5 C
Skopje
четврток, октомври 29, 2020

Австралискиот корален гребен исчезнува! Последните три децении се намалил за повеќе од 50%

Kabtel desktop

Поради порастот на температурите на морето во последните три децении австралискиот Голем корален гребен изгуби повеќе од половина од своите корали, покажа истражувањето на австралиски научници, кои стравуваат дека ќе се загрози способноста за опоравување на гребенот.

Рекордно високите температури предизвикаа масоно избелување на коралите во 2016 и 2017 година. Најголемото губење на коралите се случи во плитките и длабоките води кај речиси сите врсти, особено ако се има предвид нивната разгранетост, вели професорот Тери Хјуз од ARC центарот за истражување на коралните гребени, кој дејствува во рамките на Универзитетот Џејмс Кук од Квинсленд.

Во соопштението на Центарот се вели дека на толку големата загуба на коралите најмногу влијаеле рекордните температури кои предизвикале масовно избелување во текот на 2016 и 2017 година, кога биле уништени речиси половина од коралите. Невообичаено високите температури на морската вода беа последица на моќниот Ел Нињо во периодот од 2015 до 2016 година.

Здравата популација корали има милиони млади корали, а резултатите од нашето истражување упатуваат на тоа дека способноста за опоравување и отпорноста на Големиот корален гребен се значително загрозени во споредба со состојбата од 1995 година, вели главниот автор на студијата, д-р Енди Дицел.

Авторите на студијата истакнуваат и дека итно треба да се соберат што повеќе податоци за демографските трендови на коралите и предупредуваат дека повеќе нема време за губење и дека треба во што поголема мера да се намали емисијата на стакленичките гасови.

Големиот корален гребен се простира крај брегот на Квинсленд на североисточниот дел од Австралија и е составен од илјадници гребени и стотици острови со повеќе од 600 видови тврди и меки корали. Научниците предупредуваат дека губењето на коралите ќе влијае на намалување на рибниот фонд и на продуктивноста на риболовот во тој дел од Австралија.

(Zimo)

(фото: Wikimedia)

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •