15.8 C
Skopje
вторник, октомври 4, 2022

Синиша Стефановски, најголемиот производител на малини: Почнавме да ја освојуваме Турција!

Kabtel desktop

Тетовското село Јанчиште, но и целиот Полог станува центарот за производство на малини во земјава. Компанијата LK Raspberry за само неколку години успеа да ги задоволи потребите на домашниот пазар, но и да произведе за извоз.

Синиша Стефановски, сопственик на компанијата е еден од ретките производители во земјава кој има однапред договорен откуп на целото производство по цена од која е задоволен. Тој вели дека бројот на производители и засадените површини постојано се зголемуваат, а со помош од партнерите од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем годинава инвестирале и во зголемување на капацитетот на ладилникот.

Новинар – Сања Наумовска

Синиша, кажете ни нешто повеќе за вашата компанија за производство на малини LK Raspberry. Со колку насади располагате вие и вашите кооперанти?

Многу сум задоволен што за само неколку години LK Raspberry и нејзините кооперанти станаа најголемите производители на малини во земјава, што ги задоволуваме потребите на нашиот пазар, а имаме и за извоз. Во последните две години постојано ги зголемуваме насадите, годинава LK Raspberry произведува на вкупно три хектари, а заедно со коопрерантите на кои им гарантираме откуп, годинава имаме засадено околу 13 хектари. Минатата година заедно произведовме 117 тони малини.

Сега соработуваме со 32 кооперанти кои веќе имаат насади подготвени за берба. Минатата есен ни се придружија уште тројца кои се уште не се подготвени за првата берба, но ќе бидат идната година. Бројот на кооперанти постојано расте, бидејќи им нудиме одлични услови. Откупната цена постојано расте, а откупот е загарантиран и однапред договорен. Имаме најава за уште десетина кои сакаат да садат есенва, со што сиот саден материјал кој ќе го призведеме ќе биде засаден. Тоа беше и мојата цел кога започнав со ова производство, што поголем број на земјоделци да го следат примерот и да го развиеме производството на малини во земјава. Тоа и ни успева. Единствено негативно е тоа што трпиме влијанија од промените во климата кои ни создаваат проблеми во производството.

Какви инвестиции се потребни за да се започне производство на малини?

На нашите кооперанти не им се потребни некои посебни инвестиции. Од LK Raspberry добиваат саден материјал и know-how, а од нашите партнери УСАИД секој доби систем за наводнување. Современите сретства за комуникација ни овозможуваат постојано да сме во контакт и да разменуваме информации за производството. Ги следиме садниците во реално време, излегуваме на терен и ги решаваме потенцијалните проблеми. Имаме загарантиран откуп од домашни и странски партнери, а нивниот број и постојано се зголемува. После малиот застој заради пандемијата, се враќаат некои партнери, како што е една компанија од Турција, која најави дека сака годинава да го откупи целото производство. Пламанот не ни е проблем, а тоа се должи на квалитетот на нашиот производ.

Објаснете ни го процесот на третман на малината, откако ќе биде набрана.

Малините веднаш се смрзнуваат и се чуваат во ладилник се додека не се транспортираат. LK Raspberry поседува ладилник со капацитет од околу 100 тони, кој минатата година ни беше мал, бидејќи произведовме околу 17 тони повеќе. Во соработка со УСАИД добивме грант од 80.000 долари, повторно инвестиравме и го зголемивме капацитетот со уште два ладилника за чување и со уште еден тунел за брзо замрзнување. Сега располагаме со простор за околу 400 тони малини.

Планирате ли и други инвестиции за подобрување на производството?

Подолго време работиме на набавка на машина за берење. Гледавме понуди од соседството, но тие машини се многу скапи, а и не ни одговараа сосема бидејќи се комбинирани за берење на повеќе видови бобинки. Заради тоа, започнавме соработка со иноватор од земјава со кој развивме машина по нашите потреби, која во меѓувреме и се патентираше. Со прототипот минатата година собравме 28 тони, а во меѓувреме LK Raspberry аплицираше преку ИПАРД за набавка на нова ваква машина. Го чекаме и новиот повик и уште седум коперанти кои произведуваат на површини на над еден хактар ќе аплицираат за истата. 

Што очекувате од новите инвестиции, како ќе допринесат за вашата компанија и кои се бенефитите за кооперантите?

До пред три-четири години земјава била зависна од увоз на малини, за што се трошеле девизи. За овој краток период успеавме со нашето производство да ги задоволиме потребите на нашиот пазар и да произведеме за извоз. Тоа значи дека, не само што не сме потрошиле пари на купување странски продукти, туку тие пари останале во земјава, кај нашите семејства. Јас имам деца кои сакам да пораснат овде и да не се отселат, туку да имаат сигурна иднина во татковината. Заради тоа сакаме да го прошируваме производството и понатаму, да го интензивираме извозот уште повеќе, тоа е нашата цел.

Споменавте дека се соочувате со последиците од климатските промени. Како ги надминувате?

Во последните две години се соочуваме со намалување на приносите заради влијанието на климатските промени. На почетоците од производството, кога LK Raspberry имаше садници на само 1,1 хектар, од таа површина доби принос од речиси 20 тони малини. За разлика од тогаш, лани, на пример, од засадени три хектари имавме принос од само 34 тони малини. Разликата е огромна, наместо да добиеме повеќе од 60 тони, ние произведовме 50 отсто помалку. Една од причините е што на малината не и одговарааат големите температурни промени во текот на денот и ноќта, кои во овој пролетен период се движат и над 20-25 Целзиусови степени. Приносот по хектар опаѓа веќе две години, што покажува колку се сериозни последиците од промените во климата кои ги трпи нашето производство и колку всушност мора сериозно да ги сфатиме овој предизвик. Проблемот го надминуваме со одржувањето на добра откупна цена и со договорениот пласман на целото производство.

Велите дека откупните цени постојано растат. Колку очекувате да добиете за килограм малини годинава?

Минатата година малините се откупуваа по цена од 140 до 150 денари за килограм. За годинава очекуваме цените да бидат повисоки, од 170 до 190 денари.

Кои се вашите планови за иднина?

Постојано инвестираме и се прошируваме. Засадивме два хектари со сливи и планираме да инвестираме во сушара. Имаме контакти со компании од Дубаи за пласман на суви сливи, па сакаме да видиме како ќе ни оди со таа соработка. Имаме засадено и боровинки пред две години, тоа производство е во зачеток и засега количините не се големи.Малините од втора класа ги планираме за преработки. Веќе имавме соработка со винарија која произведуваше вино и компанија која правеше џем.

Работиме и на воведување на модерна технологија во производството во соработка со двајца иноватори од Тетово. Тие пред една година започнаа со развој на сонди преку кои треба да добиваме информации за квалитетот на почвата на нашите ниви и нејзините потреби. Очекуваме да ги доразвијат и да ја продолжиме соработката и во иднина.

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!