-1 C
Skopje
сабота, јануари 16, 2021

Групацијата АРИКОМА ја купува компанијата „Сеавус“

Kabtel desktop

Претставниците на Групацијата АРИКОМА (ARICOMA), која е дел од чешката Групација ККЦГ (KKCG) на Карел Комарек, најавуваат значаен чекор поврзан со меѓународната експанзија на компанијата. Согласно купопродажниот договор, Групацијата АРИКОМА ја купува „Сеавус“, компанија за развој на софтвер и консалтинг. Со оваа аквизиција, Групацијата АРИКОМА продира во другите пазари во Европа и ја зајакнува својата позиција во САД. Во исто време, ја зацврстува својата меѓународна позиција во ИТ-индустријата, со консолидирани приходи од 300 милиони евра, добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) од над 23 милиони евра, и повеќе од 2.800 вработени.

„Оваа аквизиција ја остварува долгорочната стратегија на Групацијата KKCG во полето на информатичките технологии. Уште од основањето на компанијата, преку која ги консолидиравме најголемите играчи на чешкиот ИТ-пазар, имавме визија нареден чекор да биде меѓународна експанзија. Јас сум навистина задоволен што успеавме да ја комплетираме трансакцијата и покрај предизвиците со кои се соочува денешницата“, изјави Мајкл Томанек, директор за инвестиции во технологија на Групацијата KKCG.  

Групацијата АРИКОМА (платформа за консолидација на ИТ-услуги на Групацијата KKCG) продолжува да ја исполнува својата амбиција да стане најголем европски давател на ИТ-услуги што, според Томанек, ќе опфати група специјализирани компании кои заедно ќе нудат интегриран опсег на услуги за дигитална трансформација.

„Со својот опсег на услуги фокусирани на ИТ-консалтинг, развој на софтвер, имплементација на софтверски решенија и производи за одржување и поддршка, менаџмент на инфраструктури, кибер-безбедност и усогласеност, ‘Сеавус’ совршено се вклопува во портфолиото на Групацијата АРИКОМА“, вели Милан Самеш, извршен директор на Групацијата АРИКОМА. Самеш има позитивно мислење и за историјата на „Сеавус“, компанија која е основана во 1999 година и оттогаш работи со постојан развој. Веројатно најдобар доказ за квалитетот на 800-те вработени во „Сеавус“ е фактот што компанијата обезбедува услуги во многу земји во Европа, вклучувајќи ги основниот Скандинавски Регион, земјите од Бенелукс, Швајцарија и САД. Дел од поголемите клиенти од портфолиото на „Сеавус“ се компании од телекомуникацискиот сектор (како на пр. Sunrise, Tele2, А1, Globalstar), банкарската индустрија (Erste Bank, Banka Intesa, Maginalen Bank), и технолошки компании како Bosch. „Искуството што го стекнавме оваа година, кое беше толку фундаментално обележано со пандемијата на коронавирусот, ни кажува дека дигиталната трансформација на компаниите се одвива побрзо отколку што очекувавме. Во ова гледаме огромна можност за понатамошен раст. Аквизицијата на ‘Сeaвус’ совршено се вклопува во овој план“, вели Самеш.

Една од главните цели на Групацијата АРИКОМА е посилно етаблирање на странските пазари, истовремено поддржувајќи го подинамичниот развој на сопствените SW-решенија и услуги.

„Веруваме дека вклучувањето на силен стратешки партнер, како што е Групацијата АРИКОМА, ќе ја забрза иновативноста и дополнително ќе ги зајакне нашите можности да им нудиме висококвалитетни услуги за развој на софтвер и напредни технологии на нашите клиенти ширум светот. Сега, ние не само што ќе бидеме посветени на успешно работење, туку ќе бидеме уште помотивирани во остварувањето на нашите цели – да го прошириме нашето портфолио на клиенти, да станеме доверлив партнер во нивниот процес на дигитализација, и со тоа да станеме еден од водечките ИТ-провајдери во Европа. ‘Сеавус’ ќе биде значаен дел од успешната приказна на KKCG“, изјави Игор Лештар, претседател на Одборот на  Групацијата „Сеавус“. Со оваа аквизиција, оперативното и деловно работење на компанијата ќе продолжи непроменето, во блиска иднина. Групацијата „АРИКОМА“ е посветена на одржување на лидерството, како и основните вредности кои ја етаблираат „Сеавус“ како доверлив партнер, давател на услуги и сигурен работодавач.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •