Во Македонија исто како и на глобално ниво, недоволно се перципира дека жените сакаат да бидат продуктивни и да работат нешто што ги исполнува и каде што можат многу да придонесат. Статистичките податоци покажуваат дека родовиот јаз во стапката на вработеност во 2021 година во земјава изнесувал 20.3 %, а од вкупниот број работодавачи, само 19 % биле жени, односно само 22% биле вработените за сопствена сметка, што е парадоксално, особено ако се знае дека во Македонија има повеќе жени отколку мажи со вишо и високо образование. За женското претприемништво и Пакетот за жени кој го креираше Халкбанк АД Скопје како поддршка за жените во бизнисот, зборуваме со Букет Геречџи – член на УО на Халкбанк
Новинар- Верица Јорданова
Зошто се решивте за конкретна кампања и банкарска понуда насочена кон женската страна од бизнис сцената? Кои беа конкретните потреби/проблеми кои Вашата банка ги воочи?
Иако во сите глобални политички документи се зборува за еднакви права на мажите и жените во однос на пристапот до можностите (од преземање на бизнис потфат, до управување, од вработување до политички ангажман), женскиот парадокс е сè уште присутен: жените се мнозинство од населението во светот, но не се доволно застапени во пристапот до можностите.
За родовата еднаквост многу се зборува. Но, само зборувањето не може многу да ги придвижи или смени работите. Потребни се дела, потребно е правење промени и давање помош и поддршка за промени бидејќи само така може да се дојде до рамноправност. Во секој поглед. Па и во бизнисот.
Кога сме кај бизнисот, општо е познато дека жените глобално се далеку помалку вклучени во бизнисот. Жените се повеќе од половина од светската популација, но придонесуваат само со 37 отсто од глобалниот БДП. Во последниот извештај на Светската банка за глобален Findex дури се вели дека повеќе од 1 милијарда жени сè уште не користат или немаат пристап до финансискиот систем.
ИФЦ на Светска банка процени дека ширум светот постои јаз во финансирање од 300 милијарди долари за формални мали бизниси во сопственост на жени, а повеќе од 70 проценти од малите и средни претпријатија во сопственост на жени имаат несоодветен или немаат пристап до финансиски услуги.
Бидејќи економијата не може да работи со својот полн потенцијал ако половина од нејзиното население не може целосно да придонесе за тоа, на глобално ниво се преземаат акции за помош и поддршка за поголема вклученост на жените во бизнисот.
Од сето ова, секако не е исклучок ниту Македонија. И овде е иста ситуацијата како и на глобално ниво. Недоволно се перципира дека жените сакаат да бидат продуктивни и да работат нешто што ги исполнува и каде што можат многу да придонесат, затоа што тие имаат и многу други улоги кои што соодветно треба да ги задоволат. Затоа ние во Халкбанк одлучивме дека е време да им дадеме поддршка, да ги охрабриме, поттикнеме да започнат и да ги реализираат своите идеи… Оваа помош и поддршка е истовремено комплементарна на уште една наша заложба, а тоа е помош и поддршка на микро, малите, средни и компании (ММС) кои се во нашиот фокус како банка од доаѓањето на македонскиот финасиски пазар.
Во што конкретно се состои понудата и каков е за почеток одзивот?
Новиот производ кој го нарековме Пакет за жени е наменет за микро,мали и средни претпријатија каде доминантини основачи или сопственици се жени, односно, кога основачи се правни лица, крајниот доминантен сопственик да е жена или повеќе жени.
Овој пакет нуди низа погодности како можност за добивање финансиски средства за основни и обртни средства во висина до до 30.000 евра со рок на отплата до до 60 месеци, со најповолна фиксна каматна стапка за кредитите до 12 месеци. Истовремено со тоа како подарок се добива и годишна полиса за патничко осигурвање со покриеност до 30 дена издадена од Халк осигурување.
Пакетот нуди и низа други бенефиции како бесплатно водење на сметката, пониски провизии за денарски платен промет и за плаќање налози преку е-банкинг, без месечен трошок за електронско банкарство и бесплатна изработка на ЛИБ за активација, деловна Мастеркард дебитна картичка без надоместок за издавње и намален трошок за 50% на годишна чланарина, потоа 30% зголемени каматни стапки за депозити за правни лица, како и еднократен попуст од 15% за каско, домаќинско и патничко осигурување.
Процедурата за аплицирање и одобрување е едноставна и брза, а секако достапни сме и за финансиски советодавни услуги.
Од почетниот одѕив секако сме задоволни и се надеваме дека многу жени ќе се охрабрат и ќе го направат првиот чекор во насока на реализирање на својата идеја и креирање бизнис.
Како генерално го оценувате женското претприемништво во земјава? Кои се механизмите и начините на кои и финансискиот сектор може да се вклучи во давање на таа поддршка?
Иако е факт дека во последните децении е постигнат напредок во надминување на родовата нееднаквост, бариерите за женското претприемништво сè уште постојат и вклучуваат социјално-културни фактори.
Тоа го потврдуваат и статистичките податоци. Неодамна објавените податоци во публикацијата Жените и мажите во Македонија на Државниот завод за статистика покажуваат дека во Македонија стапката на вработеност на жените во 2021 година изнесуваше 38.3 %, а на мажите 56.2 %. Разликите во стапките на учество на жените и мажите на пазарот на труд доведуваат до родов јаз во стапката на вработеност кој во 2021 година изнесува 20.3 %.
Истовремено, од вкупниот број работодавачи во Северна Македонија во 2021 година, само 19 % се жени. Слично на тоа, 78 % од вработените за сопствена сметка се мажи додека 22 % се жени.
Ова е многу парадоксално, особено ако се знае дека во Македонија има повеќе жени отколку мажи со вишо и високо образование.
Овие бројки секако најдобро ја отсликуваат состојбата, што значи дека треба уште многу да се работи и треба да се вклучат сите засегнати страни за да може состојбите да се сменат и да се креира соодветна бизнис клима. А тоа е многу важно и за развојот на економијата на земјата во целина.
Притоа, обезбедувањето финансии е еден од најголемите предизвици за малите и средните бизниси предводени од жени претприемачки. Без пристап до финансии, жените се соочуваат со потешкотии да обезбедат капитал за започнување на сопствен бизнис или инвестирање во развој на постоечките бизниси. Како резултат на тоа, жените во голема мерка остануваат надвор од формалната економија.
Токму затоа и на глобално ниво банкарскиот сектор се труди да помогне работите да се сменат. Ние и досега го поддржувавме женското претпримаштво, но сега решивме да креираме посебен производ кој може да биде поттик, како на постојните компании да се шират и развиваат, така и на оние кои се само идеја, да станат успешен бизнис.
Какво е конкретно искуството на Халк Банка во поддршка на женски бизниси? Може ли да ни истакнете некои примери со кои особено се гордеете или некои интересни куриозитети?
Како што веќе реков, како голем поддржувач на ММС претпријатија и досега поддржавме многу идеи на жени претприемачи и добар дел од нив се развија во успешни бизнис приказни.
Тука би ја споменала фирмата „Кликни јади“ на Персида Несторовска, која што им е добро позната на скопјани бидејќи овозможува едноставно нарачување и достава на храна до својот дом или канцеларија на територијата на градот . Фирмата е основана на почетокот на 2015 година и денес има над 15 вработени.
Наш клиент кој што сме го поддржале е и „Мала пажња“, семеен бизнис чии што сопственик е Маја Апостолова. Тоа е добро познато креативно катче во кое може да се најдат прекрасни подароци за секакви прилики. Можам да ги споменам и фризерскиот салон за деца „Мали ѕвезди“ на Снежана Стефковска, кои се обидуваат на децата да им подарат уникатно искуство додека се потстрижуваат или прават фризури, потоа игротеката „Кидли“ на Емине Илази која од своето отворање нуди интересни работилници за деца со кои се поттикнува креативноста и развојот на децата , балетското училиште и продукција „Булфрогс балет“ на Александра Никифоровски, во кое на највисоко ниво децата се подготвуваат за балетските танцови вештини, а секако тука е скопското танцово и фитнес студио „Денсерс Јунајтед“ каде Сара Кочан е еден од основачите, кое повеќе години наназад продуцира врвни танчери и танчерки и кое во својата програма, од далечната 2013 година опфаќа и лица со Даун синдром и други попречености.
Секако, има и други фирми на жени претпиемачи кои од нас добиле финансиска или советодавна помош и се надеваме дека нивниот број во иднина се повеќе ќе се зголемува, а ние како Банка гордо ќе ги следиме и ќе се радуваме на нивните успеси.
Кои се следните чекови и планови во оваа насока?
Во моментов работиме на проширување на нашата кампања со цел да допреме до што е можно повеќе жени кои целат кон унапредување на својот бизнис преку нашиот пакет. Дополнително, во подготовка е и програма за финансирање на стартап бизниси во сопствеништво на жени. На тој начин, веќе ќе можеме да излеземе во пресрет и на оние жени кои сонуваат да станат успешни претприемачи. Дополнително, заедно со нашите партнери од Мастеркард, планираме да реализираме и неколку работилници и настани каде ќе работиме на едукација, размена на искуства и инспирација во доменот на претприемништвото кај жените.