8.8 C
Skopje
сабота, декември 3, 2022

Гоце и Весна Попови прават врвни вина во својата бутик винарија во Кавадарци! За само пет години освојуваат злато низ светот!

Kabtel desktop

Љубов, посветеност и искреност, покрај врвното грозје произведено во тиквешкиот регион, се главните состојки на вината на „Вински подрум Попови“ од Кавадарци. Како што велат сопствениците Гоце и Весна Попови, нивната мала семејна винска приказна започнува сосема неочекувано и спонтано, како љубители на дружба со добро вино, но трае веќе пет години, во кои речиси сите нивни вина се закитуваат со награди на меѓународни настани.

Денес, винаријата „Вински подрум Попови“ е магнет за странските туристи, произведува осум различни типови вино во над 8.000 шишиња, од кои едно е и првото црвено органско вино во земјава, Dark Hors Organic. Годинава нивното вино Dark Horse Vranec barrique се закити со четири медали. Гоце и Весна велат дека многу ги радуваат наградите и задоволството кое го предизвикуваат нивните вина кај гостите. Истовремено им даваат поттик и обврска, иако се мала семејна винарија, да продожат со уште поголем ентузијазам и енергија во идните проекти.

Новинар- Сања Наумовска

Гоце, раскажете ни ја семејната винска приказна на Попови?

Идеjата за да направиме наше вино ја даде мојата сопруга Весна пред пет години, а јас ја прифатив. Таа година направивме две вина во подрумот на нашата семејна куќа, Вранец и Шардоне, со намера да ги пиеме со пријатели и да ги подаруваме. Впрочем таа година не продадовме ниту едно шише вино, затоа што тогаш правењето на вино за нас беше еден ентузијастички потфат проткаен со многу голема љубов да се создаде нешто убаво и квалитетно, за своја душа, што се вели. На предлог на еден наш пријател, ги испративме вината на натпревар за млади вина и нашиот Вранец ја освои првата Гран при награда, со што неплански и спонтано не внесе во убавиот вински свет.

Така започна нашиот пат на вински настани и дегустации и учењето на многу работи за виното, како пијалок кој е дар од боговите и лек за душата, што треба да се перципира како жива материја за која е потребна многу грижа и внимание од самиот почеток на производството, па се до моментот на консумација како уникатно доживување.

Уште на самиот почеток на нашата винска приказна јас и мојата сопруга Весна си ветивме еден на друг неколку работи: дека ќе правиме квалитетно вино во најсовремена опрема без да штедиме, ниту на квалитетно грозје, ниту на садови за правење на вино, дека ќе правиме вино какво што нам ни се допаѓа, а не за комерцијална употреба и дека ќе се унапредуваме и ќе се едуцираме како се прави квалитетно вино.

Во контекст на ова ние немаме вработен енолог. Се што се работи во винаријата работиме јас, Весна и нашите две ќерки, Рената и Бојана, но досега сме имале двајца консултанти, енолози, тоа се нашите учители, кои за нас велат дека сме многу добри ученици и кога е така, очигледно успехот е неизбежен.

Вашето вино Dark Horse Barrique нанижа низа медали на меѓународни саеми. Кои се вашите импресии?

Македонија се гордее со својот Вранец, а ние со нашиот Dark Horse Vranec barrique кое е наше премиум вино, направено од грижливо одбрано грозје, одлежано 12 месеци во дабово буре. На ова вино исклучително му се радуваме заради портфолиото од повеќе награди како платинум медалот на Open Balkan Wine vision Festival во Белград 2022, златниот медал на Mundus vini 2022 во Германија, златниот медал на Balkan International Wine Cometition 2022 и сребрениот медал на Citadell du Vin во Франција.

Ова вино е силно, моќно, со право си го заслужува своето име Dark Horse. Се комбинира со свинско и јагнешко месо, а најубаво е кога се пие во друштво и со пријатели. Добивме многу честитки од наши пријатели и вински познавачи заради големите успеси, една вели: Вински Подрум Попови и вашето Dark Horse Vranec barrique станаа амбасадори на Македонија! Се гордееме со вас!

На сите овие награди им се радуваме, но истите ни стануваат и обврска, иако сме мала семејна винарија, да продожиме со уште поголем ентузијазам и енергија во нашите идни проекти.

Какви вина произведува „Вински подрум Попови“?

Во нашиот вински подрум се прозведуваат црвените вина Cabernet Sauvignon и Vranec Disan, потоа Mоmina solza розе од автохтоната сорта Станушина, белите вина Temjanika Gold и Chardonnay Smolnik, како и Cabernet Sauvignon Barrique и Dark Horse Vranec Barrique од премиум вината. Ние сме првата винарија во Македонија кoja go произведе и првото сертифицирано органско црвено вино Dark Hors Organic, кое е Limited edition и кое предизвика огромен интерес.

Најголем дел од вината се продаваат кај нас во винаријата, каде доаѓаат гости и дегустираат и си купуваат од тоа што им се допаднало. Исто така нашите вина ги има во неколку ресторани во Скопје и во најдобрите вински продавници –винотеки. Минатата година произведовме 8.000 шишиња, што тоа беше рекорд од постоењето на винаријата, но оваа година откупивме поголеми количини на грозје и планираме да имаме 10.000 шишиња.

Кое е вашето мислење, има ли добри услови на пазарот за развој на мали семејни винарии?

Македонија е винска земја каде има многу сончеви денови, земја каде лозарството и производството на виното имаат многувековна традиција. До пред неколку години имаше регистрирано само околу 25 винарии и тоа големи и индустриски капацитети со милионско производство на вино. Мали семејни винарии немаше. Но, со промена на законските акти, односно донесување на новиот закон за мали семејни винарии, каде нескромно морам да кажам дека моето здружение Тиквешки семејни винарии, заедно со МЗШВ, со министерот Николовски и неговиот тим успеавме да го имплементираме законот, и сега со гордост можеме да кажеме дека во Македонија има регистрирано 160 винарии, од кои половината и повеќе се мали семејни винарии како нашата- Вински подрум Попови.

Малите винарии се голем хит во сите вински држави, од Италија, Франција, Португалија…. а сега и кај нас. Јас и мојата сопруга нашата семејна винарија ја изградивме за време на Ковид пандемијатата, а идејата ни беше да си правиме дружби со наши пријатели и да уживаме во одличните вина од Тиквешкото виногорје. Но, и на наше големо изненадување, во Вински подрум Попови почнаа да доаѓаат гости од цела Европа, од Америка, Австралија, луѓе познавачи на вино, љубители, ентузијасти кои дегустираат, ноќеваат во нашите апартмани и си одат задоволни од новиот начин на презентација на вината, директно од оние кои ги произведуваат, односно од мојата сопруга и од мене. Сите кои се заинтересирани за дегустација можат да не побараат на социјалните мрежи Фејсбук, Wine Cellar Popovi – Tikves Region, Инстаграм winecellar_popovi или на 075 423 370 и  075 423 371.

Дали овој успех беше дел од вашите очекувања кога решивте да се регистрирате како мала винарија?

Ние како големи љубители на вино, како што кажав, за време на пандемијата решивме да инвестираме во мала винарија. Купивме стара куќа, ја реновиравме, ископавме подрум, направивме сала за дегустации, апармани за гостите, и луѓето што не познааваат велеа дека ни се восхитуваат на храброста и ентузијазмот.

Нашите главни професии не се поврзани со виното, јас сум дипломиран туризмолог, работам 25 години како професионален фотограф, а Весна е доктор специјалист ортодонт. Инвестиравме сопствени средства и успеавме да ја направиме оваа за нас среќна приказна.

Морам да признаам дека јас лично не очекував голема фреквенција на луѓе кои ќе доаѓаат кај нас, не очекував и таков интерес за нашите вина кај одличните вински познавачи во Македонија, но Весна беше сигурна, и секогаш ми велеше „Гоцка, ќе видиш дека луѓето ќе ги препознаат искреноста, духот, љубовта и посветеноста што им ја даваме на сите наши вина од бербата на грозјето до самиот финиш и затварањето на шишето со плута“.

Доживувањето на Македонија преку виното е историска, културолошка, гастрономска приказна. Кои се почести гости во вашата винарија, домашните или странските туристи?

Историјата на производство на вино е од дамнина на овие простори. Многу генерации се менуваат и доаѓаат нови, кои ја наследуваат традицијата на нивните претци, некои го задржуваат традиционалниот начин на производство, други се модернизираат. Најинтересно за нашите гости е кога го следат процесот на производство, додека ние работиме во подрумот, а тие седат во фоајето на винаријата и преку стаклото на подот гледаат, снимаат, сликаат, некои дури доаѓаат доле и сакаат и тие да ставаат гајби со грозје да се сомелат, едноставно се фасцинирани од целата приказна.

Досега, најмногу сме имале странски гости. Минатата година имавме 400 ноќевања, а оваа година очекуваме над 700 и околу 200 дегустации. За време на дегустацијата им раскажуваме на гостите за автохтоната сорта Станушина, за Вранецот, за Темјаниката како регионална сорта… За нив се интересни нашите автохтони, оригинални приказни, за се она што го нема кај нив.

По целото искуство кое го собравте изминатите пет години, по толку задоволни гости и наградени вина на саемите, какви се вашите планови за развој? Таргетирате ли и странски пазари?

Откога почнавме да произведуваме вино, почнавме и да праќаме вина на натпревари како би дознале до каде ни е квалитетот. Морам да признаам дека сите наши вина имаат добиено награди. Минатата година наше најнаградувано вино беше Каберне Совињон Барик берба 2020 година, моќно суво вино со изразена арома на капина, боровинка и малина, и во завршница вкус на кафе и ванила. Тоа вино минатата година освои Дупло Злато на Балканскиот Интернационален Вински Фестивал во конкуренција од 1000 етикети, Сребро на Цитадела Ду Вин во Бордо Франција. Потоа Chardonnay Smolnik освои златен медал на Open Balkan Wine vision festival 2022, сребрен медал на Citradell du Vin 2022 и сребрен медал на Balkan Internatioinal Wine Competition 2022. Temjanika Gold, пак, освои златен медал на Balkan Internatioinal Wine Competition 2022.

Сето ова ни дава огромен поттик за да го задржиме квалитетот, да овозможиме нашите вина да допрат до познавачите, до хедонистите, до винските ентузијасти кои сакаат да препознаваат вкусови и ароми, до сомелиерите и спарувачите на храна и вино. Во последните неколку години почувствувавме како луѓето се повеќе пијат вино во рестораните, вртат чаши. Коментираат, разговараат…. со еден збор, уживаат.

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!