Маре и Никола, пензионери од Скопје ја менаџираат најубавата еко-вила во Долно Дупени, Преспа

- Advertisement -

Долно Дупени, место на најубавите зајдисонца и живот на најјужната, затворена македонска граница низ призмата на еден пензионерски пар кој големиот велеград го замени за ова село.

Тоа е онаа точка, каде што Крале Марко се поткачил за да го види Малото Езеро на Преспа и толку му натежнал на тврдиот камен што се оцртало стапало големо речиси еден метар, ете токму таму е најјужната точка на Македонија. На граничниот премин Маркова Нога во Преспа. 

- Advertisement -

Патот кон селото Дупени, необјасниво ме потсетува на описите на Сара Груен во нејзината позната книга “Водениот брег” која е сместена во Шкотска.

И додека моите мисли се вртат по сеќавањата од книгата и една моја посета на езерото Лохнес и рурална Шкотска во делот на прекрасниот регион Хајлендс, гласот на навигацијата во колата ме потсетува дека сум во Македонија и дека треба да завртам за едно 200 метри во лево.  Зошто навигација, се чудите…а во Преспа сум? 

- Advertisement -

Зошто, еднаш одамна и тука, во овој последен агол на нашата Преспа, без навигација загарантирано го утнав вртењето, тогаш кон Брајчино и се шокирав кога одеднаш, среде пат, пред мене се појавија рампа и бодликава жица. 

Се сеќавам ми се појави и униформирано лице со куче-чувар….и не ме ни праша што барам тука. Веројатно поради навиката сите да заталкуваат токму до граничниот премин. 

- Advertisement -

И така, благодарение на навигацијата завртив кон Долно Дупени, до мојата одредница…да ја доживеам Вила Преспа одблиску.

Ме дочекаа парот Јосифовски…Маре и Никола, пензионери од Скопје, кои немале никаква врска ни со селото, ни со Преспа, но одлучија да го напуштат асфалтот и животот во големиот град точно пред пандемијата и на своите мирни денови од животот да им дадат нова смисла…па на оглас на Пазар3 барајќи да купат нешто што ќе им одговара, ја купуваат оваа куќа во Долно Дупени, која ја претвораат во автентичен проект кој би го сместила во светската класа на место, кое и по опис и по доживување ги задоволува сите критериуми на врвен агротуризам, налик на оние во северниот дел на Италија или јужниот на Франција.

Поминав неколку часови, со овие прекрасни луѓе кои зборуваат за едноставниот живот, малите и добри луѓе, за овчарите и собирачите на чај, за ловците и медарите, за летата тука и зимите тука… зборуваат за страста кон еден поинаков живот кој ги става на светската туристичка мапа, зошто за нив веќе пишуваат глобални травел блогери, светски новинари кои пишуваат за осмислен туризам и за ерата на новото нормално време, во кое мирот е сѐ.

Новинарка – Љубица Ангелкова

Како почна вашата приказна со Вила Преспа?

Ние сме семејството Јосифовски, сопственици на Вила Преспа. Да се скрати приказната, огромната пренатрупаност и загадувањето на воздухот во Скопје во последните години не натера да бараме викендица на село каде што можеме да здивнеме, но немавме баш очигледен успех во нашата потрага. Потоа дојде пандемијата на корона вирусот и тоа беше последната капка што резултираше со интензивна повеќемесечна потрага по вистинското место за селско одморалиште и за среќа ни се појави огласот за оваа куќа. Ја посетивме областа, ја видовме куќата, ни се допадна и ја купивме на почетокот на мај 2020 година.

Куќата беше семејна и изградена од цврст камен од локален човек кој поминал години работејќи во странство, се пензионирал во Долно Дупени со сопругата и водел мирен живот на земјоделец. Куќата беше градена со многу љубов. Кога почнавме да ги планираме работите за реновирање, стана очигледно дека освен како викендица, куќата со својата огромна големина може да му даде и на нашето семејство можност да ги сподели убавините на Преспа со посетителите кои сакаат да го истражуваат овој малку познат простор на Балканот, со што ќе дадеме шанса за постојаното отсуство на квалитетно автентично сместување во македонскиот дел на Преспа.

Од октомври 2020 година се изврши постепено реновирање на целиот имот, што резултираше со  лансирање на 4 гостински единици во октомври 2021 година, а преостанатите неколку соби треба да се отворат, се надеваме во 2023 година. Реставрацијата и реконструкцијата беа извршени од локалната градежна екипа заедно со нас самите, додека најголемиот дел од мебелот и внатрешните украси се локално рачно изработени. Во текот на целиот процес користевме само локални материјали.

Веруваме дека луѓето кои имаат страст кон патувањето, новите номади кои можат далечински да работат од било која точка не светот, заслужуваат да имаат уникатно искуство со престој во ова живо село, село со прекрасни добри луѓе кои би откриле дел од таа Terra Incognita во Европа, каква што е Македонија.

Со престојот во Вила Преспа, нашите гости ќе бидат подалеку од урбаната џунгла во која живеат, во нашиот недопрен рурален амбиент, каде животот сè уште продолжува како порано… едноставен и природен.

Дали имате корени од овој крај или…?

Немаме никаква релација со Преспа, локацијата беше случаен избор…

Колку бевте подготвени за авантурата да го напуштите Скопје и да се преселите и живеете во овој мирен крај?

За одлуката може да кажеме дека се случи на вистинско место и во вистинско време. Ја купивме на почетокот на корона кризата и затварањето во Скопје. И ни помогна многу полесно да ја пребродиме пандемијата со сите ограничувања, но и самите да се заштитиме. Така што навистина немавме никаква двојба околу преселбата. Овој крај има многу предности во однос на квалитетот на живеење во споредба со Скопје. Има чист воздух, недопрена природа, ретка населеност… Природата околу Долно Дупени е многу живописна. Во близина ги има можеби најатрактивните региони на Македонија (Охрид и Пелагонија), два национални паркови и преубави места за посета на граничниот регион со Грција и Албанија. 

Ги живеете вашите пензионерски денови, а кариерите во животот ви биле доста интензивни. Каква е таа промена и колку ви годи?

Ангажманот околу Вила Преспа, па и животот на село со секојдневни активности ни е повеќе од добредојдена промена во споредба со животот во затворен стан во Скопје.

Како ве прифатија жителите на Долно Дупени?

Бевме пречекани пријателски. Позитивно….луѓето тука се многу скромни и многу пријателски настроени. Веднаш штом се појавивме овде, добар дел од нив ни дојдоа на гости за да се запознаеме… Tие пријателства еве си траат веќе две години.

Вила Преспа не е обична вила за изнајмување. Опишете зошто сте поинакви?

Кога се планираше проектот сакавме Вила Преспа да биде b&b, но да биде препознатливо место по уникатност и по врвен комфор во рурален амбиент. Но и со најмало можно штетно влијание на околината, на што се обрна посебно внимание при конверзијата на објектот. Вградивме соларни панели, инвестиравме во третман на отпадни води, користевме локални материјали, применивме еколошка градба, до максимум го зачувавме ентериерот. Освен ова, за содржините и активностите кои ги нудиме за гостите имаме партнерство со соседни туристички и угостителски бизниси, како и локални водичи од овој крај на Македонија. Целта е да се анимира и инволвира и локалната заедница во нашата работа, со цел да постигнеме поголем локален импакт и што повеќе чинители да имаат видат бенефит од туризмот.

За Вас пишуваат на различни туристички форуми, магазини и портали….

Многу сме нови (октомври 2021), но вложуваме напори за туристичка промоција на Преспа како водечки регон за рурален еко туризам во овој дел на Балканот и тие напори почнаа да вродуваат со плод. Веќе се објавија прилози и репортажина неколку специјализирани онлајн магазини и платформи за еко туризам од Холандија и Норвешка (https://www.magasinetreisefot.no/opplevelser-og-nytelse-nord-makedonias-prespa/ ; https://www.naturescanner.nl/balkan/prespameer) а во најава имаме и посета на реномирани новинари и фотографи од Норвешка, со една цел да изградиме препознатливост на Норвешкиот, кој е еден од најатрактивните outgoing туристички пазари во Европа. Сакаме Преспа да стане дестинација за искусни патници и авантуристи кои вистински ќе го ценат нашето богато природно и културно наследство, а притоа да уживаат во врвниот комфор и автентична локална гастрономија во руралниот амбиент кој ги пружа Вила Преспа и другите мали сместувачки капацитети во околината.

Собите се декорирани во стил кој е спој помеѓу традицијата и функционалноста на современото. Кој ви помагаше тоа да изгледа во совршен спој?

Идеите се на целото семејство, но техничката изведба се должи на сопругата Маре која е архитект. Во собите сакавме да имаме што помала интервенција, па затоа се задржаа доста елементи од претходниот амбиент на семејната куќа (душемето, вратите, прозорците и скалите) кои се репарираа. Нормално, мораше да се направат и крупни промени, за секој апартман направивме и тоалети со тушеви. Собите имаат модерен декор со дискретни етно обележја со цел просторот да асоцира на локацијата, но пружаат и хотелски комфор (висока класа на постелнини, душеци, кафемати и минибар). Мебелот и декорацијата се минимал, изработени од масивно дрво, сакаме простор кој не е пренатрупан. Немаме телевизори и клима уреди, гостите треба да уживаат во времето поминато надвор во природа, на езеро или на планина и да имаат контакт со локалните жители, зошто тоа најмногу се памети од престојот.

Освен понудата да се спие во ова мирно преспанско село, нудите возење со точаци … 

Да, нудиме тури низ Преспа со и без водич со нашите хибридни велосипеди (за на асфалт и тврда подлога), а организираме и еднодневни планинарски тури низ нашиот дел од Баба, како и екскурзии со рибарски чамец до островот Голем Град. За гостите кои не се обожаватели на интензивни авантури, во зависност од сезоната може да организираме часови по готвење на традиционална храна, како и посета на локални фарми, овоштарници и бачила…. Во план ни се и специјализирани тури за набљудување на птици, Преспа е природен резерват, mount bike тури, но за тоа потоа https://villaprespa.com/well-being-in-prespa/

Ново во вашата понуда се ручеците и вечерите ал фреско кои започнувате да ги правите во одредени термини за заинтерсирани гости. Кој е концептот?

Малку гости, поконкретно 5 маси или 10 места, интимен амбиент во природа, свежа храна (ништо не се чува во фрижидер со денови или месеци). Фиксно сезонско мени од локална храна спарена со вина од семејни винарии, кое се менува периодично, во зависност од достапноста на намирниците кои ги набавуваме од нашите соседи. Само со претходна најава и booking на сајт или телефонски. Оваа понуда е од април до октомври, само за викенди од 12.00 до 18.00. За брзо ќе селдува најава на нашиот сајт и социјалните мрежи и ги очекуваме првите гости.

Имате прекрасно уреден двор, со огниште, со кујна под ведро небо…дали гостите можат да учествуваат во подготовка на храната?

Фокусот ни е на домашни готвени јадења, така да ако некој е заинтересиран за помош или часови за готвење, имаме и тоа.

Кои се вашите гости?

Нова генерација на патувачи и искусни туристи кои го пропатувале светот. Тоа се туристи кои сакаат искуствен туризам. не им треба само место да преспијат. Тоа се личности кои патувале многу  и нивните очекувања за нови искуства, чиста природа, пејзажи и места без туристичка гужва која е типична за туристичките локации по Европа, се големи. 

Тоа се личности кои патуваат во стил и очекуваат да платат и повеќе, за квалитетени, уникатни и незаборавни денови на некоја локација. 

Вилата изобилува со уметнички платна. Модерното сликарство е присутно, која е приказната околу ова?

Сопругот Никола, по професија е економист, но од 70-тите години е пасиониран аматерски сликар. Инспирацијата за апстракциите кои се насекаде низ Вила Преспа се од Мазев, Чемерски и Ворхол.

За што сонувате?

Би сакале и други луѓе да го следат нашиот пример во Преспа, со цел преку туризмот барем делумно да ни заживеат селата. Македонија има да понуди многу повеќе од живот во загаден и пренаселен град каков што стана Скопје. 

Сподели!
- Advertisement -