укинување на царините за сите неопходни репроматеријали и суровини, по кои Владата на РСМ соодветно ќе постапува.

Сподели!
- Advertisement -