37.8 C
Skopje
вторник, јули 27, 2021

„Мини Ирина Тошева“ е првиот бренд облека за миленици направена од текстилен отпад

Kabtel desktop

Подетикета на младата дизајнерка Ирина Тошева, насловен како Мини Ирина Тошева ќе биде првиот бренд облека за миленици кај нас, што ќе се изработува од текстилен отпад. Идејата ќе се развива како еден од победниците на годинешниот натпревар на зелени идеи на АРНО, но и како концепт кој треба да укаже на проблемот со огромните количини отпад од текстилната индустрија.

Ирина вели дека одржливоста е повеќе од „зелен концепт“ за заштита на животната средина и грижливо трошење на ресурси, односно незагадување и рециклирање. Вистинската одржливост е холистичка, кревка рамнотежа помеѓу три различни столба: еколошка, социјална и економска.

Разгвараше – Сања Наумовска

Ирина, објасни ни го подетално твојот концепт Мини Ирина Тошева, со кој што стана победник на натпреварот на зелени идеи на АРНО.

Се работи за изработка на подетикета Мини Ирина Тошева, што ќе биде линија на облека и додатоци за миленици. Локалното производство ќе биде базирано на одржливост и решавање на проблемот со текстилен отпад, што ќе биде главен ресурс во изработката. Во процесот на изработка и транспортот на производите ќе учествуваат маргинализирани лица и лица со ниски животни примања. Целата комуникација со јавноста ќе биде фокусирана во подигнување на свеста за правата и благосостојбата на животните, преку активно вклучување на граѓанските организации и локални шелтери.

Како дојде до оваа идеја и до моментот да ја пријавиш на конкурсот на АРНО?

Идејата за Мини Ирина Тошева не е нова, но го чекав вистинскиот момент. Во нашата земја не постои ниту еден моден бренд за миленици, а и јас лично како купувач често имам проблем да ја најдам соодветната облека за мојата Мини. Работите речиси секогаш морам дополнително да ги модифицирам, потеклото најчесто е непознато, материјалите не се соодветни и квалитетот е слаб.

Како дел од првата генерација на Балканската Зелена Академија во организација на Balkan Green Foundation на предавањата честопати се споменуваше овој конкурс со кој бев запознаена и претходно, и годинава решив дека сум подготвена да аплицирам.

Како дизајнирањето на облека може да се вклопи во зелените текови и одржливата и циркуларна економија, кај нас и на светско ниво?

Одржливоста е повеќе од „зелен концепт“ за заштита на животната средина и грижливо трошење на ресурси, односно незагадување и рециклирање. Вистинската одржливост е холистичка, кревка рамнотежа помеѓу три различни столба: еколошка, социјална и економска. Само со нивно деликатно пресретнување може да ја постигнеме. Ако еден столб е слаб, немаме одржлива индустрија.

Одржливата мода не подразбира исклучиво користење рециклирани и еколошки материјали и заштеда на вода, туку и размислување за благосостојбата на работниците. Вклучен е целиот ланец на снабдување и преработка, од производителот на предива, до користењето на производот од купувачите. Одржливоста подразбира да нема преголема потрошувачка или прекумерно производство, одржување на сè до нивото на неопходност, а исто така размислување за грижата за облеката и нејзиниот живот потоа.

Додека да се пронајдат соодветните и лесно достапни начини на рециклирање сѐ повеќе се посветува внимание на циркуларноста, односно продолжување на „векот на траење“ преку пренамена, поправка и адаптибилност на производот. Мултифункционалноста на спектарот производи од Мини Ирина Тошева и квалитетните материјали и начини на изработка ќе нудат долготрајно користење и можност за придобивки при враќање на производот по неговото користење, кој ќе биде поправен и/или пренаменет.

Фото Ерина Богоева

Твојот бренд го градиш веќе некое време, а сега ќе се прошири и со создавање облека за миленици. Што планираш да креираш и за кои животни?

За време на пандемијава вдомив уште еден миленик и нивното друштво го сметам за најзаслужно што ми помогна да го задржам „здравиот разум“. Оваа подетикета е моето благодарам до нив 🙂

Парчињата ќе бидат изработени за миленици кои имаат вистинска потреба од топла облека, кога се ниски температурите. Дополнително ќе бидат изработени и најразлични додатоци, кои ќе бидат лесни за одржување и секојдневно користење.

Во моментов се работи на создавање услови за наесен да започнеме со работа на производите. Финалните датуми не се прецизирани, но првичниот план е официјалната промоција да биде до крајот на годината. Продажбата ќе се одвива прво на домашниот пазар, иако моделот лесно се реплицира и во други земји и заедници.  

Текстилната индустрија создава големи количини отпад, а во твојата идеја тоа е главен ресурс. Од каде ќе го набавуваш и какви материјали ќе се користат?

Просечното учество на текстилен отпад во земјата според Националниот план за управување со отпадот 2020-2030 е 4.7 отсто. Со години кружеше дезинформација меѓу модните дизајнери од текстилните кластери дека фабриките не можат да го отстапат отпадот, туку тој мора да биде уништен. Годинава по блиска соработка со Царинската управа по моја иницијатива, преку македонскиот огранок на Fashion Revolution беше споделено со јавноста и засегнатите страни за начините околу царинење на отпадот и како тој да се преземе од фабриките или државата. На тој начин ќе се снабдуваат материјалите за оваа подетикета. Материјалите кои недостасуваат ќе бидат набавени од локални магацини. Целиот процес на снабдување ќе биде транспарентно објаснет во етикетата на производот, е-продавницата и маркетинг комуникацијата со јавноста.

Планирано е и вработување и вклучување на лица од тешко вработливи категории. Кои се тие и какви работни места ќе добијат?

Ќе биде осигурано дека процесот на изборот на ангажирани и вработени лица нема да врши дискриминација и ќе дава предност на „тешко вработливи“ категории. Ќе бидат вклучени во процесот на изработка и транспорт на производите.

Брендот ќе донира и ќе помага и на шелтери за напуштени животни.

Ќе биде изработена специјална колекција производи со што со секој купен производ се донира ист таков во локална организација за заштита на животните или шелтер.

Преку комуникацискиот приод и активностите за промоција ќе се дискутираат можности за унапредување на политиките и законите и подигнување на свеста за правата и благосостојбата на животните преку активно вклучување на граѓански организации и локални шелтери.

Фото – Александра Костадиновска

Како победник во Македонија, кои се твоите желби врзани со регионалниот натпревар на зелени идеи?

Мојата желба е да ја претставам идејата во најдобро светло и добијам поддршката од жири комисијата. Да запознаам зелени ентузијасти и претприемачи со кои во иднина би можеле да соработуваме, инспирираме и поддржуваме на регионално ниво.

Речиси една деценија го градиш твојот моден бренд. По што е препознатлив меѓу клиентите?

Ателје Ирина Тошева е во својата деветта година. Препознатлива сум по тоа што излегувам од класичното поимање на модата како примарно естетска и навлегувам во општественото, етичкото и еколошкото поимање, создавајќи облека која е многу повеќе од чисти линии и следење на трендови. Презентираме една-две модни колекции годишно во лимитирани единици, изработуваме облека по мерка, костимографија за театарски претстави, реклами и спотови. Едуцирам идни модни дизајнери како да работат одржливо уште од почетоците, во најразлични проекти.

Работата на брендот е заснована на Агендата 2030 на Целите за одржлив развој. Користам еколошки материјали, алтернативи на памукот и материјали со различни сертификати со кои се потврдуваат еколошките, токсиколошките и социјалните критериуми. Склучувам партнерства со различни организации, вклучувајќи маргинализирани лица во презентациите и кампањите и обединувајќи креативни дејци и индустрии во изработката на колекциите.

Моите колекции се скоро секогаш дел од Моден викенд Скопје и модните недели низ Европа.  Активна членка сум на македонскиот огранок на Fashion Revolution каде што се залагаме за модна индустрија што еднакво ги вреднува човечкиот капитал, животната средина, креативноста и профитот. Во 2019 ја добив наградата „Предводници на Целите за одржлив развој“- Млади бизнис лидери од компании до 35 години, кои преку своето работење ги промовираат целите за одржлив развој и придонесуваат кон нивно реализирање.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •