-8.2 C
Skopje
четврток, јануари 20, 2022

Во основните училишта во Аеродром ќе се постават фотоволтаици

Kabtel desktop

Во сите осум основни училишта на територијата на општина Аеродром ќе бидат поставени фотоволтаици со кои ќе се зголеми енергетската ефикасност и ќе помогнат дел од градинките да се снабдуваат со струја, информираше градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски за проектот кој почна да се реализира во ООУ „Александар Македонски“.

-Имаме намера да продолжиме со реализација на овој проект, да ги опфати сите градинки во идниот период, но исто така и други јавни објекти кои планираме да ги градиме на територија на општина Аеродром, а кои се од капитално значење, изјави Муцунски, кој го посети училиштето со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Соопшти и дека минатата недела е потпишан договор со Канцеларијата на Европската Унија во Скопје за проект вреден над 800.000 евра за селекција на отпад и очекува, како што рече, Аеродром да стане пионер во областа на селекција на отпад со поддршка на ЕУ.

Нагласи дека се сериозно посветени на проекти за заштита на животната средина и користење обновливи извори на енергија кои ќе ја направат Аеродром модерна општина.

Лидерот на партијата Мицкоски истакна дека наскоро проектот ќе биде во функција и е сигурен дека и другите општини предводени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ ќе инсталираат фотоволтаици со што, рече, драстично ќе ги намалат трошоците за електрична енергија.

Нивните избрани градоначалници се оставени, рече, „на милост и немилост од нивните претходници кога станува збор за сметките за електрична енергија“, поради тоа што снабдувачите трговци со струја еднострано ги раскинале договорите со општините.

-Автоматски тие приоѓаат на снабдување кај универзалниот снабдувач ЕВН Хоум и цените се драматично високи. Практично, за еден месец тие се колку што до сега биле годишните сметки. Затоа, ваков тип инсталации може само да ги намалат тие трошоци и да помогнат во обезбедување со струја на објекти од јавен интерес, додаде Мицкоски.

На новинарско прашање за достапноста за медумите на новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, Мицкоски одговори дека треба да и се остават првите сто дена од мандатот, а потоа, рече, ќе има многу што да се каже за она што го наследила од претходникот Петре Шилегов.

-Јавноста и тоа како ќе се занимава за тоа што оставил нејзиниот претходник и со тоа ќе се занимаваат и Обвинителството и другите органи на државата. Бидете трпеливи, а ние ќе бидеме достапни за медиумите, рече Мицкоски.

Во врска со проектот за брз јавен транспорт (БРТ) во Скопје, кој го најави Шилегов, а Арсовска има намера да го стопира, Мицкоски одговори дека го оценува со најниска оценка техничкото решение прифатено од претходниот градоначалник. Според него, нема план за трасата и како ќе се урива мостот што ги поврзува Карпош 4 и Влае.

-Но среќа, луѓето од ЕБОР, кој обезбеди средства за овој проект, се разумни и убеден сум дека ќе останат и во иднина, и со мали корекции, но и со суштински измени на тој проект, средствата сепак ќе бидат тука и скопјани ќе го добијат тоа што го заслужуваат, а не тоа што некој се обидел да им го наметне, рече Мицкоски.


Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!