7.6 C
Skopje
понеделник, октомври 19, 2020

Македонската игра „Monsters on Board“ е светски хит! Собра над 290.000 долари на Kickstarter!

Kabtel desktop

Македонската игра „Monsters on Board“ привлече големо внимание кај љубителите на друштвени игри и собра над 290.000 долари во кампања на Кикстартер (Kickstarter). Издавач на новата игра е македонската компанија Final Frontier Games, која стои зад уште шест други успешни кампањи на истата платформа од 2016 година па досега. На ист начин финансирање обезбедија и за друштвените игри Cavern Tavern, Rise to Nobility, Robin Hood and the Merry Men, Rise to Nobility: Beyond, Coloma и A Fistful of Meeples.

„Monsters on Board“ е целосно македонски проект зад кој стои дизајнерскиот тим составен од Самоил Петрески, Александар Микиќ и Иво Нешковиќ. Во тимот се и Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, кој се погрижи за уметничкиот дел, а функционалниот дизајн е на Бојан Дранго.

Големата пасија за друштвени игри кај сите тројца дизајнери, вели нашиот соговорник Самоил Петрески, била поводот да се обидат да создадат свое дело. Тој, како еден од сопствениците на продавницата за друштвени игри „Гоблин“, уште од 2001 година е директно инволвиран во светот на игрите.

Уживавме додека ја создававме „Monsters on Board“, а презадоволни сме што и речиси 4.000 лица од целиот свет ја препознаа и им се допадна нашата приказна и не поддржаа на Кикстартер во рамките на кампањата“, вели Самоил.

Соработката со Final Frontier Games, вели тој дошла сосема спонтано, со оглед на тоа што веќе имаат заеднички проекти. Оваа компанија има неколку успешни кампањи на Кикстартер, па природно било игра од македонски дизајнери и уметници да ја издаде домашна компанија.

По успехот на Кикстартер следниот чекор е изработка на копии за играта за сите кои не поддржаа, а потоа, ако има интерес ќе следува и масовно производство“, објаснува Самоил.

Monsters on Board, објаснува тој, тематски се врти околу недостатокот на пијалакот „Spook Juice“. Претставена е преку неколку чудовишта Франкештајн, октопод, мумија, вештерка, врколак и скелет. „Spook Juice“ е најважната состојка на секој пијалак, а чудовиштата сакаат да се забавуваат на фестивалот кој им претстои. Проблемот е што тој се дестилира од стравот на луѓето, па заради тоа го напаѓаат градот Стартлетон. Во играта, играчите фрлаат коцки Lords, кои се возат во автомобилчиња-Fearmobiles и ги наведуваат чудовиштата да ги плашат луѓето од градот во обид да добијат Spook Juice. На коцките има знаци со различни значења, а целта е да се соберат што повеќе поени за да се дојде до победа.

Самоил посочува дека сумата од речиси 300.000 евра собрани во кампањата не ги изненадила со оглед и на претходното одлично искуство на Final Frontier на Кикстартер. Oвој успех за нив е поттик да продолжат да се занимаваат со својата пасија, идеите да ги преточат во дела и да дизајнираат и нови игри. Во моментов, вели Самоил, дел од дизајнерскиот тим работи на друштвена игра на тема „Медена земја“.

Од режисерите на „Медена земја“, Љубомир Стефанов и Тамара Котевска дојде покана да се направи друштвена игра со тема од филмот која е наменета само за нашиот пазар и ќе биде дистрибуирана по училишта“, открива Самоил за „Иновативност“.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •