7 години Бреинстер! Над 11.000 обучени професионалци, 374 вработени студенти само лани, инвестиција од 2,5 милиони евра во Бреинстер Некст колеџ

- Advertisement -


Наша визија е да ја поддржиме дигиталната трансформација на глобално ниво, преку создавање на подобра иднина за многу луѓе во текот на целиот процес.


Повеќе од 11.000 обучени професионалци за работа во доменот на најдинамичните и најбрзо растечките индустрии, 374 вработени студенти само минатата година, 100 партнерски компании за коиновации и вработување, мрежа од над 150 инструктори и соработници и инвестиција од 2,5 милиони евра и основање на Бреинстер Некст колеџ (Brainster Next College)- првиот акредитиран практичен ИТ факултет. Ова се резултатите со кои Ed-Tech организацијата Бреинстер (Brainster) го слави својот 7-ми роденден.

Од Бреинстер истакнуваат дека главната мисија поради која пред 7 години e основана организацијата, денес е заедничка цел на сите вработени.

- Advertisement -

„Со сето наше знаење, иновации и многу труд, ние на поединците им овозможуваме подготовка на кариерен развој, преку совладување на дигитални и други вештини релевантни во новиот работен свет. Наша визија е да ја поддржиме дигиталната трансформација на глобално ниво, преку создавање на подобра иднина за многу луѓе во текот на целиот процес“, велат од Бреинстер.

Ветеринари и фармацевти стануваат програмери, дизајнери и маркетери

Фармацевти, ветеринари, економисти, банкари, новинари, актери…На академиите на Бреинстер се запишуваат луѓе од најразлични професии, сите со заедничка цел – да се стекнат со нови вештини што ќе им помогнат да почнат нова кариера или да напредуваат во сегашната.

„Големиот интерес за упис на сите академии и причините поради кои луѓето доаѓаат кај нас и решаваат да се дообразуваат или да почнат кариера во нова област говори за тоа дека пазарот на труд е презаситен од кадар што ги нема потребните вештини. Преку работа на реални проекти и практично знаење со помош на инструктори што се докажани експерти им овозможуваме на поединците да најдат предизвик во друга област, а на компаниите да дојдат до квалификуван кадар“, изјавуваат од Бреинстер.  

Татко и ќерка учат UX дизајн, тетка и внука човечки ресурси, пчелар што сака да стане програмер, тројца другари што сонуваат да отворат своја фирма… Интересните животни приказни меѓу запишаните студенти, сведочат за упорноста, храброста и волјата на многумина да излезат од комфорната зона и да покажат дека „човекот навистина учи додека е жив“.

„Од мала компанија, со ограничени ресурси и со само 3 вработени во 2015 година, ние денес сме прераснати во лидери во образованието во Македонија со тим од над 200 професионалци. Изминативе 12 месеци беа навистина добри за нас и нашата заедница. Ја зацврстуваме лидерската позиција на пазарот и очекуваме над 1.250 запишани студенти на академиите на Brainster и на Brainster Next College до крајот на 2022. Дополнително, оваа година очекуваме да ја завршиме со 450 студенти на коишто ние директно сме им помогнале при вработување“, вели Петар Ниновски, основачот на Бреинстер.

Почетоците на организацијата се поврзани со неговата визија за тоа дека треба да се учи на поинаков начин за да се надмине проблемот за кој било јасно дека во иднина ќе станува посериозен – големиот јаз помеѓу вештините кои се потребни на пазарот на труд и знаењата кои се стекнуваат во досегашното формално образование.

„Создадовме нешто поинакво, едукативен процес во кој студентот е во центарот на вниманието, образовни програми што ги задоволуваат образовните потреби на новите генерации, но и потребите на компаниите кои сѐ повеќе се во потрага по кадар квалификуван да работи во дигиталната индустрија. Ова се разбира не може да се постигне без добар и посветен тим, а јас сум благодарен што можам во секое време да се потпрам на секој поединец во тимот“, вели Ниновски.

- Advertisement -

 „Студирај сега, плаќај по вработување“ – секој добива можност за квалитетни студии

Еден од најважните чекори што ги направи Бреинстер во седмата година од постоењето е основањето на првиот акредитиран практичен ИТ факултет, Бреинстер Некст колеџ кој од октомври почнува со настава за првата генерација студенти. Оттаму објаснуваат дека нивниот развој како организација која ќе нуди повеќе видови на образовни продукти е етапен и планиран. Благодарение на нивната внатрешна организациска поставеност и посветеност, за многу кратко време лансираа повеќе иновативни образовни решенија, а едно од нив е додипломски студии во сферата на ИТ и дигиталните технологии. Овие 3-годишни студиски програми акредитирани од МОН, се базирани на пракса и ќе понудат модел што ќе ги подготви младите луѓе што полесно да ја направат транзицијата од академската во професионалната средина и поуспешно да почнат кариера во ИТ секторот. Но, она што го прави различен од другите е што факултетот гарантира за вработувањето на сите студенти.
„Ние веруваме дека секој наш студент ќе може да се вработи дури и во текот на студиите. Затоа и решивме да направиме нешто револуционерно, да му овозможиме на секој што ќе го помине квалификацискиот тест, да може да студира без да плати денар, а сумата без камата да ја враќа на рати откако ќе дипломира и ќе се вработи. Целта на проектот „Студирај сега, плаќај по вработување“ е да овозможиме на најдобрите студенти без разлика на финансиските можности да добијат пристап до квалитетно и практично ИТ образование“, вели Александар Клашниновски, генерален менаџер на факултетот.

- Advertisement -

Од Бреинстер посочуваат дека нивната визија е до 2030 година да станат глобално признаена компанија, која преку академиите, факултетот и другите услуги ќе помага на 10.000 луѓе годишно да се едуцираат и да дојдат до кариерата што ја посакуваат.

Сподели!
- Advertisement -