5 C
Skopje
четврток, октомври 29, 2020

Бојана Ѓуровска ги претвора билките во 100% природни сапуни, креми, чаеви и зачини спакувани во „Китка дарови“!

Kabtel desktop

Приказна за тоа како љубовта кон природата, да се претвори во успешен бизнис!

Бојана Ѓуровска од Скопје започна приказна, која полека од љубов ја претвори во бизнис со што се еден од убавите докази дека одгледувањето на лековити и ароматични растенија на семејна плантажа и претворање во производ привлечен за пазарот може да биде успешна бизнис приказна.

„Китка дарови“ како бренд на лековити, козметички и гастрономски производи постои околу 2 години. Станува збор за семејно стопанство со широка палета на производи: тинктури, чаеви, оцет од диви јаболка, креми за лице и тело, миризливи соли за капење, миризливи теглички и зачини, кои ги изработуваат од почеток до крај, без било какви хемиски или други додатоци.

Оваа приказна влезе и на листата туристички искуства на платформата Genuine Experience која во регионот нуди автентични искуства наменети за туристи.

Од овој нејзин старт, започна и соработката со „Природни сапуни Бела“ чиј основач е Ирена Жунгулова. И двете ги најдовме на имотот во селото Годивје, оd каде ќе Ви ја раскажеме оваа интересна сторија.

Разговорот го водеше Љубица Ангелкова

Како започна Вашата приказна?

Бојана: Приказната за „Китка дарови“ започна пред 4-5 години, со купување на семеен имот во регион кој остава без здив со својата недопрена природа во еколошки најчистиот предел на Југозападна Македонија. Нашите ниви се наоѓаат во атарот на село Годивје во општина Дебрца. Микро-регионот на Дебрца му припаѓа на сливот на Охридското Езеро и е споменик на природата под заштита на УНЕСКО. Овој фактор гарантира чиста животна средина и нуди услови за еколошко производство. Престојот во таа природна убавина и нејзиното изобилство со лековити и ароматични билки и плодови нé натера да почнеме да истражуваме како на најдобар начин да ги користиме лековитите својства на билките кои растат во околината. Потоа почнавме и да култивираме некои од билките кои не виреат таму. Понатаму го откривме благодетот од работата со почва, садење, берење на билки и нивна обработка. 

„Китка дарови“ како бренд на лековити, козметички и гастрономски производи постои околу две години. Станува збор за семејно стопанство со широка палета на производи: тинктури, чаеви, оцет од диви јаболка, креми за лице и тело, миризливи соли за капење, миризливи теглички и зачини, кои ги изработуваме од почеток до крај, без било какви хемиски или други додатоци. Производите најчесто се достапни во ограничени количини бидејќи секогаш сме насочени кон квалитетот, а не кон количината која ја произведуваме.

Пакувањата на сите наши производи се еколошки и можат да се рециклираат. Инсистиравме на тоа и заедно со дизајнерите од „Контура“ – креативно студио за графички дизајн, визуелно ги спакувавме нашите производи следејќи ги современите трендови. Тие се заслужни и за комплетниот визуелен идентитет на „Китка дарови“ за кој добивме многу пофални зборови.

Дали поминавте низ процес на обуки?

Бојана-Во периодот кога почнавме со подготовка на нашите производи, на социјалните мрежи наидовме на повик за учество на обуки во рамки на проектот „Надвор од границите – воведување паметен туризам и споделена економија“, кој го реализираа неколку здруженија и институти од Македонија и Албанија, преку Министерството за локална самоуправа – ИПА 2 Прекуграничната програма за соработка на Северна Македонија и Албанија, кофинансиран од ЕУ. Крајниот продукт на овој проект е платформата Genuine Experiences, креација на две визионерки Катерина Василеска и Јасминка Поповска. 

Интуитивно веднаш решивме да се пријавиме за учество на обуките, кои беа наменети да нé научат како од изработката на нашите производи да стигнеме до автентично туристичко искуство, во кое активно ќе учествуваат и посетителите. Платформата е всушност одговор на масовниот пасивен туризам, застапен во нашата земја и следење на светските трендови во туризмот, каде во моментов најбарани се токму автентични искуства од местата кои се посетуваат. На овој начин преку запознавањето со локалното население, посетителите имаат можност за поинакви доживувања, за активно учество во секојдневните активности на домаќините, запознавање со локалните културни традиции, поддршка на локалната економија, како и зачувување на животната средина. 

Сите овие автентични искуства може да се најдат на https://genuinexperiences.com/ или на https://www.facebook.com/genuinexperiences.tourism/.   

Колку е Македонија добро тло за одгледување на растенијата од кои Вие создавате производи?

Бојана – Македонија изобилува со лековити и ароматични билки, кои од секогаш се користеле заради нивните својства, и тука и во светот. Ние се трудиме да ја продолжиме таа традиција на употреба на лековитите својства на билките преку нашите производи, како и да ја „потпомогнеме“ природата со одгледување на веќе постоечките, но и билки кои се култивирани и ги нема самоникнати во природата. Оттука и името на нашиот бренд КИТКА ДАРОВИ – дар од природата, дар од Дебрца.

Ова се дел од билките и плодовите кои ги употребуваме и одгледуваме за нашите производи тинктури, креми, чаеви, зачини,миризливи купки – невен, кантарион, нане, мента, мајчина душица, камилица, жалфија, лаванда, оригано, мајоран, глуварче, рузмарин, маточина, коприва, бозел, ехинацеа, чубрица, анасон, глог, млечен трн. 

Заштитен знак на „Китка дарови“ е лавандата, со нејзиниот магично опоен мирис и релаксирачки ефект, билка со која ја почнавме нашата приказна. А есенција на нашиот бренд е невенот, традиционално познат по неговите совршени цветови, кои ги користиме во речиси сите наши производи.   

Со колкава палета на производи сега располагате?

Бојана- Први производи кои ги пласиравме беа билните тинктури или концентриран екстракт од билки, за кои како солвент (средство за извлекување на сите лековити состојки од билките) се користи алкохол и дестилирана вода. Во нив извлечените лековити својства од билките се многукратно поконцентрирани отколку кога билките се користат како чаеви или на друг начин.

Понатаму се заинтересиравме за благопријатните својства на билките врз кожата и почнавме да изработуваме природни креми за лице и тело од маслена инфузија од маслиново масло и нашите одгледани билки, без било какви хемиски или други додатоци, за кои имаме голем интерес. Кремата од кантарион е дефинитивно фаворит кај нашите купувачи. 

Со обработка на растителниот материјал, собирање, сортирање, сушење, правиме и разни мешавини на чаеви и зачини. Од дивите јаболка, пак, правиме јаболков оцет, а од другите диви плодови, пред сé бобинки капини, трнинки, диви јаготки правиме вкусни ликери и џемови.   

Секогаш истражуваме нови билки и нови производи. Најнова е нашата градинарска секција, која ја засадивме оваа година и за почеток одгледуваме португалско-италијанска сорта на домати principe borghese, која е погодна за сушење. Со ова го најавуваме и нашиот нов производ сушени домати во маслиново масло, зачинети со комбинација од наши сушени билки. 

Нов производ ни е и шеќерот во прав помешан со мелена сушена лаванда, кој на сите напивки, како лимонада, чај или коктели им ја менува бојата во виолетова. А миризливите теглички и купки, кои го исполнуваат просторот со опоен мирис на лаванда се веќе дизајнирани и многу скоро ќе почнеме да ги пласираме. 

Кои се вашите клиенти?

Бојана – Искуството ни покажа дека во Македонија недостасуваат производи со додадена вредност, производи со приказна и производи кои ќе понудат уникатно искуство. „Китка дарови“ има две основни целни групи: добро информирани домашни потрошувачи кои се соочуваат со недостиг од еколошки/органски производи на пазарот и странски туристи, кај кои постои голем интерес за производи добиени на традиционален начин и сувенири.

Раскажете ни ја приказната за сапуните.

Бојана- Нашите соработници „Природни сапуни Бела“, кои ги запознавме на обуките за платформата Genuine Experiences и со кои имаме заедничко автентично искуство Работилница за изработка на природна козметика – креми и сапуни, изработуваат природни сапуни, со ладен процес на сапунификација. Сапуните се вегански или со козјо млеко, се подготвуваат од базичните масла, разни видови на додатоци како есенцијални масла, зачини или билки. Потоа од претходно подготвени калапи, рачно се сечат сапуни кои веќе стоеле два дена и се спремни за сечење. Повеќе информации за рачно изработените сапуни може да се најдат на фејсбук страната Природни сапуни Бела.

Вашата дејност освен на директна продажба, од летово ја проширивте и како туристичко искуство. Објаснете како тоа функционира?

Бојана – Нашето автентично искуство и посетата на „Китка дарови“ започнува со запознавање со природните богатства, богатата историја и народни традиции на село Годивје, како и поширокиот регион на општина Дебрца. Потоа во зависност од годишното време, нашите постители можат да учествуваат во процесот на производство на нашите производи: садење билки или берење билки и плодови од нивите, како и од околните ливади, одбирање на корисен растителен материјал за работа од собраните билки и плодови, подготовка за сушење, потопување на одбраниот свеж или сушен растителен материјал во адекватен солвент за отстојување и извлекување на лековитите својства, како и во процесот на финална подготовка на производите – тинктури и креми. Во склоп на нашата работилница има и сушарница, која функционира во природни услови и на традиционален начин. Во работилницата се изложени производите, како и брошури за нив, во кои се објаснува начинот на употреба и лековитите својства на производите.  

Со целото ова искуство  што го нудиме посетителите се запознаваат со целиот процес на обработка на дивите и одгледани плодови и билки до финален производ, со што се побогати за една вештина, учат како да си подготват сами лековита тинктура или крем за лице и тело од природни состојки без никакви штетни додатоци.

Сите посетители на „Китка дарови“ ги очекува и мала закуска со гастрономски специјалитети подготвени со нашите билки, кои секогаш се трудиме да бидат специфични и предизвикувачки. На пример: локално козјо сирење одлежано во маслиново масло кое е зачинето со невен и мајчина душица, комбинација на билни чаеви, чипс од свежи листови жалфија, освежителна лимонада зачинета со корејска мента, одгледана на нива, селски колачиња со арома на лаванда и слично. 

Оние кои се заинтересирани за повеќе информации може да прочитаат или да резервираат термин на https://genuinexperiences.com/experiences/5df6ad5f-3277-477d-abde-1a7f466f1a37 , а сите наши активности може да ги следат на фејсбук страната Китка Дарови I Bundle of Nature.

Како да се живее во хармонија со природата?

Бојана – Со промовирање на тип на агрокултура која има благопријатно влијание врз природната околина и ги чува и негува традиционалните вештини.

Како гледате на Годивје и Вашиот имот таму по 10 години?

Бојана – Областа која одбравме да ја работиме нуди многу можности, инспирира и возбудува. Раскошните природни богатства на нашата земја се неисцрпни. Со нив и нашата приказна расне и се развива. И со огромно љубопитство чекаме да видиме каде ќе нé однесе.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •