Macedonian Manufacturing Expo 2020 и годинава останува главен настан за вмрежување на електро-металната индустрија со странски фирми

- Advertisement -

Од 20-22 oктомври оваа година, по четврт пат ќе се одржи бизнис настанот Macedonian Manufacturing Expo 2020, организиран од Асоцијацијата на метална и електро индустрија МАМЕИ и Делегацијата на Германското стопанство во Република Северна Македонија. Главен поддржувач на овој настан е Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

Macedonian Manufacturing Expo е најголемиот бизнис настан за деловно вмрежување во Република Северна Македонија, чија примарна цел е поврзување на локални добавувачи (од Македонија и државите од Западен Балкан) од лесно преработувачките индустрии (компании кои преработуваат метал, пластика, гума, хартија и стакло, компании од електро-електронскиот сектор и компании од пакувачките индустрии) со домашни, регионални и странски компании-купувачи, низ низа на претходно договорени и таргетирани business-to-business средби според барањата на компаниите-купувачи и дејноста на компаниите-добавувачи, со цел градење основа за понатамошни партнерства и успешни добавувачки ланци. Претходните три години овие состаноци се одржуваа во живо, но поради рестрикциите на патување и големи собири поради пандемијата на вирусот COVID-19, овогодишниот Macedonian Manufacturing Expo ќе биде целосно виртуелен, и овие бизнис средби ќе се одржуваат преку видео-состаноци, преку бизнис платформата Евентора.

Покрај директните бизнис средби, Macedonian Manufacturing Expo има и саемски и едукативен дел. Саемскиот дел е наменет за компании од претходно споменатите сектори, но и за придружни ентитети во добавувачките ланци на овој сектор (банки, осигурителни компании, транспортни компании, консултанти и други), и оваа година ќе биде заменет со виртуелен саем со опција за директно поврзување на посетителите на Вашиот виртуелен штанд со Вас, преку директни видео состаноци. Едукативниот дел, како и минатите години, ќе се состои од поголем број на предавања на теми од интерес за компаниите од овој сектор, а ќе биде овозможена и директна интеракција со предавачите и панелистите за време на директниот пренос на овие содржини на платформата на која ќе се одржува овој настан.

- Advertisement -

Macedonian Manufacturing Expo го промовира потенцијалот на регионалната лесно преработувачка индустрија, давајќи им на потенцијалните купувачи брз преглед на добавувачките ланци во овој сектор, и го поддржува развојот на оваа индустрија преку фасилитирање на корисна размена на знаења, технологии и финансии, со цел брз и инклузивен раст. Овој настан претставува одлична можност за запознавање на потенцијални партнери преку директните business-to-business средби и преку виртуелниот саем, како и можност за следење на едукативни содржини и дискусии на теми од интерес за компаниите од овој сектор.

Учество на директни business-to-business средби

- Advertisement -

Делот од Macedonian Manufacturing Expo 2020 фокусиран на директни бизнис средби поврзува два типа на компании – добавувачи и купувачи. Компаниите од лесно преработувачката индустрија чија цел на овие средби ќе биде да пронајдат нови клиенти од различни индустрии за своите производи и услуги ќе можат да остварат видео бизнис средби со компании купувачи од различни земји во Европа, како и СДИ во земјава и регионот.

Компаниите кои ќе се регистрираат како Supplier (добавувач) при регистрација ќе треба да го пополнат долг профил за добавувачи кој ќе се фокусира на нивните производи и услуги, како и на производните капацитети, сертификати и стандарди – и други информации од важност за потенцијалните клиенти. Добавувачите ќе можат да го разгледуваат профилите на сите регистрирани купувачи и да закажуваат онлајн видео состаноци со секој купувач чии барања ќе можат да ги задоволат. Сите производствени компании ќе бидат презентирани на Официјалниот каталог на добавувачи кој ќе биде објавен на платформата на Macedonian Manufacturing Expo 2020 и на веб-страницата на МАМЕИ.

- Advertisement -

Повторно оваа година продолжува соработката со БМЕ-Германската организација за логистика и добавувачки ланци која е задолжена за промоција на овој бизнис настан меѓу компаниите во Германија и нивно поврзување со македонските добавувачи.

Индустрискиот саем на Macedonian Manufacturing Expo 2020 ќе претставува виртуелен простор наменет за промоција на компаниите од лесно преработувачките индустрии, компаниите кои се дел од добавувачките ланци на лесно преработувачките индустрии како производители или трговци со репроматеријали, опрема, машини и помошни материјали, како и банки, консултанти, транспортни компании, кетеринг компании, стопански комори, асоцијации, кластери и различни владини институции и невладини организации кои се заинтересирани за промовирање на своите производи и услуги пред стотици компании од Република Северна Македонија, регионот и Европа.

„Искуствата од претходните изданија на Macedonian Manufacturing Expo ни даваат до знаење дека е огромен интересот на компаниите од Западна Европа, како и СДИ од земјата и регионот да дојдат до нови потенцијални добавувачи. Ова особено беше евидентно на дводневното издание во 2019 година, кога беа одржани повеќе од 500 деловни средби меѓу македонските и странски компании, на директните бизнис средби, како и на саемскиот дел од настанот. Компании како Makita, Siemens, Thyssenkrupp, Mosca, BPW, Claas, Dura Automotive, Van Hool и многу други имаа можност да се сретнат со повеќе од 100 македонски производители во последните неколку години, а голем број од овие средби вродија со директен извоз и зголемена соработка. Дел од овие компании повторно се пријавија да учествуваат на настанот како купувачи, што ни укажува на нивното задоволство од квалитетот на бизнис средбите.

Кризата во светот предизвикана од Ковид пандемијата ние ја гледаме како можност за домашните добавувачи, особено што голем број од западно европските компании се во потрага по нови партнери, локациски поблиску до нивните фабрики. Процесот на глобализација е во одреден застој, согледуваме еден нов процес на регионализација, полека вредносните ланци се префрлуваат од Азија во Европа и затоа мислиме дека ова е одлична можност за Македонски компании да се позизионираат на мапата на добавувачи во Европа“ изјави Гоце Пешев, извршниот директор на МАМЕИ.

Тој се заблагодари и на долгогодишните партнери и поддржувачи на настанот, Амбасадата на Кралството Холандија, Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, како и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот-Invest North Macedonia, како и на новите партнери Меѓународната финансиска корпорација IFC.

Сподели!
- Advertisement -