13.8 C
Skopje
недела, ноември 28, 2021

Марта Наумовска Грнарова: Домашната електро и метална индустрија мора да се насочи кон специјализирано производство!

Cementarnica USJE, mobile 19.11.2021

Мега интервју со Марта Наумовска Грнарова, претседател на Асоцијацијата на метална и електро индустрија МАМЕИ и сопственик и менаџер на најпознатата компанија за заварување во Македонија „Завар Дизајн“

Разговараше – Верица Јорданова

МАМЕИ – Македонската асоцијација на метална и електро индустрија изминатите неколку години беше поддржана од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Може ли да ни сублимирате што за Асоцијацијата значеше оваа поддршка и кои се клучните достигнувања во поглед на развој и професионализација на организацијата?

МАМЕИ од самото основање во 2014 година континуирано бележеше стабилен раст, како во поглед на активностите и програмите наменети за компаниите од индустријата, така и во поглед на зголемување на бројот на членовите во асоцијацијата. Влегувањето на УСАИД како наш поддржувач во вистински момент придонесе пред сè за зацврстување на организацијата овозможувајќи да имаме платформа за сигурен раст.

Поддршката од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем значеше искачување на организацијата и придонесе во краток рок да постигнеме голем раст на организацијата согледано пред сè преку активностите и услугите креирани за компаниите членки но и пошироко за компаниите од секторот.

Во текот на изминативе четири години МАМЕИ покажа резултати и тоа на повеќе полиња. Пред сè проширување на тимот, односно ангажирање на нови млади луѓе задолжени за спроведување на проектните и секојдневните активности на организацијата што придонесе до зголемување на активностите и иницијативите на асоцијацијата.

Следен чекор беше воведување на нови услуги за членовите на МАМЕИ најмногу во делот на пазарни поврзувања на членовите со нови купувачи од Европа и светот. Ова ни овозможи проширување на базата на компании, домашни и странски организации, како и институции со кои МАМЕИ соработува. Во текот на изминативе години развивме нови стратешки партнерства со организации од Европа и воспоставивме континуирана соработка.

Една многу важна иницијатива која произлезе од актуелната ситуација во секторот е развојот на работна сила при што е остварена интензивна поддршка на компаниите од секторот во развојот на нова работна сила според нивните потреби.

И како можеби најважно од се, етаблирање на бизнис настанот Macedonian Manufacturing Expo во најголем и најквалитетен настан за деловно поврзување на компаниите од земјата и регионот со купувачи од целиот свет.

Како организација, како партнерство на компаниите од металната и електро индустрија во земјата сме многу благодарни што Проектот ја препознаа идејата и заложбата на МАМЕИ да ја зголеми конкурентноста на компаниите, да ја позиционира оваа индустрија на повисоко ниво во однос на партнерите од Европа и да воведеме еден нов начин на работа и соработка на сите чинители околу оваа индустрија. Нашиот принцип на работа од самиот почеток на МАМЕИ беше инклузивност наспроти ексклузивност, заложба да ги обединиме сите релевантни организации и институции во насока на поддршка на компаниите, а со помош на овој Проект мислам дека успеавме во таа намера. Поддршката од УСАИД можеме да кажеме дека беше ветар во нашите едра што побрзо и поефикасно да успееме во нашите цели.

Macedonian Manufacturing Expo е настан по кој последниве години стана навистина препознатлива организација во нашата земја. Кажете ни за значењето на овој настан за Вашите членки?

Република С. Македонија како мала земја, односно ограничен домашен пазар постојано мора да вложува во извозни активности и наоѓање на нови партнери и купувачи од други земји, првенствено компаниите од Европската унија. Степенот на развој на металната и електро индустрија правопропорционално зависи од зголемување на извозот, односно зголемување на соработката со компании надвор од земјата.

Бизнис настанот Macedonian Manufacturing Expo во 2016 година беше замислен како еднодневен настан на кој македонските компании првенствено ќе се поврзат со странските директни инвеститори во земјата во тој период. Успехот на тој настан, позитивниот одговор кој го добивме од сите компании учесници на истиот не мотивираше во наредните години да го зголемиме опсегот и дополнително да донесеме поголем број на компании од цела Европа на директни бизнис средби со домашните компании.

Очигледна беше потребата на компаниите од овие индустрии да стапат во контакт со нови потенцијални купувачи, да ги претстават своите производствени капацитети, know-how и потенцијал за раст пред светски познати компании од типот на Makita, Thyssen Krupp, Hydac Group, Battenfeld-Cincinnati, Siemens AG и многу други компании заинтересирани за соработка со македонските производители. И сето ова стана возможно за компаниите, без да мора да патуваат на некој саем, бизнис настан или деловна делегација во земјите од Европската Унија. Дополнително на ова, странските компании кои учествуваа на овој настан имаа можност да ги посетат домашните компании, да видат како е поставено нивното производство, да дадат совети за подобрување на одредени процеси и слично.

Во третото издание на настанот во 2019 година, вклучивме неколку новини во самиот концепт како поставување на саемски штандови, вклучување на компании од регионот во саемскиот и бизнис делот од настанот, организирање на голем број на едукативни работилници и панел дискусии со еминентни претставници на бизнис секторот во земјата и регионот.

Многу важно за развојот на Macedonian Manufacturing Expo како долгорочна иницијатива се партнерствата и поддршката од голем број на организации-локални, национални и меѓународни, кои ја препознаа идејата зад овој бизнис настан и се вклучија во текот на годините на различни начини, со цел да се зголеми квалитетот и опсегот на активностите.

Тука може да ги споменеме Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РСМ Invest North Macedonia, Дирекцијата за технолошко развојни индустриски зони, Министерството за економија на РСМ, Делегацијата на германското стопанство во РСМ-АХК, најголемата организација за логистика и снабдувачки ланци во Германија БМЕ и многу други.

Еден од вашите заштитни знаци се B2B средбите со странски клиенти. Може ли да ни издвоите примери на успешни соработки кои произлегоа изминативе години како резултат на оваа активност?

Како што објаснивме погоре, Б2Б средбите на македонските компании со странски клиенти (СДИ во земјата и купувачи од цела Европа), станаа заштитен знак, односно нешто по што МАМЕИ посебно се одвојува и е препознатлива меѓу компаниите во земјата, па и регионот. Во досегашните четири изданија на настанот повеќе од 110 интернационални компании и 230 домашни и регионални добавувачи остварија околу 1500 однапред договорени Б2Б средби. Сето ова резултираше со воспоставување на голем број деловни соработки меѓу домашните компании и СДИ во земјата, како и купувачи од Европа.

Особено нè радува што некои од овие соработки се на долгорочна основа, односно дел од компаниите континуирано во последните 3 години го зголемуваат својот извоз, односно ги снабдуваат со производи компаниите со кои се сретнале на Macedonian Manufacturing Expo. МАМЕИ на секои 6 месеци прави анализа на успехот на бизнис средбите од минатите изданија и трендот за зголемување на соработката меѓу компаниите е во нагорна линија. Секако, ситуацијата со КОВИД 19 пандемијата во изминатата година влијаеше на успорување на растот, но континуитетот на соработка е евидентен.

Остварената соработка не е само помеѓу македонските компании и купувачите од други земји, туку и со странските директни инвеститори во земјата што исто така многу значаен момент. Имено, овие компании континуирано учествуваат на бизнис средбите на Macedonian Manufacturing Expo уште од првото издание во 2016 година. Континуитетот на учество во изминатите четири изданија ни укажува на нивната заинтересираност да бидат во тек со развојот на капацитетите на домашните компании, да го следат нивниот раст и во соодветен оптимален момент да започнат подолгорочна соработка. Иако досега голем број од нив имаат започнато деловни односи со македонските добавувачи, сепак потенцијалот за зголемување на таа соработка постои и допрва треба да биде реализиран.

И минатата година во услови на пандемија успеавме да го одржиме четвртото издание на Macedonian Manufacturing Expo во комплетно онлајн издание при што покрај Б2Б средбите како главен фокус успеавме во дигитална форма да ги реализираме и другите два сегменти од настанот – панел-дискусии како и експо-зоната, која за прв пат ја воведовме како новина во 2019 година.

Во моментов веќе течат подготовките за овогодишното издание на настанот кое како и секоја година ќе донесе и некои новитети и унапредувања кои ќе овозможат поголема додадена вредност за нашите членки како и за индустријата во целост.

Во таа смисла работиме и на нови партнерства и контакти кои ќе овозможат присуство на што поголем број на странски купувачи како и компании од регионот.

Светот живее во време на длабока здравствена и економска криза. Колку, според Вашите анализи и сознанија, електро-металната индустрија е погодена од Корона кризата?

За жал Covid кризата и новата реалност ги променија светските економии и си земаат свој данок и тоа на повеќе различни нивоа за разлика од кризата во 2008 која беше исклучиво економска.

Covid кризата е нова реалност во која ќе живееме уште долги години и можеби е посоодветно да се дели времето на пред и пост Covid економија. Во моментов светот се заздравува од првиот удар минатата година кој придонесе во првите два квартали пад на извозот поради стопирање на многу проекти и производни активности што директно влијаеше на побарувачката. Со напредокот во развојот на вакцините се почувствува размрдување и пораст на економијата во третиот и четвртиот квартал и во моментов можеме да зборуваме за некакво кратко стабилизирање на пазарот. Тоа што е различно во оваа криза е што во многу сегменти драстично се променија работите кои резултираа со големи тешкотии да се дојде до нови купувачи, замената на физичките со онлајн средби, што во одредени ситуации е предност но на долг рок е секако хендикеп. Потоа замената на физички со онлајн настани исто така многу ги отежнува работите и комплексноста да се дојде до нови контакти, нови пазари и нови купувачи.

Тука улогата на организациите како МАМЕИ се зголемува и добива на вредност, така што сметам дека во иднина ќе биде се поизразена потребата од заедничко делување на компаниите за пристапување и претставувањето пред нови потенцијални пазари.

Понатаму, кризата доведе до зголемување на цената на репроматеријалите, зголемување на цената и на транспортот и зголемување на времето на испорака што дополнително ги отежнува работите.

Досегашните сознанија се дека металниот сектор во земјава, особено малите и средни компании имаат одреден пад на производството за 2020 година од околу 25% средна вредност, но има и такви кои и во услови на пандемија успеаја да постигнат раст на производството.

Во моментов цената на металите вртоглаво расте што е уште еден показател дека во периодот што следува треба да се очекува зголемена побарувачка. Според извештајот на Deloitte за пазарот на метали изготвен во декември 2020 година индустријата на производство на метали во 2020 година претрпе пад од -2,8%, а побарувачката доживеа пад од -4,3% , додека за 2021 прогнозата е раст на побарувачката од 5,6%. Од тоа 57% од глобалното производство на метали отпаѓа на Кина што го поддржува фактот дека азиските економии се опоравуваат многу побрзо споредено со Европа која завзема само 7% од светското производство на челик, што е дополнителен предизвик особено за македонските компании. Секако во вакви турбулентни времиња најзначајни се веќе воспоставените партнерства со клиентите, свртување кон локалниот пазар и изнаоѓање на иновативни алатки и решенија за продажба и развој на нови производи и услуги.

Кои се во овој поглед клучни стратегии кои вие како деловна заедница од металната и електро индустрија ги планирате за во иднина?

Економската криза која настана како резултат на КОВИД пандемијата многу едноставно на сите ни укажа на меѓусебната поврзаност и зависност на индустриите и компаниите од скоро целиот свет. Очигледно е дека некои трендови во индустријата се сменија и допрва ќе се менуваат, особено во делот на управување со синџирите на набавка, логистичките операции и развојот на нови производи. Ние како мала земја со ограничени ресурси и капацитети најпрво треба да се свртиме кон трендот на регионализација, односно зголемување на соработката со компаниите од регионот. Економската историја ни покажува дека компаниите од Европската Унија на нас гледаат повеќе како на регион, отколку како одделни релативно мали земји и економии. Сите земји од регионот заедно по бројот на жители не се ни колку половина од една Германија на пример, а Германија е број еден наш трговски партнер во изминатите две децении. МАМЕИ уште пред две години започна чекори во овој правец, со подигнување на бизнис настанот Macedonian Manufacturing Expo на регионално ниво, односно со вклучување на компании од соседните земји.

Втора работа кон која мора да се насочи домашната метална и електро индустрија е фокусирање повеќе кон полуготови и готови производи, наспроти класични услуги и аутсорсинг. Само преку континуирано вложување во развој на нови производи, можеме да постигнеме побрз економски раст и да фатиме чекор првенствено со земјите од Европа, а и од светот. Преку ваков тип на активности, може да се развие поефикасен синџир на домашни добавувачи, синџир преку кој додадената вредност ќе остане во земјата и ќе служи како отскочна штица за многу компании од секторот, но и од други придружни сектори.

И трето нешто кое се покажа како клучно во минатата година е дигитализација на процесите на нашите компании, особено на маркетинг и продажните активности. Немањето можност да се патува, неодржувањето на физички саеми и бизнис средби не натера да се потпреме повеќе на ИТК решенијата за одржување на контакт и комуникација со постоечките партнери, но и пронаоѓањето на нови. Мораме да бидеме свесни дека во догледно време ќе бидат ставени под знак прашалник големите бизнис настани во Европа и светот. Компаниите ќе бидат принудени да направат најдобра можна дигитална стратегија за промоција на својот бизнис и стапување во контакт со нови клиенти.

Сите овие согледувања не носат кон еден заеднички содржател, а тоа е поголемо обединување на индустријата по квалитети, не само по квантитет, меѓусебна поголема соработка, редефинирање на постоечките бизнис, маркетинг и продажни планови и насочување кон специјализирано производство, односно искористување на постоечките технолошки и развојни капацитети (пред сè инженерски) во развој на нови производи и производствени линии и процеси.

Една компонента од поддршката на МАМЕИ е насочена кон развој на работна сила. Во таа програма се фокусираа на преквалификација и доквалификација. Проблемите тука се слични како и во секоја индустрија каде што недостига работна сила, а тоа е недостиг на спремни и квалификувани кадри кои веднаш може да бидат вклучени во производствениот процес.

Ова е можеби еден од најголемите предизвици пред кои е исправена нашата индустрија. Во последните години е сè поочигледен недостатокот на квалификувана работна сила во земјата како резултат на олеснетото одлевање на квалификувана работна сила во странство, претежно земјите од Европската Унија која се соочува со истиот проблем. Тука дополнително влијание има зголемување на бројот на компании во технолошко-индустриските развојни зони, растот на домашните компании, стареење на квалификуваната работна сила од металниот сектор како и намален интерес за овие професии кај младата популација – се ова доведе до ситуација на исклучително отежнување на пристапот до квалификувана работна сила, подготвена веднаш да одговори на барањата на компаниите.

МАМЕИ презема неколку активности на ова поле. Зголемување на соработката со ВЕТ центрите, започнување на програма за стипендирање на средношколците за време на нивното образование од страна на компаниите-ментори, започнување на првиот средношколски саем со ЕМУЦ 8 Септември.

Сепак, најмногу се фокусиравме на решавање на проблемот во директна соработка со компаниите, односно започнување на програми за преквалификација/доквалификација на работната сила во самите компании, односно на обука на работно место. Увидовме дека во немање на друго краткорочно решение, најдобро е да ги поддржиме компании во процесот на создавање на свој кадар, согласно своите конкретни потреби, производствени процеси и машински парк.

Преку програмите за преквалификација/доквалификација на самото работно место, МАМЕИ преку поддршката од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, во изминативе 2.5 години помогна да се одржат ваков тип на програми во 10 компании од асоцијацијата. При тоа обучени беа 99 невработени луѓе од кои 89 беа веднаш вработени во истите компании. Сето ова се случуваше во 5 различни градови во земјата, што укажува на тоа дека проблемот со недостигот на работна сила е присутен насекаде, без разлика дали е поголем или помал град.

Веруваме дека овој модел на краток и среден рок е најсоодветното решение со кое од една страна ќе се намали бројот на невработени лица во земјата, а од друга страна ќе се поддржи растот на самите компании. На долг рок пак, мора да се работи континуирано со средните насочени училишта и универзитетите, да се подобруваат нивните капацитети, да се промовира индустријата и можностите кои ги нуди.

Младите луѓе и секако нивните родители треба да се свесни дека овие индустрии допрва ќе се развиваат во земјата, ќе го модернизираат своето производство и деловни процеси и дека за тоа ќе им треба квалификуван и полетен кадар, кој ќе работи во одлични услови со можности за раст и развој и за тоа соодветно финансиски ќе биде стимулиран и награден.

Веруваме дека иднината младите луѓе треба да си ја планираат во Македонија и заеднички да помогнеме да се изгради една модерна држава со услови за живеење и работа како во земјите кон коишто стремиме.

Госпоѓа Грнарова, освен што сте прв човек и основач на МАМЕИ вие првенствено сте сопственик и менаџер на најпознатата компанија за заварување во Македонија „Завар“. Кажете ни какви придобивки гледа Вашата компанија од членувањето во МАМЕИ и здужувањето со останатите компании од секторот?

Компанијата Завар постои веќе 33 години и е етаблирана на домашниот и на повеќе меѓународни пазари како производител на процесна опрема од не’рѓосувачки челик и експерт од областа на заварувањето. Завар е извозно ориентирана компанија веќе 15 години и со самото тоа често присутна на меѓународни саемски манифестации и слични бизнис настани. Во самиот тој процес на приближување кон извозните пазари и комуникација со потенцијални клиенти сама по себе се наметна потребата од здружување, поаѓајќи од фактот што доаѓаме од мала земја, мал пазар, компаниите се релативно мали со прилично ограничени капацитети и буџети за промоција. При тоа здружување на одредени технологии, експертиза од различни области и здружување на капацитетите со сродни компании овозможува конкурентност при преземање на поголеми и покомплексни проекти, а истовремено можност на самите компании за фокусирање и развој во една одредена област.

Во ситуација на зголемена конкуренција, намалена побарувачка, брз развој на технологијата и забрзан процес на дигитализација за пост Ковид ерата, флексибилноста е најважната карактеристика која ние како македонски компании треба да ја валоризираме во периодот што следува.

Придобивките за Завар како компанија се истите како и за која било од компаниите членки. Пред сè интензивирање на соработката со домашните компании од секторот преку градење на стратешки партнерства, заеднички настапи на проекти, заедничко претставување на саеми, зголемување на фреквенцијата и учеството на Б2Б настани а со тоа зголемени шанси за наоѓање на нови купувачи.

За мене лично, особено како жена во оваа индустрија најдрагоцен успех е промената на свеста кај голем дел од компаниите и подигањето на нивото на доверба и комуникација помеѓу компаниите од секторот што според мене е една многу важна основа за понатамошен долгорочен развој на индустријата на национално ниво.

Искуствата и од претходните големи кризи низ историјата потврдуваат дека за многумина овие кризи се и шанса, за оние кои истите можат да ги видат.

Како кризата се одрази врз Вашето работење? Кои се Вашите планови за во иднина?

Би се согласила со првата констатација делумно, најмногу од аспект на правење на брзи профити што секако не е апликативно за металната индустрија. Некои принципи можеби сепак можат да се применат и на нашата индустрија и тоа за компании кои во минатото инвестирале долгорочно и се во можност дел своите делувања да ги насочат визионерски во услови на пандемија, што не е воопшто едноставно. Со други зборови, само компаниите кои имале добро поставени процеси, производи, развој, партнерства со клиенти и се во состојба да бидат доволно флексибилни за да можат истовремено да одговорат на ударите од кризата, но и располагаат со доволно ресурси за долгорочни инвестиции на сите полиња ќе можат пред сè да опстанат и во иднина на постигнат одреден развој.

Со почетокот на кризата до израз дојде особено и степенот на дигитализацијата на компанијата така што компаниите кои веќе имаа инвестирано во своите дигитални процеси имаа предност и помалку тешкотии во однос на следење на процесите, релациите со клиентите на далечина, контрола на снабдувачките синџири, оптимизирање на операциите од производството и контрола на трошоците.

Компаниите со добра кондиција периодот на забавување на производството имаа можност да го искористат за подобрување на процесите во компаниите, развој на човечки ресурси како и развој на нови производи.

Во овој контекст семејните бизниси имаат предност пред сè во фокусирањето на долгорочни цели или квалитативни придобивки наспроти брзи профити.

Минатата година Завар успеа да ги продлабочи односите со постоечките клиенти, да придобие неколку нови извозни и домашни клиенти, да извезе на четири различни континенти, да инвестира во човечки ресурси и нивен развој, да спроведе подобрувања во процесите и унапредување на дигиталното работење и благодарение на поддршката од ФИТР да инвестира во развој на нов производ за кој во следниот период ќе бидат достапни повеќе информации.

И покрај тоа што 2020-та беше тешка година за сите особено нè радува фактот што успеавме да бидеме добитници на престижната награда за дизајн German Design Award за 2020 која ја доделува German Design Council за дизајн на производ.

На иднината гледам секогаш со доза на оптимизам кој е базиран на претходна работа и инвестирање. Сметам дека нашиот регион и понатаму ќе има големи шанси за развој во сегментот на металната индустрија, но пред сè компаниите треба да инвестираат долгорочно во знаење, унапредување на човечки ресурси, производи и услуги со цел да произведат поголема додадена вредност како предуслов за долгорочен раст и развој.

Годинава завршува поддршката на МАМЕИ од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Имате ли стратегија за натамошниот развој на Асоцијацијата, како субјект кој дава сериозна поддршка на компаниите од маталната и електро индустријата?

Како што спомнавме погоре, соработката со Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем ни даде друга димензија во работата на МАМЕИ. Зголемувањето на капацитетите на организацијата, првенствено кадровски и во однос на услугите кои ги пружа на своите членови, не позиционира на многу повисоко ниво во однос на 2018 година. МАМЕИ во овие години започна соработка со повеќе домашни и интернационални организации со кои планираме да ги продолжиме активностите и во иднина. Секако, размислуваме и за воведување на нови активности во самата организација, со кои ќе се зголеми и можноста за аплицирање на инструменти и програми од Европската Унија, секако партнерски со организации од земјата, регионот и Европа.

Специфична нишка во работењето на кластерските организации низ целиот свет, односно нивниот раст и развој е потребата од поддршка од проекти, донатори и/или државни институции. Групациите и асоцијациите како МАМЕИ првенствено се насочени кон поддршка на своето членство, а потоа во развивање на комерцијални услуги, иако овие чекори некогаш паралелно.

Искуството кое го стекнавме во изминатите 2.5 години во поглед на менаџирање на проекти од надворешни донатори и партнери, целиот процес на подготовка на различен тип на извештаи, анализи, планирање и буџетирање на активности и нивна реализација ги подигна капацитетите на МАМЕИ. Покрај нашите секојдневни активности, максимално сме посветени и на истражување и аплицирање на нови проекти, преку кои ќе можеме да ги продолжиме сите иницијативи кои сме ги започнале, како и да започнеме нови.

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!