5.5 C
Skopje
понеделник, март 30, 2020

Првите 150 македонски 3Д печатени заштитни маски со визири се испорачани до докторите!

Kabtel desktop

Првите 280 заштитни маски со визири за медицински работници испринтани на 3D принтери се направени. Околу 150 веќе се стерилизирани и испорачани во Инфективна клиника, Клиниката за гинекологија и акушерство, Ургентниот центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза”, Универзитетската Клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски”, детската болница „Козле” и градската општа болница „8-ми септември”. Во следниот период овие маски ќе се испорачуваат и до другите клиники и болници од јавното и од приватното здравство!

Ова за Иновативност го потврди д-р Бојан Трајковски oд Асоцијацијата на специјализанти и млади доктори, од каде што всушност потекна целата иницијатива.

д-р Бојан Трајковски

Како што ни објасни д-р Трајковски, идејата за ваква иновација во медицината најпрвин потекнала од д-р Александар Каревски кој на сопствениот 3Д печатар и претходно експериментирал со правење на визири за во медицината. Изминатиот викенд овој експериментален проект се интензивирал како резултат на зголемените закани за медицинските работници кои се справуваат со ситуацијата настаната од корона вирусот.

“Иницијативата да се направи ефикасна заштита за медицинските лица за кратко време  доби голем број на поддржувачи. Во моментов 50-тина 3Д печатари на ентузијасти од земјава се ставени во функција и тие секојдневно ги прават визирите. Ние како Асоцијација со помош на донации, набавуваме филаменти, кои се суровина за печатење на визирите на кои дополнително се поставува ласерски сечена фолија за да се добие заштитна маска. Сакам да нагласам дека овие маски не се за комерцијална употреба, туку исклучиво за потребите на болниците. Доколку некој се обиде да ја злоупотреби ситуацијата и истите да ги продава, ќе биде пријавен од наша страна“, изјави Трајковски.

Сопствениците на 3Д принтери не сакаат никаков надомест за работата. Тие се ентузијасти кои во моментов го ставаат сите капацитети и ресурси за справување со настанатата ситуација.

За неколку денови се направени 280 заштитни маски, а набавен е филамент за производството непрекинато да тече. Дистрибуцијата со болниците и клиниките ќес е прави на два дена од страна на претставници од Асоцијацијата и тоа според приоритет.

Каква заштита нудат овие маски со визири?

Овие маски се сериозна бариера за медицинските лица затоа што го покриваат буквално целото лице од челото надолу. Материјалот е таков што не пропушта ништо, може да се дезинфицира и повторно да се употребува што е многу важно во ситуацијата во која се наоѓаме. Со нив медицинските лица се многу позаштитети и можноста за зараза исклучително многу се намалува“, објаснува д-р Трајковски.

Сите заштитни маски се бесплатни за корисниците, односно за докторите и другите медицински лица. Исто така, важно е да се нагласи дека сопствениците на 3Д печатарите не добиваат никаков надомест за нивното користење. Заканата од корона пандемијата за нашата земја ги стави ресурси во функција и во моментов донациите се користат за да се набави неопходниот репроматеријал за печатење на визирите.

Производството продолжува и сите кои сакаат да донираат за набавка на репроматеријал може да донираат на 320100024402679 Централна кооперативна банка (Даночен број: 4032014526408). Исто така може да контактираат и преку ФБ групата 3Д Принт Медицинска Опрема.



Главна фотографија – од Твитер профил Wubalubadubdub@seirdotmk


Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •