И од Битола се можи(е) е проект кој изминатите неколку години ја буди и ја помага стартап заедницата во регионот преку бесплатни обуки, вмрежување со инвеститори и директни грантови.
А овој викенд, под овој ист бренд ПРЕДА плус фондацијата организираше редица настани кои во фокусот ставија една нова тема, а тоа се компании кои работат во финтек индустријата и генерирање на нови стартапи кои би се ангажирале да работат на оваа тема која со неверојатна брзина се развива глобално.
Овој пат, освен на домашните сили, организаторот успеа да обезбеди и странски гости кои дојдоа со цел да споделат искуства и да инспирираат, па така на познатата локација на која се одржуваат серијата настани „И од Битола се можи(е)„ во џез клубот Порта, немаше слободно место од огромниот интерес кои најавените говорници го предизвикаа со најавата.
На настанот претходеше краток брифинг за новинарите на кои говореа Маријана Милевска од ПРЕД плус фондацијата за одржлив развој, Елени Фелеки од Асоцијација на компании за информатичка технологија на Северна Грција (SEPVE) и Сашо Мошев од Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.
Соработката помеѓу ПРЕДА и Вардарскиот плански регион е започната пред некоја година, проектот И од Битола се можи(е) беше пресликан во проект И од Велес се може, а сега интензивно се работи на идентификување на интересни теми кои двата региони ќе ги развиваат.
„Имаме можности кои ги нуди нашиот вардарски регион, особено со иницирање на проекти кои во фокус ќе го стават туризмот, а паралелно како центар работиме на бројни проекти кои имаат за цел да поттикнат иновации, а и трансфер на искуства„ – изјави Сашо Мошев од Центарот за развој на Вардарскиот плански регион пред новинарите.
Гостинката од Грција, која е партнер во проектот на ПРЕДА плус, зборуваше како да се зајакне културата на иновации во прекуграничната област преку практикување нови алатки кои водат до вработување на младите. „Вмрежување на компании и стартапи и организирање на стартап програми и хакатони кои привлекуваат ИТ млади таленти да работат на решавање на проблемот со поддршка на релевантни ментори, како и размена на искуства преку технолошки форуми. Тоа е она што решивме да го правиме заедно со ПРЕДА плус и ова е само старт„-истакна Елени Фелеки од Асоцијација на компании за информатичка технологија на Северна Грција (SEPVE).
“Имаме веќе дефинирана старт ап заедница, Битола со над стотина комапнии во ИТ секторот станува интересен играч од каде веќе произлезе и еден од првите македонски unicorn компании, а токму денес на оваа сцена своите почетоци ќе ги раскаже и македонскиот Финтек стартап Native Teams, кој стартуваше од Битола, за денес да е распослан низ светот на овие локации: Португалија, Македонија, Грција, Бугарија, Англија, Србија, Хрватска, Турција, Албанија, Ерменија, Словенија, Белорусија, Грузија, Азербејџан, Романија и Шпанија„ – го најави Маријана Милевска од ПРЕДА настанот кој по брифингот со новинарите следуваше.
На нетворкинг настанот, преку своите лични искуства од почетоците до глобален раст, зборуваа
Александра Митревска, ко-основач и COO и Никола Бубевски, ко-основач и заменик претседател на комерцијалниот сектор на Native Teams, личност која ги води сите стратешки проекти на глобално ниво за Native Teams, како од еден мал стан во Битола успеаа да добијат инвестиционо ширење на бизнис идејата од 2 милиони долари.
Native Teams е првата финансиска платформа која им помага на фриленсерите и на луѓето кои работат на далечина (како и на нивните работодавци и клиенти) да менаџираат со исплатата на пари и сето тоа во согласност со локалните закони. Овој бизнис се фокусира на модерните работници, каде што предностите на локализираната исплата на пари исто така вклучува други основни бенефити како пристап до здравствена заштита, планирање на пензија и усогласување со основните даноци.
Финансиската платформа вклучува алатки за фактурирање и барање на исплата, паричник во кој може да стојат различни валути, како и Visa картичка. Тие се комбинираат со функционалност која му овозможува на секој корисник да ја чува историјата на работодавци во земјата каде што плаќаат даноци.
На оваа презентација се надоврзаа и двата специјални гости, кои ПРЕДА ги донесе за поддршка во реализирањето на хакатонот, Костас Калогиру CEOи ко-основач на Exandia – Software Development од Грција претприемач во областа на технологијата, извршен директор, едукатор, инаку поранешен дизајнер и Ерика Пирмец советничка на дигитална трансформација во e-Estonia.
Хакатонот се одржа викендов во Финтек хабот на првата македонска финтек компанија создадена од домашен капитал СН Финансии, а денес на Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универзитетот Св. Климент Охридски, ќе се одржи Иновативен форум на кој ќе говорат странските гости , ректорот на битолскиот универзитет Проф.Д-р Игор Неделковски и Никола Јошевски-генерален директор на СН финансии.
Проектот INNO-ECOSYSTEM е кофинансиран од Европската Унија и од националните фондови на земјите учеснички преку Интерег ИПА Програмата за прекугранична соработка.