31 C
Skopje
вторник, август 4, 2020

Бурхан Мурати, Кнауф – Радика: Успешна инженерска приказна инспирирана од љубовта кон гипсот!

UAKS desktop

Бурхан Мурати е инженер кој придонел во развојот на производите на база на гипс, а денес покрај повеќето негови работни обврски, одговорен е за Кнауф Академијата во „Кнауф Радика“ – Дебар. Човек кој по професија е технолог кој дипломирал на неорганска насока на Технолошко – металуршкиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а во пракса вистински вљубеник во својата работа. Како што вели тој „во животот се определив за племенита професија – технолог поради главниот мотивирачки фактор – гипсот кој го има во изобилство во Дебарскиот крај и е со врвен квалитет“.

Мурати во својата работна кариера во некогашната фабрика за гипс „Радика“, а и денес „Кнауф Радика“ – Дебар работел на разни повеќе работни функциии: координатор за префабрикати, директор за префабрикати, шеф на лабораторија и развој, до претседател на Управниот Одбор. Ги поминал сите фази на развој, но едно е заедничко – неговата фасцинација кон овој материјал и неговите неисцрпни можности!

Серијалот “Од ТМФ до успешна кариера“ го реализираме во соработка со  Технолошко-металуршки факултет во Скопје!

Разговараше – Верица Јорданова

Господине Мурати, вашата професионална кариера како инженер е доста импресивна. Имате работено на повеќе различни проекти и позиции во рамки на „Кнауф Радика“. Раскажете ни како започна се и како се развиваше вашата кариера? Раскажете ни за студирањето на овој факултет?

Јас студирав во период од 1974 до 1982 год., период кога ТМФ беше во една топ форма со сите елементи на висока работна филозофија. Во најубавите години од животот ние се забиракадиравме за да учиме, студираме и да се оспособуваме со предизвиците на професијата која требаше да ја практикуваме и да создадеме нешто во животот.

Тој континуитет на љубов кон професијата и работата беше долг и ден денес продолжува со исто темпо. Со перманентно апсорбирање на информации во врска со гипсот, контакти со колеги од цел свет со кои сум имал прилика да се сретнам на низа семинари, верувам дека гипсот веќе ми стана опсесија.

Врвот никогаш не може да се достигне и си велам: што повеќе читам се помалку знам. Мислам дека човечкиот живот е прекраток за да создадеш сè што ќе посакаш, но и за овој период што сум поминал во животот жалам што не сум создал нешто повеќе од тоа што сум постигнал досега.

За време на студентскиот живот на ТМФ можам да ги истакнам пријателството, топлината и блискоста што ја имавме меѓу колегите и со персоналот кои и ден денес продолжуваат и се негуваат.

Историјатот на користење на гипсот во дебарскиот крај датира уште од римско време, од кога по текот на Радика се користеле наслагите на калциум карбонатот (гипсот) покрај самото корито. Кој е предизвикот да се работи со овој материјал и колку тој дозволува примена на иновации?

Од информациите на светската литература гипсот се применува уште пред 5000 год. како градежен материјал од страна на старите Египќани.

Познатите римски мајстори знаеле да го употребуваат гипсот во градежништвото. Овој податок го истакнувам заради фактот дека имаме информации од светски познати експерти дека токму дебарскиот гипс бил користен од Римјаните. Еден од отворите на Селенитниот гипс датира од тој период.

Гипсот во Македонија почна индустриски да се применува од 1956 година, кога за првпат е отворена фабриката за гипс „Радика“ во Дебар. Почетно се произведувал само керамички гипс и гипс за ортопедија, а во 1968 година се отвора новата линија за производство на штук гипс и линијата за производство на гипс-картонски плочи, декоративни тавански плочи, полни гипсени плочи, а покасно во 1988 година за гипсени малтери и глет маси.

Со доаѓањето на Кнауф во 1996 година го воведе комплетниот свој бренд на производи како: малтерите МП, разните типови на глет маси, фугер маси, лепила на база гипс, гипс-картонски плочи и др.

Гипсот има широка лепеза на примена. Чистиот дихидрат може да се применува во земјоделието како регулатор на pH на земјата и прочистување на нечисти води во мочуришта. Како полухидрат има извонрeдно широка примена во градежната бранша и тоа: како разни типови на малтери глет маси, фугер маси, гипс-картонски плочи и лепила.

Гипсот може да се употребува во керамичката индустрија како форма за калапи, а во медицината во делот на ортопедија и забните гипсеви. Како полнител наоѓа примена во производство на хартија, пасти за заби и за козметичките препарати. Во прехранбената индустрија, пак, служи како додаток (адитив) при производството на леб, додаток (коагулант) за производство на сирење (јапонски Тофу) и во храната за крави (за лактација).

Горенаведеното во врска со гипсот е еден класицизам бидејќи модерната наука може да формулира други перформанси со гипсот. Пред се тука се мисли на разни комбинации на гипсот со различни видови на полимери, средства за засилување на гипсот, импрегнатори и други додатоци со што се добиваат производи со специјални карактеристики и за примена во разни области.

На низа теми од оваа област сум се обидувал сам да направам некои производи кои се интересни во градежништвото и во керамиката. Би сакал да ги истакнам високовредните РАМ Прес гипсеви кои имаат извонредни механички својства каде јакоста на притисок достигнува преку 60 MPa.

Би сакал да ги издвојам и специјалните малтери и глет маси кои се специјално подготвени за примена во капитални објекти и на нив можат да се постават различни видови на фрески. Со разни додатоци кај алфа гипсевите и специјална технологија може да се добиваат производи кои имаат отпор јакост на притисок преку 100 MPa. Оваа тема беше интересна на последниот семинар во Вајмар, Германија.

Со специјална импрегнација гипсот може да биде и утрешен конкурент на цементот за примена и во надворешноста на градежниот систем. Зашто да не и примена на гипсот во доменот на нанотехнологијата?

Подмладувањето на кадарот во секоја компанија е еден од најважните елементи за обезбедување одржлива иднина. Како вие се справувате со овој предзивик? Дали во овој сегмент имате соработка со Технолошко-металуршкиот факултет?

Прашањето на кадри од областа на технологијата е најсензибилно прашање. Би сакал за илустрација да истакнам дека јас сум последниот технолог кој е вработен во „Радика“ кој и продолжува со „Кнауф-Радика“ АД Дебар. Тоа значи дека скоро 40 години не е вработен ниту еден технолог од неорганска насока.

Јас реално сум пензиониран со моите исполнети 64 год., но, со моето одење во пензија оваа фабрика останува без технолог. Незамисливо е за мене други професии да се занимаваат со технологија во фабриката. Секој може да научи механички нешто да работи, но да се биде професионалец е друго прашање.

Би сакал да изразам посебна благодарност на професор д-р Емилија Фиданчевска, сегашната в.д. декан на ТМФ, која во 2013 година ме вклучи во тековите на ТМФ како истакнат експерт од пракса.

Со нејзина заложба и заедничка соработка се трудиме да ги инспирираме младите колеги да перманентно да се доближуваат кон професијата што ја избрале преку предавањата кои ги одржуваме на ТМФ и практична работа во фабриката Кнауф – Радика во Дебар.

Последните 7-8 години соработката на „Кнауф Радика“ со ТМФ е доста плодна во областа на дефинирање на различни теми и учеството на семинари. Во секој случај пак тука би сакал да ја истакнам беспрекорната поддршка и соработка со професор д-р Емилија Фиданчевска за што сведочи и заедничката успешна соработка при организација на меѓународната Втора SARCOS COST – RILEM Школа за обука на докторанди и млади истражувачи која се одржа пред две години во нашата држава.

Се ближат уписи за факултет. Што би им препорачале на идните студенти при изборот на професија?

На младите колеги би им го препорачал следново: секој има желба и дарба за нешто, но, технологијата е професија која може да Ви ги отвори очите и да се вработите во цел свет. Статусот на технолошките инженери не мора да зависи од системот и од политиката. Статусот тие самите го креираат, пред сè од својата спремност што произлегува од интелектуалноста од оваа бранша. Затоа, на сите млади би им препорачал да не се оддалечите од технолошките знаења и наука.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •