14 C
Skopje
вторник, јуни 2, 2020

ПиКСЕЛ Груп: Комплицираните постапки ги одвраќаат домаќинствата да инвестираат во фотоволтаици!

Kabtel desktop

Искористувањето на енергијата на сонцето за производство на електрична енергија е апсолутен приоритет на светот, а обновливите извори на енергија се иднината на одржливото живеење на планетата. Македонија, во тој поглед, е на светскиот врв по бројот на сончеви денови во годината. И покрај тоа, кај нас, фотоволтаиците и обновливите извори на енергија, се многу малку искористени.

Од 2018 година на нашиот пазар функционира ПиКСЕЛ Груп, македонска високо-технолошка компанија која произведува фотоволтаични панели по најновите светски технологии, основана од Горан Паунов и Димитар Ковачевски. Во портфолиото на компанијата влегуваат монокристални и поликристални фотоволтаични соларни и термални модули. ПиКСЕЛ Груп е прва компанија од овој тип во Македонија и во регионот, со годишен капацитет на производство од 50 мегавати на монокристални и поликристални соларни модули.

За компанијата, состојбите на домашниот пазар и интересот за инвестиции во обновливи извори на енергија, разговараме со Горан Паунов.

Разговараше: Сања Наумовска

Г-дин Паунов, кажете ни нешто повеќе за ПиКСЕЛ Груп.

Со ПиКСЕЛ ГРУП се заокружува еден моја визија која ја имав бавејќи се со проблематиката на обновливи извори на енергија и фотоволтаичните (ФВ) системи. Десет години наназад, проектирав и изведував системи со фотоволтаични панели кои што ги увезував. Кога конечно се создадоа услови, заедно со професорот Димитар Ковачевски, кој е мој пријател и партнер во компанијата, ја отворивме нашата фабрика ПиКСЕЛ Груп, во која што ги произведуваме фотоволтаичните панели, а ги поставуваме и инсталираме насекаде во Македонија, регионот и пошироко. Почнавме со работа во мај 2018 година и веројатно да не беше пандемијата со коронавирусот, за многу кратко време ќе ги реализиравме нашите првични планови во целост. Фабриката е со капацитет на производство од 50 мегавати годишно, поликристални и монокристални фотоволтаични панели, а оваа година во план ни е да почнеме со производство на стакло-стакло ФВ панели за наш странски партнер и најновите бифацијални ФВ панели, кои што до пред кризата беа доста барани на светскиот и европскиот пазар.

Европа-92

Колку мегавати се инсталирани досега преку вашите фотоволтаици?

Стартувавме со производна линија со капацитет од 20 МW, но на самиот старт имаше доста интересна побарувачка од домашните реномирани компании, како „Витаминка“, „Макпрогрес“, „Макс Струмица“, „АгроГама“, „Мактоис“ и др., на кои, уште во првите два-три месеци, им испорачавме панели со моќност од два мегавати. Веројатно, за големиот интерес и побарувачката голема улога одигра и тогашната поддршка од институциите, кои преку своите претставници јасно повикуваа да се инвестира во проекти со фотоволтаици. Приватниот сектор го прифати повикот како сопствена инвестиција која и тоа како има добар поврат. Тука треба да го спомнам и проектот финансиран со грант од Светска банка за поставување на ФВ системи на 104 школи во неразвиените подрачја во нашата држава. За само три месеци се испорачаа и монтираа 1,8 MW панели, произведени во ПиКСЕЛ, во 34 општини во Македонија.

Досега сме испорачале околу 12 MW фотоволтаични панели, а за оваа година, да не се случеше пандемијата, планот ни беше да произведеме и испорачаме 50 MW, за домашниот, но и за странскиот пазар.

Училиштето Владо Тасевски

Дали планирате капацитетите на фабриката да се зголемуваат и колкав е интересот и потребата на пазарот?

Капацитетот на фабриката е 50 MW. Ние за неполна година, од 20 MW, со купување на нова стрингер машина го дуплиравме капацитетот. За оваа година во план ни е набавка на уште две нови машини со што, освен зголемување на капацитетот, ќе бидеме во можност да произведуваме се што е тренд во европски и светски рамки. Буквално сè што може да се понуди на пазарот, тоа ќе може да се произведе тука кај нас, во ПиКСЕЛ, во Македонија.

До пред кризата интересот беше огромен, постојано испорачувавме помали или поголеми количини на панели. Приватните компании го прифатија повикот на Владата, но и го следеа светскиот тренд да инвестираат во енергетски капацитети со фотоволтаични системи, преку кои ќе произведуваат електрична енергија за сопствени потреби, а вишоците и кусоците на електрична енергија би ги балансирале со дистрибутерот или снабдувачот. Сега во моментов, очекувано, пазарот е малку застанат затоа што сите се во исчекување како ќе заврши кризата. Но, има компании кои сега ја гледаат шансата да инвестираат во своите бизниси преку изградба на фотоволтаични системи.

Сега, заради кризата економијата е застаната, енергетските потреби се намалени, а со тоа и цената на електричната енергија е на ниско ниво. Има доста вишоци на струја и трговците мака мачат со испорака на веќе купените количини на струја. Но, кога фабриките и фирмите ќе почнат да работат со нормалниот капацитет, побарувачката на електрична енергија ќе се зголеми а цената ќе расте. Во таква ситуација, компаниите кои инвестирале во ФВ системи за сопствени потреби ќе имаат евтина електрична енергија.

Очекувам дека на компаниите што имаат долгорочни планови и визии, приоритет ќе им биде инвестирањето во ФВ системи. Ние сме подготвени да одговориме на побарувачката.

“Мактоис“, с.Теарце

Има ли пресметки за колку време се враќаат инвестициите во фотоволтаици, бидејќи за бизнисите тоа е главното прашање?

Енергетските инвестиции во принцип се скапи, но на долг рок се најмногу исплатливи. Доволно е само да се погледне податокот дека цената на струјата во изминативе 15 години е во постојан раст, не само кај нас, туку и на глобално ниво. Последните години кај нас речиси секоја година се зголемуваше од 10 до 16 отсто на годишно ниво, па секоја инвестиција со поставување на ФВ систем за сопствени потреби значи инвестиција во произвоство на сопствена енергија, која се заменува со енергијата што би ја купиле од снабдувачот. Тоа значи дека ФВ системите се најдоброто решение за сите компании кои што работат преку ден, што се поклопува со дневната анвелопа на сонцето. Тогаш има идеално искористување на ваквиот систем, па тие инвестиции имаат релативно брз поврат од пет до шест години. Дури и во најпесимистичките сценарија, повратот на инвестицијата од ваков вид не е подолг од седум до седум ипол години, што за енергетски проекти се води како многу разумен и исплатлив.

И во најпесимистичките сценарија, повратот на инвестицијата во фотоволтаични системи не е подолг од седум до седум ипол години!

ФФМ, Скопје

Според Вашето искуство, дали измените во Законот за енергетика ги мотивираше граѓаните да инвестираат во фотоволтаици?

Mорам да кажам дека како држава, институции и стручна фела сме мајстори она што е добра идеја и стратегија, да го искомплицираме и да го оставиме недоречено и нелогично. Сето тоа го намалува интересот и ентузијазмот кај фирмите и кај населението.

Колку и да сакаме да кажеме дека Законот за енергетика е европски, факт е дека Правилникот кој што ја регулира оваа проблематика, освен што ги проби сите рокови за негово донесување, во потполност разочара. Се прашувам, кој донесе одлука и процени дека е паметно домаќинставата да може да постават максимум до 4kW системи на своите кровови? За да добијат приклучок на дистрибутивната мрежа тие мора да одат на слободен пазар за снабдување, да плаќаат за проектни документации, да добијат градежни одобренија исто како да градат нуклеарна централа. Компаниите, пак, за да имаат статус на производител-потрошувач максимум можат да постават системи до максимум 20кW , а тие трошат во најмала рака три, а може и десет пати повеќе енергија во високата тарифа.

Можеше и мораше да се донесат поинакви одлуки. На пример, можеше да ги видиме искуствата во другите држави од регионот. Бугарија има околу 1.200 MW инсталиран капацитет во ФВ системи, а оваа земја е само 3,5 пати поголема од Македонија. Во Грција до лани имаше 2.400 MW и се уште интензивно се гради, Албанија има околу 80 MW, а Косово околу 20 MW.

Овој правилник го гуши интересот кај домаќинствата и ако не се промени, многу малку од нив ќе инсталираат 4 кW системи за свои потреби. Се надевам дека постапките што беа спроведени од страна на Владата за јавните повици за изградба на ФВ системи на државно и приватно земјиште во Свети Николе, Македонски Брод и на други приватни земјишта, конечно ќе се реализираат, па ќе се зголеми уделот на ФВ системите во вкупните бруто енергетски капацитети. Сега засега се повеќе од скромни, имајќи предвид колку е голем нашиот сончев потенцијал.

Дата-Ресурси

Колективните згради не се ниту фирми ниту домаќинства, а имаат голем интерес за поставување на фотоволтаични системи. Дали и за нив исто така постапката е сложена?

Правилникот важи и за нив, што дозволува поставување на ФВ системи, но во услови во кои секој би се запрашал дали вреди толкав труд за на кровот на зградата да се стават само 20kW. За оваа проблематика неопходен беше многу полиберален пристап, а секако дека никој не поддржува самоволие или поставување на системи без ред. Инаку, интересот е голем и мислам дека доколку  правилата беа појасни немаше да има зграда или семејна куќа без систем за сопствени потреби.

Каква е состојбата на пазарот на труд, наоѓате ли квалификувани работници за вашата област?

Во ПиКСЕЛ имавме среќа да најдеме добри работници, поголемиот број од нив се млади високообразовани луѓе кои што ги поминаа сите наши обуки организирани од странски експерти. Тие за многу кратко време навлегоа во производствениот процес и со нив за неполни две години успеавме да произведуваме ФВ панели кои што по сите параметри воопшто не отстапуваат од она што се нуди на светскиот пазар. Да не звучи нескромно, но во некои работи имаме и подобри перформаси од повеќе компании кои што се многу поодамна на пазарот од нас. Впрочем, не случајно бевме подготвени уште оваа година да настапиме на најголемиот светски саем за ФВ панели „Интерсолар“ во Минхен. Од разбирливи причини саемот е одложен на неодредено време и ќе ја чекаме нашата шанса за европско и светско претставување. За неполни две години и квалитативно и ценовно ги постигнавме нашите први две цели. Европски квалитет, кинески цени за производи произведени во Македонија.

Во однос на инсталираната моќност на вашите проекти досега, имате ли пресметки колкаво намалување на емисии на јаглероден диоксид е постигнато?

Во Македонија досега се инсталирани околу 32 MW фотоволтаични системи и доколку тие произведуваат околу 44.400 MWh електрична енергија, тоа одговара на редукција на CO2 околу 44.400 Т. Од овој капацитет, околу една третина од редуцираниот CO2 е благодарение на панелите на ПиКСЕЛ Груп.

Колку, генерално, употребата на алтернативните извори на енергија влијае врз климатските промени?

Климатските промени се генерален проблем секаде и светот не случајно е свртен кон искористувањето на обновливи извори на енергија како единствена алтернатива за опстанок на планетата. Се предвидува дека во 2040 година дури 40 % од добиената енергија во бруто износ, ќе се добива од oбновливи извори. Неспорно е дека ФВ панелите ќе заземат високо место бидејќи сонцето е единствен непресушен извор на енергија, сè уште бесплатен, а фотоволтаиците и технологијата што се користи за нивно производство постојано се усовршува.

До пред пет-шест години системите беа скапи и со мала ефикасност, а денеска имаат релативно достапни цени, зголемена ефикасност од повеќе од 20%, бројки што во иднина само ќе растат. Моите прогнози се дека во Македонија во наредните пет до десет години ќе се инсталираат и повеќе од 500MW, со што уделот на фотоволтаичните системи во бруто билансот значајно ќе се подобри, енергетскиот перформанс на државата ќе биде значително збогатен, а ние ќе имаме школи, градинки, јавни институции, домаќинства и фирми со многу сончеви кровови.

Во Македонија во наредните пет до десет години ќе се инсталираат и повеќе од 500MW, со што уделот на фотоволтаичните системи во бруто билансот значајно ќе се подобри, енергетскиот перформанс на државата ќе биде значително збогатен

СУМ, Струга

Кажете ни нешто за идните инвестициски и развојни планови на вашата компанија, на кои пазари сте присутни сега и дали планирате проширување?

Освен во Македонија, веќе извезуваме во Србија и Косово, а оваа година во план е да произведуваме најнов тип на ФВ панел од типот стакло-стакло комплетно брендиран и со капацитет од 20 MW годишно за познат швајцарски бренд. Постојат најави дека ќе испорачуваме во Полска и Романија. Се надевам дека здравствената и економската криза ќе заврши што побргу.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •