Во Кавадарци отворен Музеј на виното

- Advertisement -

Во градскиот парк во Кавадарци од денеска и официјално започна со работа регионален вински музеј. Историјата на тиквешкиот регион во производството на грозје и вино е  претставена низ неколку поставки. Овде меѓу експонатите  се наоѓа апарат  за мерење на шеќерност во виното од 1534 година, таканаречениот фрижидер-ледара од 1934 година, во кој своевремено се носел лед од таканаречените ледари од месноста ,,Мечкина дупка” кај Кавадарци.

„Винарството и лозарството се главна стопанска дејност. Од антика до денеска единствена преокупација на сите граѓани во овој регион е виното и лозарството. Самата поставка,  односно во изложбен простор кој што е околу 100 м2 можете да се запознаете со неколку предмети кои успеавме да ги собереме и да ги поставиме да бидат едно сведоштво за културниот развој на Кавадарци.  Овој вински музеј ќе претставува промоција на винскиот туризам. На секој добронамерник би сакал да му биде ова задолжителна дестинација“ рече Весела Честоева в.д директор на новиот музеј.

- Advertisement -

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев честитајќи го денот на ослободувањето на Кавадарци го прогласи музејот за официјално отворен за посетителите.

„ Оваа прекрасна локација во градскиот парк, после толку време ќе добие една културна вредност, нашите потомци ќе ја негуваат и ќе учат во делот на лозарството и винарството. Кавадарци како општина, заедно со сите чинители на општината, никогаш нема да го заборават лозарството и нема да дозволат да падне тоа на ниско ниво, знаете дека во минатите години се случуваше лозари да бидат злоупотребувани од одделни винарски визби. Историјата на Кавадарци е винарството. Овој музеј токму и тоа ќе го покажува. Како почнало тоа лозарство, како почнало винарството, кој почнал и каде сме денеска. Така да, од денеска да бидеме горди и да имаме повод за да развиваме поголемо ниво и поголема култура на виното.“ рече Јанчев.

- Advertisement -

Извор и фото – mms.mk

Сподели!
- Advertisement -