Plasma S е иновативен уред кој со дезинфекцијата на фабричките хали може да и помогне на домашната економија. Тимот, кој на почетокот на пандемијата на Ковид 19 го создаде „УВ Гард“ уредот, што денеска ги дезинфицира медицинските установи и го штити медицинскиот персонал и пациентите во ковид центрите во земјава, деновиве промовира нов изум.
Овојпат, иноваторите Никола Глигоров и Ивица Поцков, кои потпишуваат многу проекти и решенија за третман на воздух, создадоа мобилен мултифункционален уред за дезинфекција на воздух и површини, кој може да се користи во простории со големи квадратури, како на пример фабрички хали. Глигоров и Поцков велат дека соработката со неколку домашни и странски компании е клучна за да може да се реализира целиот проект. Во разговор за Иновативност, иноваторот Поцков вели дека нивниот уред Plasma S ги неутрализира вирусите и бактериите и може да помогне на многу компании, да го спречат ширењето на Ковид 19 во нивните работни простории, да го зачуваат своето производство, а со тоа и да и помогнат на македонската економија.
Г-дин Поцков, кажете ни каков тип на уред е Plasma S?
Plasma S e мобилен мултифункционален уред за дезинфекција на воздух и површини, наменет за простории со големи квадратури. Во уредот се вградени комбинирани технологии за третман на воздух преку кои се подобрува квалитетот на воздухот и се неутрализираат вирусите и бактериите во просториите.
Кои се бенефитите од оваа иновација, особено сега во време на актуелната пандемија?
Plasma S е конструиран со цел да дезинфицира воздух и површини во простории со големи квадратури за кратко време. Предноста на овој уред е што е целосно безбеден и може да работи во присуство на луѓе во просторијата. Во време на пандмија, Plasma S уредот може да најде широка примена во производствените погони или во простории каде што има зголемена фрекфенција на луѓе. Со инсталирање на вакви уреди во фабриките, значително ќе се намали ширењето на вирусот помеѓу работниците, а на тој начин ќе се помогне на стопанството да се носи со притисокот со кој се соочи изминатите неколку месеци.
На кој принцип работи Plasma S, што е иновацијата?
Уредот има проток на воздух од 6000 кубни метри на час, притоа воздухот поминува низ три фази за филтрација. Првата фаза е механичката филтрација каде што се вшмукува воздухот со помош на центрифугален вентилатор и поминува низ повеќеслојни филтри каде што се запираат честичките кои можат да носат вируси на себе. Втората фаза е јонизацијата по принцип на плазма технологија, со подложување на силно електромагнетно поле во комората во која се вградени четири моќни генератори на анјони. Негативно наелектризираните јони се приврзуваат на патогените во воздухот, како што се вирусите или бактериите и предизвикуваат хемиска реакција на површината на клеточната мембрана. Ова ги деактивира вирусите, ги прави безопасни, така што тие повеќе не можат да се шират или да предизвикаат инфекција. Третата фаза е UVC третманот на воздухот и површините наоколу во просторија. Во горниот дел од уредот се вградени шест моќни UVC лампи кои зрачат ув светлина на бранова должина од 254.7 нанометри, кои се вклучуваат дополнително, кога нема присуство на луѓе во просторијата и зрачат во сите правци наоколу. Вградени се и безбедносни сензори кои ја исклучуваат ув светлината доколку во просторијата се појави движење. Изложени на оваа светлина, вирусите веднаш се неутрализираат, се уништува нивната нуклеинска киселина и тие го губат своето својство.
Во која фаза е развојот на Plasma S?
Ситуацијата со коронавирусот која во моментов е закана за здравјето на граѓаните, беше главната причина која не потикна да размислуваме за решение со кое би дале наш придонес во борбата против Ковид 19. Нашето искуство со филтрација на воздух и дејство врз микроорганизми кое го применувавме во претходни наши проекти, дојде благовремено. Во моментов Plasma S е целосно функционален прототип кој има можност лесно да се надоградува и за брзо време да влезе во сериско производство.
Има ли интерес од потенцијални клиенти во оваа фаза, кои се вашите таргет-пазари?
Plasma S е создаден поради интересот кој го имавме од сопственици на компании кои имаат поголем број на вработени и бараа решение со кое би ги заштитиле вработените при вршењето на работните задачи. Денес, уредот е инсталиран во фабриката за кондиторски производи „Лион“ во Свети Николе во чии погони работат над 200 вработени. Општествената одговорност на оваа компанија е од големо значење за овој регион и затоа одлучивме првиот Plasma S да биде инсталиран во оваа компанија. Во Plasma S гледаме широка примена и неограничен пазарен потенцијал и широка таргет група. Со појавата на случаи со коронавирус во погоните на фабриките, тие се затвараат или работат со рестрикции заради ризикот од ширењето на заразата, загубите од кои се претрпуваат од неработењето се огромни, па оттука секоја земја со динамична економија е потенцијален пазар.
За Plasma S ја добивте и првата награда на Еконова, што значеше тоа за вас како иноватори и како поттик за вашата работа во иднина?
Чест и задоволство е да се добие признание која има за цел подобрување на животната средина. За нас наградата претставува мотив и поттик за натамошното работење и оттука голема благодарност до СЗТКМ – Народна техника на Македонија и Државниот завод за индустриска сопственост, за нивното признание и поддршката која ни ја пружија.
Вие сте творци и на иновацијата УВ Гард, како сте задоволни од интересот на пазарот?
Уредот УВ Гард, кој го конструиравме на почетокот на пандемијата има за цел заштита на медицинскиот персонал и пациентите во медицинските установи од Ковид19. Во хуманитарната акција беа донирани преку 30 УВ Гард уреди, кои се користат секојдневно во Ковид центрите и центрите за лицата со попреченост. Денес, со задоволство можам да кажам дека имаме изработено преку 200 УВ Гард уреди кои освен кај нас се користат и во Србија и Хрватска во скоро сите дејности. Одиме чекор понатаму, и овој период започнавме и со сериско производство на високоефикасни хепа прочистувачи за воздух за домашна употреба со активна дезинфекција на воздух кои ќе го носат истото име “Ув Гард”. Овие прочистувачи ќе се најдат на пазарот за кратко време и наша цел е да бидат достапни секому, па оттука се планира нивната цена да биде најмалку три пати пониска од прочистувачите кои се наоѓаат на пазарот. Нашето мото во овој проект е: „Секој има право на чист воздух“. Со овој проект ќе овозможиме голем број наши сограѓани да бидат заштитени од вируси, а воедно да дишат чист воздух во своите домови.