-7.2 C
Skopje
четврток, јануари 20, 2022

CodeWell на Нино Карас работат на првиот македонски дигитален асистент. Зборува три јазици и работи нон-стоп во име на државните институции!

Kabtel desktop

Компанијата CodeWell создаде дигитален асистент што ќе биде достапен 24 часа секој ден и во име на државните институции ќе одговара на прашањата што ги интересираат граѓаните. Асистентот ќе разбира македонски, албански и англиски, ќе биде достапен во четовите на Web, Facebook Messenger, Viber и ќе може да одговори на сите прашања во било кое време, без шетање од едно до друго место и без воопшто потреба граѓаните да ја посетат таа институција.

Нино Карас, CEO и ко-осоновач на CodeWell, во интервју за „Иновативност“, вели дека дигиталниот асистент ќе им помага на граѓаните при аплицирање за повици и програми, ќе им помогне да ја проверат својата подобност, ќе ги потсетува за рокови и настани, ќе помогне при спроведување на приговори и предлози, но и ќе има улога да ја промовира нашата држава како погодна дестинација за инвестирање пред странските инвеститори.

Разговараше – Сања Наумовска

Г-дин Карас, објаснете ни го вашето решение дигитален асистент за државни институции.

Користејќи ја CodeWell AI технологијата ќе развиеме напреден дигитален асистент за потребите на програмите за државна помош на владата реализирани преку Планот за економски раст, кои се спроведува од неколку различни државни институции. Дигиталниот асистент ќе биде истрениран да ги зборува македонскиот (на кирилица и латиница), албанскиот и англискиот јазик со многу висока прецизност, притоа овозможувајќи комуникација налик разговор со реален човек. Граѓаните и потенцијалните странски инвеститори ќе можат да разговараат со асистентот преку разменување на текстуални пораки, на било кој од овие три јазика.

Тој ќе биде достапен 24/7 и ќе може да услужува неограничен број на граѓани истовремено. Со цел да се донесат услугите на државните институции, кои ги имплементираат програмите преку Планот за економски раст, поблиску до граѓаните и потенцијалните инвеститори, асистентот ќе биде достапен на три канали: Web, Facebook Messenger, Viber. На тој начин, асистентот ќе биде подеднакво добар и за оние корисници кои не се толку умешни со технологијата, бидејќи се што треба да направат е да прашаат за тоа што им е од интерес без притоа да ја напуштат омилената чет апликација која веќе ја користат. Проектот за дигиталниот асистент за државните институции кои ги имплементираат програмите преку планот за економски раст започна на 15-ти декември.

За каква технологија се работи, како функционира асистентот?

CodeWell AI (www.codewell.ai) е напредна технолошка платформа која овозможува креирање на паметни дигитални асистенти. Асистентите направени со CodeWell AI можат да го зборуваат и разбираат било кој јазик со многу висока прецизност и можат да бидат истренирани како експерти во било кое поле. CodeWell AI асистентите можат да зборуваат повеќе јазици истовремено, како и повеќе дијалекти по даден јазик. Тие можат да го препознаваат контекстот на конверзацијата и можат да ги одговараат сите последователни прашања кои ги имаат корисниците.  Дигиталниот асистент кој го развиваме во рамки на проектот ќе има за цел да им ги одговори сите прашања на граѓаните поврзани со програмите за државна помош кои се имплементираат од неколку различни институции. Покрај тоа тој ќе помага на граѓаните при аплицирање за повиците и програмите, ќе им помогне да ја проверат својата подобност, проактивно ќе ги потсетува за рокови и настани, ќе помогне при спроведување на приговори и предлози, но и ќе има улога да ја промовира нашата држава како погодна дестинација за инвестирање пред странските инвеститори, нудејќи помош и асистенција за сите информации, регулативи и закони кои им се од интерес.

Кои се бенефитите кои ќе ги имаат граѓаните во комуникацијата со државните институции преку ова решение?

Дигиталниот асистент ќе им биде достапен на граѓаните во било кое време и ќе биде спремен да услужи неограничен број на граѓани истовремено. Тој ќе може да им понуди на граѓаните чекор по чекор асистенција на мајчиниот јазик, како и да ги одговори сите прашања поврзани со програмите за државна помош. Тоа значи дека граѓаните ќе можат веднаш да добијат одговори на нивните прашања во било кое време, без непотребни трансфери меѓу оддели и институции, всушност без воопшто потреба да ја посетат соодветната институција.

Каде се гледа примената на оваа платформа, за кои институции е најдобро да се имплементира?

CodeWell AI дигиталните асистенти овозможуваат рационализaција на процесите и автоматизација на комуникацијата со голем број на корисници. Преку имплементација институциите прескокнуваат неколку фази и добиваат најнов степен на дигитализација. Всушност, институциите воведуваат персонален “шалтерски работник” кој е достапен во секое време на граѓанинот во рамки на неговата омилена chat апликација. Притоа дигиталниот асистент ќе може да понуди чекор по чекор асистенција, да ги води корисниците низ процесите и да одговори на сите прашања поврзани со услугите на соодветната институција. 

CodeWell AI дигиталните асистенти носат огромна вредност за сите институции кои имаат масовна комуникација и интеракција со граѓаните. Колку поголеми гужви во институцијата толку поголема вредност ќе донесе дигиталниот асистент и за граѓаните и за институцијата. Замислете кога институции како УЈП, Централен Регистар, МВР и останати би имплементирале сопствен дигитален асистент, па наместо граѓаните со часови да чекаат на шалтерите на институцијата, да можат да си извадат документи од потврди за платени даноци, имотни листови, изводи преку Viber додека пијат кафе во некое кафуле.

Нино Карас, CodeWell

Дали имате веќе соработка со некоја институција, како тие се расположени за имплементирање на ваков тип на техниологија во работењето?

Нашата технологија веќе се употребува во повеќе различни индустрии како телекомуникации, банкарство, осигурување, здравство итн. 
Вообичаено нашите клиенти автоматизираат до 80 отсто од сите дигитални интеракции со крајните корисници преку CodeWell AI дигитален асистент. Тоа што ме радува е дека ова е првата имплементација на технологијата во државните институции кај нас, но и воопшто во регионот. Се надевам дека со низата на бенефити кои ќе ги донесе имплементацијата ќе послужи како позитивен пример за останатите државни институции, со цел побрза дигитализација на нивните услуги и подобрување на корисничкото искуство кон граѓаните.

Дали платформата ќе ја понудите и надвор од земјава?

CodeWell AI е веќе докажана платформа која се користи во повеќе различни индустрии и всушност повеќето наши клиенти се надвор од земјава. Единствена имплементација на технологијата во нашата држава во моментов е дигиталниот асистент Славчо на А1 Македонија, кој го автоматизира делот за корисничка поддршка на оваа компанија. За само неколку месеци по лансирањето компанијата успеа да автоматизира дури 73 отсто од сите дигитални интеракции со крајните корисници преку овој дигитален асистент: https://youtu.be/ptYzTZB8v9g

Од кога постои CodeWell и кои се вашите досегашни проекти?

CodeWell е компанија која е специјализирана во полето на вештачката интелигенција, со фокус на дигитални асистенти. Главната канцеларија ни е тука во Скопје, но имаме уште две канцеларии во Осло (Норвешка) и Њу Џерси (САД). Постоиме од 2011-та година и досега сме соработувале со многу светски познати брендови, а нашите продукти се имаат најдено и на страниците на светски познати магазини како Forbes, TechCrunch, VentureBeat и останати. За нашата работа во полето на дигиталните асистенти до сега имаме освоено неколку светски награди. Во 2016-та година ја освоиме наградата за Chatbot на годината во конкуренција со компании како Google, Slack, Duolingo и вооедно станавме првата компанија од Европа која ја има освоено престижната Product Hunt – Product of the Year награда во силиконската долина. Пред само еден месец со CodeWell AI го освоивме и 2-рото место на How To Web Spotlight, еден од најреномираните натпревари за технолошки стартапи во Централна и Источна Европа.

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!