4 C
Skopje
сабота, април 10, 2021

Океаните во фокус на годинашниот Светски метеоролошки ден

Kabtel desktop

„Океаните, нашата клима и времето“ е мотото под кое годинава се одбележува Светскиот метеоролошки ден, 23 март.

Во пораката на генералниот секретар на Светската метеоролошка организација (СМО), Петери Талас, по повод Светскиот метеоролошки ден, се потенцира значењето на океаните на целокупниот глобален климатски систем, неговите промени, како и појавата на екстремните временски состојби. Затоа и ОН ја прогласи 2021/2030 за Декада на океаните.

„Според глобалниот климатски мониторинг, минатата година беше трета по ред најтопла година и покрај развојот на Ла Ниња состојбата во Пацификот, а декадата 2011-2020 е убедливо најтопла во историјата. Како последица, регистрирани се бројни промени: забрзано покачување на нивото на морињата, продолжени и интензивни сушни периоди, зголемен број на урагани, како и почести и посилни вон-тропски циклони“, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) која се приклучува кон одбележувањето на Светскиот метеоролошки ден.

СМО, како наследник на Меѓународната метеоролошка организација, е формирана во 1873 година. Нејзината основна мисија е да ги поддржи земјите во обезбедувањето метеоролошки и хидролошки услуги со цел заштита на човечките животи и имот од природните непогоди поврзани со времето, климата и водите, зачувување на животната средина и придонес кон одржив развој.

Од 1961 година, Светскиот метеоролошки ден го одбележува датумот 23 март 1950 година кога стапува на сила Конвенцијата за основање на Светската метеоролошка организација и важниот придонес што го овозможуваат националните метеоролошки и хидролошки служби за зачувување на животите и благосостојба на општеството. Секоја година одбележувањето на денот се посветува на една тема од значаен интерес, а темата за оваа година е „Океаните, нашата клима и времето“.

УХМР е формирана 1947 и ги спроведува препораките на СМО во својата дејност за обезбедување функционален мониторинг на времето и климата, рана најава на неповолните временски појави и прогнози на времето, како и ефикасна примена на климатските истражувања во сите сектори.

(фото: UN Twitter)

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •