Кирил Анчевски, човекот кој од домашен зеленчук направи иновативен и модерен бренд, Food Bar!

- Advertisement -

Свежите салати на македонскиот бренд Food Bar ќе го освојуваат регионот

Food Bar е првиот македонски бренд на свежо подготвени салати и производи во спакувана форма. Беби руколата, спанаќот, ајсберг, цвекло, никулци, различните миксови, но и органски домат, компир, цреши, кајсии … се веќе добро препознатливи во речиси сите поголеми маркети низ земјата, HORECA мрежата и кетеринг компаниите. Салатите на Food Bar се измиени, спакувани и подготвени за консумирање.

- Advertisement -

Кирил Анчевски, основач и сопственик на Food Bar во интервју за Иновативност го најавува и најновиот производ на компанијата, водени од идејата „салата 24/7“, а тоа се оброк салатите во кои ќе бидат вклучени и прибор, додатоци и сосови. По брендот на Food Bar наскоро ќе се појави и нова линија, која во светот е број еден хит за кулинарскиот сектор, а тоа се микро билките. Анчевски вели дека нивната цел, покрај тоа што на своите клиенти им обезбедуваат секогаш свежи продукти, е и едукацијата за придобивките на здравата храна и консумирањето свежи производи.

Разговараше- Сања Наумовска

- Advertisement -

Кирил, кажете ни нешто повеќе за Food Bar!

Целата идеја за воведување на индустријата на свежо сецкани салати започна да се развива кај мене во 2014-та година, кога половина година живеев во Америка. Таму ме воодушеви динамичното функционирање на луѓето, а паралелно со таа динамика и нивниот здрав начин на живот и изглед. Направив кратка анализа за нивните навики и начин на функционирање и увидов дека голем дел од луѓето се прехрануваат со свежи салати подготвени за консумација. Така, приказната на Food Bar започна во 2016 година, и од ден на ден се трудиме да прераснува во сè поуспешна и поамбициозна. Секако, сето тоа стана возможно со претходно добро склопен бизнис план, сериозна тимска организација, одлична комуникација со мрежата на соработници, како и со голема поддршка од семејството и пријателите.

- Advertisement -

Тимот на Food Bar започна со осум вработени, а во моментов е зголемен и со 13 нови вработени во административниот дел, како и во сегментите за производство и дистрибуција. Food Bar како компанија соработува со 30 локални снабдувачи на свеж зеленчук и овошје, кои се главната поддршка и основа на нашите производи.

Каков тип на производи се продаваат под брендот Food Bar?

Главниот тип на производ се секако салатите, но неминовни се секако и останатите видови на свеж зеленчук и овошје, кои се достапни во склоп на шарената палета на Food Bar.

Најпрепознатливите производи се  салата „Италиана“, беби рукола салата, ајсберг, рукола, фамилијарна салата, микс салата – зелка&морков, беби микс салата, цвекло салата, валериана, беби спанаќ, мини Романа, како и пакувањата со никулци од дајкон, црвена зелка, цвекло, алфа-алфа, од брокула и лук, потоа, спанаќ, свежи печурки, тиква… Секако експоненцијално се зголемува и побарувачката за линијата „органско“ на Food Bar која вбројува органски домат, компир, малини, цреши, киви, кајсии, праски, грозје и органски краставици. Како една од идните цели на Food Bar, на која активно се работи, е на што поголем дел од своите линии на производи да се трансформираат во производи од органско потекло. Во секој случај тоа е она кон кое целат и потрошувачите, а и продажната мрежа – посебно по случувањата на глобално ниво во изминатата година, светот е дефинитивно уште повеќе насочен и фокусиран кон своето здравје и здравиот начин на исхрана.

Особено сме горди на најновата линија на свежи печурки, бидејќи дел од производите се иновативни на пазарот. Во соработка со нашиот партнер од Србија, на македонскиот пазар за прв пат ќе донесеме кафени шампињони, шампињони за полнење, сецкани шампињони, како и миксови на сецкани печурки за рижото и останати гарнири во оброците и тоа микс од шампињони, шитаке и буковка.

Каде можат потрошувачите да ги најдат салатите на Food Bar?

Од почетокот па досега, портфлиото постојано се зголемува. Салатите се веќе пласирани во сите поголеми малопродажни објекти и ланци на супер-маркети и маркети во земјата, во реномирани онлајн продавници специјализирани за достава на производи, а секако еден  дел од производите на Food Bar се позиционирани и во HORECA секторот, во голем број на хотели, ресторани и кетеринг компании низ Македонија. Конкретно, во малопродажните локации, Food Bar производите можат да се купат во Tinex маркети, Vero маркети, КАМ маркети, Ramstore маркети, Рептил маркети, La Noi, Монтенегро маркети,  VIVA Fresh Store маркети, TI-DI Frutti, Мое Пазарче, Елида маркети, Super Kit-Go Маркети, Зендолино маркети, Мега маркет Струмица, S-53, MISA, Tamaro, ATBA, и Ками маркети. Онлајн можат да се нарачаат преку соработниците за е-нарачка и достава т.е. е-продавницата на е-Tinex.mk, како и онлајн продавницата Paket.mk. Иако почетокот на пандемијата во 2020-та влеа страв за иднината на многу бизниси, сепак со многу вложен труд и упорност, годината ја завршивме со 100 отсто зголемување на продажбата споредбено со истиот период од претходната година. Нешто кое нè охрабри да продолжиме со реализација на идните планови, но и да инвестираме во развој и зголемување на капацитетите на компанијата.

Иако почетокот на пандемијата во 2020-та влеа страв за иднината на многу бизниси, сепак со многу вложен труд и упорност, годината ја завршивме со 100% зголемување на продажбата

Спомнавте дека соработувате со триесетина локални производители. Што набавувате од нив?

Поголемиот дел од репроматеријалите на Food Bar е произведен исклучиво на македонско тло, како целосно македонски производ. За истото да е возможно, имаме одлична соработка со професионални локални производители на свеж зеленчук и овошје, од кои дел и на органски свеж зеленчук и овошје, чиј број од почетокот па досега постојано се зголемува. Постојано внимаваме на високото ниво на квалитет на произведениот зеленчук и овошје, кои се одгледуваат во чисти и соодветни услови. Квалитетот на производите е еден од најглавните столбови на имиџот на Food Bar. Дополнително, миксовите на одредени салати вклучуваат во составот зеленчук кој во одредени периоди од годината го нема во Македонија, па поради таа причина дел од репроматеријалите ги увезуваме од италијанскиот и грчкиот пазар.

Како потрошувачите ги прифаќаат производите на Food Bar? Што најмногу бараат тие?

Купувачите најмногу бараат практичност, свежина и достапност или салати и производи кои се пријатели на нивното здравје и време. Имаме многу чести случаи кога залихите во маркетите се трошат експресно брзо. Најбарани се фамилијарната и микс зелената салата, поради најпрепознатливиот класичен состав кој може да се употреби во скоро секој познат рецепт за салата. Но, со помош на дигиталните и традиционалните медиуми, како наш главен и основен канал за информирање, ние и ги едуцираме и за нутритивната вредност и придобивки на секој вид на салата и производ, кој можат да го најдат на рафтовите во најблискиот маркет или онлајн продавница, притоа кршејќи ги стереотипите и табуата за различните видови на салати. Еден од најголемите предизвици во денешно време е како да се храниме здраво, а сепак да не губиме премногу време при подготвување на здрави оброци во било кој дел од денот. Оттука изникна и идејата за слоганот и мотото на Food Bar, – „Кога времето е кусо“.

За да ја реализираме целта и за да ги таргетираме потрошувачите и купувачите и вон Македонија, преку извоз на производите на Food Bar, креиравме специјална стратегија за имплементирање на нова специјална машина за пакување под инертен гас, познато и како модифицирано атмосферско пакување (MAP – modified atmospheric packaging), со која моментално на пазарот Food Bar салатите се единствените измиени, спакувани и подготвени за консумирање. Производите на Food Bar сега можат уште подолго да ја задржат својата свежина и нутритивни вредности, а ги исполнуваат и интернационалните стандарди за заштита на храната. Во светот, оваа практика е задолжителна во fresh-cut индустријата, па токму затоа континуирано апелираме потрошувачите да внимаваат на овој параметар кога избираат свежо спакувана салата.

Споменавте дека планирате да ги освојувате и пазарите надвор од Македонија. Кaде се извезуваат салатите на Food Bar?

Една од зацртаните цели, која полека ја реализираме, а и прошируваме, е пласирањето на Food Bar и на косовскиот пазар, поточно во косовските ланци на супер-маркети, како и во HORECA мрежата во Косово, одлука која се покажа како добар показател за дополнителен успех и препознатливост и вон македонските граници. Салатите на Food Bar во Косово се достапни и под брендот Doni Fruits во маркетите на Viva Fresh Store. Секако, главната цел ми е Food Bar да прерасне во најпрепознатливиот бренд и избор број еден за свежи салати и свежо подготвен зеленчук и овошје за носење во регионот, а понатака и пошироко, како и синоним и зелено потсетување за здрав начин на исхрана и постојана и секојдневна грижа за здравјето на многу едноставен и брз начин. Регионалната мрежа каде што се достапни Food Bar производите ќе ја прошируваме постепено, а во иднина може да се очекува зголемување и во други соседни земји.

Покрај освојувањето на нови пазари, кои се вашите други планови, во кој правец ќе се развива Food Bar?

Сакам да потенцирам дека од првиот ден на функционирањето на Food Bar бев свесен дека нашата најголема задача и цел е да ги менуваме навиките на луѓето кон подобар и поздрав начин на исхрана и живот генерално. Токму затоа сиве овие изминати шест години континуирано се трудевме да ги подобруваме производствените капацитети со воведување на машини со најнова технологија, благодарение на кои имаме европски производ. Во моментот сме во фаза на последни подготовки на внесување новитет во понудата на Food Bar, најмногу за оние кои немаат дополнително слободно време за приготвување на нашите досегашни салати. Идејата ни е „салата 24/7“, односно нова линија на оброк салати во кои ќе биде вклучено прибор, додатоци, сосови и салати. Дополнително на нашите потрошувачи им најавуваме дека за брзо на пазарот ќе се појави и нешто што во светот е број еден хит за кулинарскиот сектор, а тоа се микро билките.

Сподели!
- Advertisement -