4 C
Skopje
недела, април 11, 2021

Оливер Цепенковски направи уникатна туристичка атракција од стара охридска трпеза и фантастична локација!

Kabtel desktop

Од некои специфични културни наследства, може да се направи туристички производ кој ќе создава приходи. Тоа е наследство од минатото, со кое може да живееме и денес и кое е добро да го пренесеме на новите генерации. Нашето културно наследство е незаменлив извор на животот и инспирира. И тоа не мора да е заштитетно наследство, зошто поимот на културно наследство е широк и комплексен. Бројни дефиниции со кои се опишува истото, само откриваат ситни детали од кои може да се создаваат производи-понуди, кои може на туристите кои се мотивирани и инспирирани од културата да им се понудат и да бидат дочекани мошне позитивно.

И самиот УНЕСКО во документот Агенда – 2030 ja објаснува важноста на различните форми на туризам низ кои се афирмира локалното наследство, кое доколку ја има задржано единственоста и автентичноста, влијае на развој на еден поинаков туризам, со исклучителен комерцијален потенцијал.

Форт кафе во Охрид, лоцирано под Самоиловите тврдини, во сопственост на старото охридско семејство Цепенковски прави обид, врз основа на стари семејни традиции, да понуди интересен туристички производ. Овој локал, кој е повеќе од угостителска точка го води Оливер Цепенковски.

Новинарка: Љубица Ангелкова

Како се роди ФОРТ?
Форт кафе се роди пред 8 години. Сосема случајно, некаде на средината на сезоната, како мало место за пауза на странските туристи кои најчесто организирано го посетуваа Охрид. Секако тука беа и и индивидуалните туристи кои заради самата локација, пред влезот на тврдината, сакаа да се задржат и заради погледот, но и желбата да гледаат подолго во бедемите на таа древна градба . На оваа локација немаше ништо соодветно за одмор, па така се роди Форт кафе. Како место да се остане подолго на оваа точка од древниот Охрид. На наше големо задоволство, низ годините истите странски гости и туристи, при повторно доаѓање ќе се појавеа повторно. Веројатно длабоко во сеќавањата им останало местото. А и има зошто. Мирот, спокојот, погледот, гостопримството и љубезноста на персоналот се реални факти. Дел од персоналот е тука од самиот почеток и е како дел од нашето семејство и приватно. А тоа на местото му дава голема вредност.

Приказната се ширеше помеѓу гостите кои го препорачувале на свои блиски, помеѓу туристичките агенции кои го избираа во своите програми како место за мал одмор. И од мала мини кафетерија, прерасна во ова што е денес. Внатрешниот дел е како мала галерија, антикварница, музеј на нашето семејство. Околу објектот се средија терасите кои претходно беа запуштено место и го нагрдуваа просторот пред тврдината. Сега тоа е една голема цветна градина од каде се протега најубавиот поглед на тврдината. Како што растеше приказната, така растеше побарувачката, па и понудата. За туристите и гостите кои доаѓаа во мали групи, од 4 до 8 лица кои сакаа овде да уживаат во македонска храна, започнавме да организираме интимни ручеци и вечери. Странците сакаат да уживаат во храна со совршен вкус и во мали порции. Ние тој миг го запазивме. За најавените гости организираме “Охридска трпеза”.

Не знам што има музејот во Охрид, но Форт е неофицијално музеј на едно охридско семејство. Од колкав период се собраните предметите кои се тука изложени?

Форт е душата, традицијата, спомените на нашето семејство. Голем дел од предметите се од нашите баби и дедовци, на родителите од двете страни. Само мал дел од предметите се купени и тоа се најчесто ормари и полици кои служат за изложување на предметите. Откако почнавме да ги носиме нашите лични предмети тука, се јавија многумина кои посакаа своите стари предмети за кои се емотивно врзани, а немаат каде да ги чуваат, заради ограничен простор, решија да ги остават кај нас со една мисла: “Овде знам дека ќе бидат чувани спомените”. Предметите датираат од триесеттите години на минатиот век, а некои и од пред тоа, како : “домаќинските„ предмети на бабите од двете страни, џебниот часовник од 30-та година од мојот дедо, колекцијата кукли кои мајка ми ја собирала во текот на својот живот. Куклите се од пеесеттите години, па некаде до крај на 90-тите. Има фотоапарати и камери кои се лична колекција од татко ми, како и сликата над грамофонот која лично тој ја изработил со трска. Скалата со која работел дедото на мојата сопруга Вики е исто така тука и е претворена во полица за грамофонски плочи.

Има многу кристални чаши, прибор, филџани, рачно плетени чаршафи, додатоци од мојата мајка и од мајка и на Вики. Неизбежно е да се има и телевизор, потоа имаме и проектор од свадбата на родителите на Вики. Бабата и дедото, по мајка и на Вики живееле во Германија, така што има предмети кои ги имале во својот дом, тука во Охрид. Пасиониран аудиофил сум, па тука е мојата лична колекција на плочи, радио касети, колекција од количиња-играчки од 70-тите, па првиот дигитален рачен часовник од 80-тите… Во суштина овде е душата на нашите семејства, а и мојата како иницијатор сé да соберам на едно место и да имаме траен спомен и приврзаност кон нашите предци.

Кој е најнебичниот предмет кој го имате?

Дефинитивно тоа е џубоксот кој е во функција.

Кој е најстариот предмет кој го имате?

Можеби тоа е џебниот часовник од 30-тите години кој го споменав погоре, личен предмет наследен од мојот дедо.

Како одлучивте семејните обичаи на едно охридско семејство да ги ставите на листа на туристичка понуда за Охрид?

Со оглед на целата приказна, традиција, семејни вредности и обичаи одлучивме да ја раскажеме охридската градска приказна на еден поинаков, потопол, поавтентичен, поуникатен начин, со што на гостите ќе им го претставиме Охрид во едно поинакво светло, Охрид каков што е во суштина. Затоа што Охрид не е само плажа и панаѓур, Охрид е традиција, култура, богатство, дух, љубов … Охрид заслужува да го надмине тој кич кој се продуцира од масовниот туризам и да понуди автентична приказна каква што заслужува. И таа не треба да се измисли, таа ја имаме во наследство од нашите семејства.


Што е охридска трпеза?

Првото добредојде е со слатко и вода. Задлжително на масата има кристален сад со леблебии измешани со суво грозје и ореви од дворот. Масата е ниска, со фотелји и неизбежниот рачно плетен чаршаф. Храна послужена во мали количини и во соодветни чинии и прибор, домашни колачиња-визитарски, кафе за “догледање” и “следно видување”. Тоа е охридската трпеза. Има и дополнителни варијанти, мезиња како за главно јадење, но за нив правиме комбинации во зависност од туристите.

Како ја презентирате храната и пијалоците?

Во внатрешниот дел, за мал број на гости, со задолжителна претходна најава и резервација, храната и пијалоците се послужени во кристални чаши, сребрен прибор за јадење, кристални садови за сервирање, филџани за кафе од порцелан кои се лична колекција на нашите мајки и истите нема денес каде да се купат.

Кои се вашите гости?

Нашите гости се најчесто странци кои знаат да уживаат на посебен начин, надвор од гужвите и вревата, ја почитуваат традицијата, сакаат да ги видат охридските обичаи од друг агол. Тивки се, уживаат во секој миг за да остане длабоко во нивните сеќавања. Како убав спомен од Охрид.

Секако тука се и домашните гости кои го доживуваат нашето место како свое. Во надворешниот дел на отворените тераси уживаат сосема опуштено секој на свој начин, дали со поглед на езеро или на тврдина, во мирисот на цвеќињата и широките сенки на старите ореви. А во внатрешниот дел уживаат во нашата семејна приказна, традиција во опуштена атмосфера и место и време само за нив. Гости ни биле и амбасадори и претседатели и обични луѓе кои сакаат да уживаат, да почитуваат и да доживеат поинаква охридска приказна. Ние сме тука за сите, добредојдени се сите.

Дали е време за поинаква туристичка понуда од Охрид?

Секое време носи нешто свое. Некогаш добро, а некогаш и не така добро. Охрид нуди можност за уживање и одмор на сите. Но, Охрид не е само плажа, панаѓур. Охрид не е само лето. Охрид е магичен целата година. Охрид не трпи масовност. Охрид е питом, мал, полн со приказни, со вистински вредности, со природни убавини, со неоткриени места за туристите. Охрид е град кој раскажува ако го слушаш, град кој пее ако знаеш да му ја слушнеш охридската песна, град кој мора да се доживее во вистинско светло … Охрид е град на светлина, град на мирот, спокојот, тишината, верата, надежта и љубовта … Охрид е и град на убавата чаршиска градска врева …Секако дека е време да научиме сите ние да им ја раскажеме на туристите охридската приказна во вистинско светло и значење, а со тоа да ја насочиме и зацврстиме туристичката понуда во друг правец. Квалитетна, автентична, искрена приказна и понуда ќе ги донесе и зачува квалитетните гости и туристи кои сакаат да го доживеат Охрид каков што навистина е во тек на цела година.

На крај ми ја раскажавте приказната за куклата на влезот. Зошто е посебна?

Посебна е зошто е облечена во костимот на бабата на Вики со која таа пораснала кој и е оставен како „наследство„ неа. Тоа е една прекрасна емотивна врска меѓу баба и внука и цела една животна приказна со мудрости, радости, па и таги… меѓу нив, затоа е посебна, зошто во неа е раскажан цел еден живот.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •