26 C
Skopje
петок, јули 10, 2020

Првите три возила на водород на Брако ќе бидат испорачани во Амстердам, Ротердам и Алкмар во Холандија

Kabtel desktop

Интервју со Иле Атанасов, директор во „Брако“ за камиони за чистење улици и медицински помагала. Повод за разговорот се иновациите кои ги прави оваа велешка компанија во сегментот на еколошки возила за одржување градска хигиена. Електричните возила на Брако се задолжени за чистотата на улиците на Париз, Рим, Лондон, Амстердам, Келн, Лисабон, Истанбул, Сингапур, Шангај, Тајпеј, Буенос Аирес и многу други. Најнови во гамата се возилата со погон на водород што е повод за овој разговор!


Разговараше – Верица Јорданова

Г-н Атанасов, за почеток кажете ни какво ново возило за одржување на градска хигиена се приклучи во гамата возила на Брако и по што ова возило се разликува од другите?

Во гамата возила на БРАКО под брендот Грин Машинс, за прв пат во наши, но и светски рамки, приклучуваме возило за чистење на улици и јавни површини кое работи на погон на водород. Поконкретно, во основа се работи за електрично возило, каде сите битни функции се извршуваат со помош на електромотори. Притоа изворот на електрична енергија која ги задвижува електромоторите е горивна ќелија која како гориво користи водород складиран во сад под притисок и кислород од атмосферата, а како нус производ ослободува исклучиво чиста вода. Според нас водородот е гориво кое во блиска иднина има одлична перспектива пред се гледано од аспект на зачувување на животната средина и овозможувањето на одржлив развој во поголем број на области.

Кој е тимот кој стои зад развојот на оваа технологија и со кого соработувавте во овој проект?

Концептот на горивна ќелија со водород како гориво се појавува во далечната 1838 година. Како и секој друг пронајдок, од иницијалниот концепт до комерцијална примена е потребно да помине значителен период за да се усоврши пронајдокот и да се усогласи технологијата за производство. Кога веќе ја споменавме комерцијалната употреба на овој тип ќелии, мора да признаеме дека автомобилската индустрија е отидена најдалеку со нивната примена и развој. Ние како компанија се обидуваме да држиме чекор со примена на најсовремена технологија во нашата област. Ако пред 10 години бевме пионери со претставување на целосно електрично возило со 0 емисија на издувни гасови каде извор на енергија се користат литиум-јонски батерии, сега одиме чекор напред претставувајќи иновативно решение кое конкуренцијата се уште го нема понудено. Со тоа повторно успеаваме да ја зацврстиме нашата лидерска позиција.

Од иницијалните разговори и идеја до реализација поминаа скоро 2 години. Се започна кога ја понудивме идејата на пазарот и наидовме на позитивен фидбек од три големи градови во Холандија кои пројавија интерес да бидат првите корисници доколку им понудиме возило на водород. Таа идеја доби поддршка и од холандската влада преку нивниот фонд за иновации. Инволвирани во овој процес беа целиот тим за развој во рамки на БРАКО, кој се состои од искусни машински и електро инженери, во соработка со една холандска фирма која е специјализирана за овој тип на технологија.

Кои се клучните технички карактеристики на возилото на водород од аспект на енергетска ефикасност, бучност и друго?

Како што веќе напоменав, возилото на водород во основа претставува електрично возило така што бучавата што ја емитува е неспоредливо пониска во однос на возило со погон од мотор со внатрешно согорување. Споредбено со електричните возила кои користат батерии за складирање на електрична енергија, предноста на нашето ново возило е што дополнувањето на водород како гориво е многу брзо и е слично како дополнувањето кај возилата кои работат на фосилни горива. На долг рок, ако се форсираат возила со батерии, чие полнење е во ранг од еден или повеќе часови, ризикуваме да се соочиме со големи гужви на станиците за полнење и опасност од крах на енергетскиот систем. Друга предност на водородот е што лесно се складира и транспортира (дури и прекуокеански), а струјата која веќе е произведена нема можност да се складира и мора да се искористи во моментот.

Како всушност се добива водородот?

Водородот се добива по пат на електролиза на водата, при што за да настане реакцијата се доведува електрична енергија и се ослободува водород и кислород. Токму електричната енергија која што се користи за производство на водородот е добиена од обновливи извори, во најголем дел ветерници поставени во крајбрежјата на океаните, при што сите оние вишоци на енергија кои остануваат неискористени, односно претставуваат проблем за енергетскиот систем, таа енергија се користи за производство на водород. Значи, гледано од еколошки аспект имаме целосно еколошки прифатливо решение кое не ја уништува животната околина.

Кога може да се очекуваат првите возила на водород и каде ќе завршат тие?

Првите три возила на водород ќе бидат испорачани во Холандија во три градови: Амстердам, Ротердам и Алкмар. Имаме големи надежи дека возилото на водород ќе доживее голем успех на пазарот и очекуваме нарачки во наредниот период. Во добар дел од западно-европските земји веќе има инфраструктура за надополнување на водород така што неопходни се и возила за да се види бенефитот од целиот тој зафат.

Првите три возила на водород ќе бидат испорачани во Холандија во Амстердам, Ротердам и Алкмар. Имаме големи надежи дека возилото на водород ќе доживее голем успех на пазарот и очекуваме нарачки во наредниот период.

Интересна е информацијата дека Брако испорача возило во кралската палата во Тајланд? Кажете ни нешто повеќе за овој договор и дали имате и други нарачки?

Само што го испорачавме првото електрично возило во Тајланд чија намена ќе биде да чисти во една од неколкуте кралски палати. Доколку клиентите се задоволни од перформансите имаме најава дека ќе добиеме нарачка за уште 10 електрични машини.

Каква е побарувачката на електрични возила за градска хигиена во светски рамки? Вие ги извезувате на 30-тина дестинации? Кои се градовите каде се користат возилата на Брако и зошто токму вашите возила се конкурентни на светскиот пазар?

Електричното возило на Грин Машинс е присутно на пазарите веќе 10 години и е докажано со својот квалитет и надежност. Доказ за тоа се цели флоти од нашиот модел 500ze кои работат долги години во Париз, Рим, Лондон, Амстердам, Келн, Лисабон, Истанбул, Сингапур, Шангај, Тајпеј, Буенос Аирес итн. Конкуренцијата далеку доцни позади нас и тие дури пред 2 или 3 години почнаа да претставуваат електрични возила од овој тип.

Производите на Брако речеси целосно се наменети за извоз. Глобалната пандемија ги поремети сите економски текови во светот. Која е ковид стратегијата на Брако?

Во услови на глобална пандемија БРАКО на чело со проф. д-р Кочо Анѓушев донесе една многу храбра стратегија за овие околности, а тоа е продолжување на производството и задржување на секое работно место. Одредени програми произведуваат залиха, но веруваме дека кога ќе помине кризата ќе имаме пласман за производите. Ве меѓувреме правиме крупни чекори. Се реорганизираме внатрешно за да бидеме поконкурентни и попродуктивни и инвестираме во нова опрема и нови погони. Тоа е клучот за надминување на кризата според нашето мислење затоа што светот драстично ќе се промени со оваа криза, а ние мора да се адаптираме спрема тие промени.

Кои се следните планови на “Брако“ од аспект на воведување новитети и иновации во своите производи?

По превземањето на брендот Грин Машинс, во последниот квартал од минатата година, изработивме програма за развој која ги покрива следните неколку години. Се работи паралелно на повеќе од 5 големи проекти кои дел ги покриваме со наши ресурси во одделот за развој, а дел во соработка со Машинскиот Факултет во Скопје. Ќе ги спомнам тука проектите за развој на механички свипер со поголем капацитет и адаптација на еден од постојните модели од дизел на бензиски мотор со цел задоволување на најстрогите стандарди за емисии на издувни гасови. Сепак, да не откриваме се во оваа прилика, верувам дека ќе имаме можност повторно да поразговараме на овие теми.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •