31 C
Skopje
вторник, август 4, 2020

X Фактор Акцелератор инвестира 200.000 евра во стартап кој прави сладолед од вино и стартап за прецизно 3Д мапирање!

Kabtel desktop

На 01 jули X Фактор Акцелераторот од Велес го прослави првиот роденден, што е повод да поразговараме со извршниот директор Милан Димитриевски.

Разговараше – Верица Јорданова

Г-н Димитриевски, како би ги сумирале резултатите од сработеното во првата година?

Со првиот Opening Meetup настан на 01 јули 2019 година официјално го означивме стартот на нашата работа и на првата пред – акцелераторска програма во која учествуваа 13 стартап тимови. Но, нашата работа започна многу порано, на 15. декември 2018 година при што првите 6 месеци ги искористивме за воспоставување на акцелераторот, зајакнување на менаџерските капацитети, формирање голем број стратешки партнерства и промоција за да креираме свесност за нашето постоење и услугите што ги нудиме.   

Сето ова резултираше со добиени повеќе од 100 апликации за влез во нашата програма, за реализација на иновативни бизнис – идеи во различни сектори. Од нив, Комитетот за евалуација на проекти селектираше 25 стартап – тимови, кои имаа привилегија да бидат дел од двете интензивни (бесплатни) тримесечни пред – акцелераторски програми. Од овие 25 тимови, 17 се квалификуваа за учество на двата демо денови, каде имаа ексклузивна можност да ги презентираат своите идеи пред Комитетот за одобрување инвестиции и целната јавност.

Крајно, согласно претходно утврдените критериуми, членовите на Комитетот за одобрување инвестици преку детална длабинска анализа на сите бизнис – идеи, донесоа одлука за инвестирање во два најатрактивни стартапи, за кои се процени дека имаат огромен потенцијал за брз раст на глобално ниво. Дополнително, за уште една стартап идеја се прават финални анализи и не ја исклучуваме можноста за објава на уште една инвестиција наскоро.

Всушност, со гордост можам да соопштам дека ние ќе бидеме првиот акцелератор од трите кои беа формирани со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во партнерство со Светска банка, кој успеа да финишира процес на инвестирање и тоа во два стартапи. Овие резултати кои ги постигнавме не прават посебно среќни и ни даваат силен мотив да продолжиме со уште посилно темпо на работа во следниот период.

Кажете ни повеќе информации за првите две инвестиции? Во кои дејности функционираат стартапите и за колкави инвестиции станува збор?

Станува збор за две исклучително атрактивни и иновативни бизнис – идеи, за кои сме убедени дека со заеднички сили (во синергија со основачите), ќе направиме да имаат глобален успех. Првиот стартап е во прехрамбената индустрија, чиј тим преку развој на два иновативни технолошки процеси има креирано два уникатни производи во светски рамки и тоа: сладолед од вино со варијација од 5% до 13.5% вински алкохол (по желба), што има еквивалентен ефект на конзумирање една чаша вино и природен адитив од комиње за разни производи во прехрамбената индустрија. Тој првично ќе се додаде во основната смеса на сладоледот како засладувач, со што покрај збогатувањето со антиоксиданси, сладоледот ќе добие и природна боја и зголемен рок на траење, што крајно доведува 40% пониски калории од обичниот сладолед и претставува револуционерна идеја во двете индустрии.

За сладоледот од вино е креиран MVP и по набавката на машините следува производство и комерцијализација за што веќе е креирана првична „Go to market“ глобална стратегија, додека природниот адитив од комиње е чекор поназад, со креиран прототип кој сѐ уште се тестира во лабораторија.

Вториот стартап е во ИТ – секторот. Формиран е како спин – оф компанија на ФЕИТ – Скопје, при што нивниот производ е конкурентен и во споредба со оние кои се развиваат од страна на директните светски конкуренти од Силиконската долина. Станува збор за софтверска платформа (Dynamix Mapper) која создава 3Д мапи со голема прецизност, користејќи state of the art алгоритам за симултана локализација и мапирање (SLAM), спротивно на постоечките и застарени фотограметриски техники. Покрај прецизноста, уникатната конкурентска предност на ова иновативно решение произлегува пред сѐ од брзината, со оглед на фактот што целиот систем е за 40 пати побрз од конкурентските.

Софтверот може да се користи во индустрии за кои е потребно 3D мапирање, како геодезијата и градежната индустрија, при што во кастомизирана варијаната веќе почнаа да го употребуваат домашни геодетски компании. Една од можностите која ја нуди Dynamix Mapper е за реална 3Д реконструкција на сообраќајни несреќи, со сите просторни димензии на местото на настанот. Сепак, најголемиот потенцијал на производот произлегува од фактот што и возилата со автономна навигација имаат потреба од овие решенија, за да можат во реално време и динамичка состојба да создаваат слика во 3Д формат за околината во која се движат. Развојот на софтверот е во напредна фаза, веќе се користи од страна на првите клиенти, а паралелно со неговото доусовршување се работи и на креирање соодветна маркетиншка стратегија за влез и комерцијализација на глобалниот пазар.

Покрај иновативноста на производите и огромниот потенцијал за раст во светски рамки, заедничко за двата стартапи е тоа што се основани од силно мотивирани поединци со амбиција за глобален успех. Производните тимови се веќе формирани и во нив се вклучени исклучителни професионалци, при што потребно е засилување на одделите за маркетинг и продажба. Вкупната инвестиција во секој од стартапите изнесува 100.000 евра, која ќе се реализира во две фази, и тоа: почетна инвестиција од 30.000 евра и дополнителна инвестиција од 70.000 евра, кои ќе се употребат за реализација на предвидените цели и активности во инвестицискиот план. Со инвестирањето, X Фактор Акцелератор станува малцински содружник во друштвата, со висина на удел утврдена во договорите за инвестирање.     

Кои се Вашите планови за периодот кој следува? Какви се проценките за влијанието на глобалната здравствена и економска криза врз реализацијата на целите со горенаведените стартапи, како и за инвестирање во нови стартапи?

Секако дека кризата се одрази и врз нашето работење. Меѓутоа, нѐ со запирање на активностите, туку со извесна промена во начинот на нивно имплементирање, раководејќи се при тоа од претприемачкото мото дека “Секоја криза е и нова можност”. Така на пример, вториот демо – ден кој претставуваше завршница на заедничката пред – акцелераторска програма со Преда плус од Битола го организиравме во онлајн формат, додадавајќи со тоа нов импулс за развојот на македонската стартап сцена.

Што се однесува до ризиците поврзани со инвестирањето во првите два стартапи, направивме дополнителна анализа на влијанието на КОВИД – 19 кризата врз конкретните дејности, по што сепак се одлучивме за инвестирање. Генералниот заклучок беше дека кризата може да ги успори дел од активностите, но не и значително да влијае врз намалување на потенцијалите за раст на овие бизниси, кои дополнително би се зголемиле по враќање на работите во нормала.

Всушност, и не би се занимавале со оваа дејност доколку не сме спремни да превземеме (пресметани) ризици, кои секогаш постојат кога е во прашање инвестирање во стартапи во рана фаза од нивниот развој. Токму од овие причини, ние не запираме тука. Напротив. Силно мотивирани од досега сработеното, планираме да продолжиме со уште појако темпо во следниот период. До крајот на годината очекуваме да стартуваме преговори за инвестирање со уште 5 до 7 стартапи, кои реално е да се очекува дека успешно би завршиле (со одлука за инвестирање) со 3 до 5 од нив, со што целосно ќе ги исполниме зацртаните цели.

За да го постигнеме ова, во периодот до септември, со поддршка на професионална маркетинг агенција ќе креираме и имплементираме промотивна кампања за привлекување атрактивни апликанти за следниот циклус. Притоа, главен адут во оваа кампања ќе бидат резултатите од досега сработеното, но пред сѐ креираното инвестициско портфолио, кое можно е за брзо време да се прошири со уште еден стартап. Во периодот од септември до декември ќе ја реализираме третата пред – акцелераторска програма која ќе финишира со демо – ден. Потоа, ќе следи избор и преговори со најатрактивните стартапи (5 до 7), по што, во првиот квартал од 2021 година ќе се донесе финална одлука за инвестирање во дел од нив (3 до 5). Ја користам оваа прилика да ги повикам сите заинтересирани да ја посетат нашата веб – страна www.xfacc.mk и/или да не контактираат и преку официјалната фејсбук – страна https://www.facebook.com/xfactoraccelerator/, како и на email: info@xfacc.mk.

Паралелно со напорите за привлекување нови апликанти, на постоечките стартап – тимови ќе им обезбедиме континуирана менторска поддршка за раст на бизнисите. Таа ќе им биде испорачана пред сѐ од страна на нашиот тим, кој го сочинуваат практичари кои имаат стартувано сопствени бизниси и успешно управуваат со нив, како и од бизнис – експерти во делот на креирање стратегии за раст, иновациски менаџмент, маркетинг истражување, продажба, финансии и др. За таа цел ќе се искористи и експертскиот тим на Д2ЕМ консалтинг предводен од Михаил Китановски, како наш стратегиски партнер, но и бројната менторска мрежа составена од голем број искусни професионалци, домашни и странски бизнис – консултанти и деловни соработници, која постојано се проширува.

За крај, кажете ни што е најважно за вашите досегашни успеси? Која е визијата за развојот на X Фактор Акцелераторот во следниот период од 5 години?

Покрај вложувањето лични средства на основачите, тимската работа, практичните бизнис – искуства на тимот, огромната посветеност и силната желба за постигнување реални успеси и раст на македонски стартапи на глобално ниво, би ги издвоил како клучни фактори што не издвоија од останатите. Дополнително, континуираната поддршка што ја добиваме од страна на сите чинители, започнувајќи од ФИТР и Светска банка, преку Стартап Македонија, SwissEP програмата, USAID, EBRD, SES програмата и др., секако дека има(ше) огромно влијание за нашите досегашни успеси.

Исто така, и воспоставените парнерства со голем број релевантни академски, невладини и бизнис организации и учества во глобални иницијативи (УГД – Штип, УКЛО – Битола, Преда Плус – Битола, ФРМСП – Куманово, Глобалната недела на претприемништвото, и др.), си го направија своето. Исто како и огромната медиумска поддршка која континуирано ја добиваме од Ваша страна, но и од други значајни бизнис медиуми, за што сме крајно благодарни.

Огромен мотив плус е и фактот што сме лоцирани во Велес и сме првиот и единствен бизнис – акцелератор надвор од главниот град. Всушност, нашата визија е преку континуираниот раст на X Фактор Акцелераторот до ниво на сериозен инвестициски фонд, Велес да се позициoнира како исклучително значаен стартап – центар во државата, но и пошироко во регионот на Западен Балкан. Сигурен сум дека ќе успееме во тоа!   

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •