8.8 C
Skopje
петок, февруари 3, 2023

НЛБ Групација: Го поврзуваме нашиот матичен регион преку уметноста

Kabtel desktop

Денеска во Љубљана се одржа прес-конференција по повод почетокот на новата уметничка програма на НЛБ Групацијата за визуелни уметности. Целта на програмата е НЛБ Групацијата да стане главен поддржувач и партнер на современата уметност и уметниците во Југоисточна Европа (ЈИЕ), во својот матичен регион. Како дел од оваа уметничка програма, Групацијата ќе продолжи да инвестира во аквизиција на уметнички дела и уметнички проекти и ќе креира нова уметничка колекција наречена „SEE ART“ (Уметноста на ЈИЕ), која ќе најде свое место во галеријата на НЛБ Групацијата во Љубљана.

Визијата и идеите на НЛБ Групацијата за поддршка на визуелните уметности во регионот на ЈИЕ ги презентираа извршниот директор на НЛБ, Блаж Бродњак, директорката на Институтот за културно наследство на НЛБ, Ирена Чук, кураторот др. Мета Кордиш, и членовите на новоформираниот Уметнички совет на НЛБ, др. Мира Гаќина (Скопје), Маја Колариќ (Белград) и Тевж Логар (Риека).

Блаж Бродњак е убеден дека не постои суверена нација без сопствен културен идентитет и финансиски столб, а НЛБ, како носител на банкарската традиција, отсекогаш била главен покровител на развојот на уметноста и културата. Со програмата „ART“ и колекцијата на „SEE ART“, НЛБ Групaцијата повторно ја воведува благородната традиција на покровителство, ќе ја распространи во рамки на својот матичен регион на Југоисточна Европа и ќе воведе нова ера. „Уметноста и економијата не познаваат граници. НЛБ Групацијата сака активно да придонесе за подобар квалитет на живот во својот матичен регион, поради што сега ја зајакнуваме нашата поддршка за уметноста како еден од исклучително важните столбови на одржливо и општествено одговорно работење низ целиот свет, регионот на ЈИЕ, вклучително и во нашата соседна пријателска Република Хрватска. Со колекцијата „SEE ART“ ја поврзуваме современата уметност и уметниците, ги препознаваме талентите од овој регион, ги поддржуваме, промовираме и ја отвораме вратата за соработка, дијалог и нови можности“. – додаде Бродњак.

Уметност за народот

Ирена Чук, директорка на Институтот за културно наследство на НЛБ истакна дека претстојната уметничка колекција не е првиот споменик на културата создаден благодарение на покровителската традицијата која ја негува НЛБ. Во оваа насока таа го истакна и банкарскиот музеј „Банкариум“, кој работи со поддршка на НЛБ. „Сместен во просториите на една од најубавите сецесионистички згради во Љубљана, заедно со новата галерија ќе се заокружат програмските активности на уметничката програма на НЛБ Групацијата. На овој начин сакаме да ја доближиме уметноста до луѓето, бидејќи културното наследство не збогатува како поединци и пошироко, како општествена заедница“, објасни таа.

Мета Кордиш, куратор, истакна: „Со купување и презентирање на современата уметност од Југоисточна Европа, НЛБ Групацијата се стреми да стане главен поддржувач и партнер на уметниците во регионот. Со поставување на колекцијата „SEE ART“, галеријата и развивање на придружната програма фокусирана на поширокиот регион, ќе ги збогатиме банкарските простории како и јавниот простор за локалните заедници и ќе придонесеме за подобрување на постојната уметничка продукција и инфраструктурни услови во регионот и ќе ги отвориме вратите за уметноста да влезе во секојдневниот живот на луѓето кои живеат и работат во овој регион“.

НЛБ Уметнички совет – гарант за професионалност, квалитет и транспарентност

Со цел да обезбедиме професионален, квалитетен и транспарентен пристап, формиравме професионално тело „НЛБ Уметнички совет“, чии членови се меѓународно признати експерти за уметничка продукција во Југоисточна Европа: Тевж Логар (Риека), претседател на Советот и независен кустос, уредник и автор, др. Мира Гаќина (Скопје), историчар на уметност, уметнички критичар, виш кустос и директор на Музејот на современа уметност во Скопје и Маја Колариќ (Белград), историчар, кустос и директор на Музејот на современа уметност во Белград. Тие заедно го осмислија името на колекцијата, нејзиниот концепт и програмата.

Зошто токму „SEE ARТ“ како назив на новата уметничка колекција на НЛБ Групацијата?

Името на новата колекција „SEE ART“ се однесува на Југоисточна Европа (ЈИЕ), матичниот регион на НЛБ Групацијата и ѝ дава јасна географска рамка на колекцијата. Во исто време, нè поканува да ја видиме, погледнеме и истражуваме уметноста поинаку, во контекст на сегашноста и минатото, сеќавањата, различните идентитети и култури и предизвиците на денешницата и нашата заедничка иднина.

Целта на проектот е да се подобри разбирањето и знаењето за различните културни средини, а со тоа да се промовира толеранцијата и различноста, а во исто време да произлезат и нови одржливи идеи и акции со различни изрази на современата уметност.

Мира Гаќина истакна: „Ова не е првпат Љубљана да има влијание врз развојот на визуелните уметности во регионот. Така беше со децении во минатото преку Љубљанското биенале на графички уметности, но и во поново време преку работата на бројни теоретичари на уметноста, историчари и куратори кои ја преиспитаа и осмислуваа историјата на уметноста на нашите простори. Времето во кое живееме има многу внимателни и љубопитни набљудувачи, т.е уметници од регионот. Така, колекционерството на нивните дела значи создавање документ на нашето време. Ние обично ги гледаме банките како чувари на вредните нешта, на нашите заштеди и плановите за подобра иднина. Токму поради оваа причина, иницијативата за создавање колекција треба да се гледа како напор на еден „чувар на вредностите“ кој покажува посебна грижа за она што ние го сметаме за наше вредно наследство“.

Според Маја Колариќ, колекцијата ќе вклучува уметнички дела од уметници од целиот регион, од сите генерации, вклучително и на оние во подем. „Ќе биде разновидна во обидот да ги покрие сите медиуми од слики, скулптури, видео, инсталации, перформанси, до дигитални медиуми и нова технологија, поттикнувајќи секакви иновации во уметноста кои ги кршат конвенциите и ги предизвикуваат границите. Нашата политика на собирање уметнички дела ќе вклучува различни методи кои ќе овозможат поширок и подлабок преглед на уметничкото творештво: јавни тендери, уметнички конкурси и награди и изложби кои ќе служат како основа за проучување на нови нарачки и купувања. Колекцијата е наменета да понуди автентично и уникатно уметничко искуство кое носи ново знаење и дава инспирација за гледачот“.

Тевж Логар заклучи: „Сегментот од изложбената програма на галеријата „Банкариум“ е она што го прави нашиот проект да се издвојува во споредба со други слични, корпоративни проекти кои се занимаваат со регионот на ЈИЕ. Изложбената активност во дијалог со истражувањата, издаваштвото, номадските резиденции, институционалните соработки и слично не само што одат подалеку од разбирањето на колекцијата како апстрактен ентитет кој се состои од збирка артефакти, туку делува и како платформа за подигање на јавното знаење и подобрување на условите за продукција. Ова е секако уникатно во овој регион, а таквиот пристап несомнено му овозможува на проектот „SEE ART“ да стане извонредна референтна точка за современата уметност низ поширокиот регион“.

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!