ПроКредит ја обнови платформата “Школа за новинари” – првиот настан со фокус на ESG концептот

- Advertisement -

Во пријатна и работна атмосфера помина новото издание на Школата за новинари, која се одржа на 22 јуни во просториите на Академијата на ПроКредит Банка во Велес, во организација на ПроКредит банка. Во согласност со својата посветеност за одговорно банкарство и одржлив развој, темата на овој настан беше „Одговорност во пракса: Разбирање на ESG концептот.” 

ESG практиките и известувањата според ESG брзо се наметнаа како актуелни прашања од глобален интерес, кои го опфаќаат односот на компаниите кон животната средина, кон општественото окружување во коешто делуваат и кон корпоративното управување на компанијата.

- Advertisement -

За предавачи и говорници на Школата внимателно беа избрани докажани експерти од областите на економијата, претприемаштвото, економското новинарство и комуникациите. Во своите излагања говорниците се осврнаа на значењето на ESG  (Environmental, Social and Governance) стандардот и неговата поширока примена при новинарското известување и корпоративното работење, како поттик за одговорни практики и поставување на позитивен пример во општеството. Се акцентираа долгорочните придобивки од навременото имплементирање на ESG стандардите за одговорно управување, мерење и намалување на штетното влијание предизвикано од активностите на компанијата, како и правилно искористување на човековиот капитал.

ESG е влезено во ДНК на функционирање на системот и веќе не е прашање дали да се имплементираат овие стандарди. За да бидат прифатливи за пазарот на ЕУ, неопходно е домашните компании да ги вклучат во своето работење. Ова е трка на долги патеки. Потребно е компаниите преку својот личен пример да бидат поттик за останатите да ги следат”, изјави Зоран Мартиновски, истакнат професионалец во доменот на развојните финансии со над 30-годишно меѓународно деловно искуство, осврнувајќи се на значењето на ESG како нов концепт во работата и функционирањето на компаниите на глобално ниво.

- Advertisement -

Недостатокот на квалитетен кадар, но и на работна сила воопшто, е горлив проблем со кој се соочува не само светскиот, туку и домашниот бизнис сектор. Промена на односот кон вработените во компаниите, вистинско вреднување на трудот, континуирано вложување  во вработените и респективно менаџирање со човечкиот потенцијал, се клучни за зачувување на квалитетниот кадар во државата.

Токму медиумите како седма сила, ја имаат моќта  да бараат одговорност од компаниите за поголема транспарентност, редовно да ги потсетуваат за влијанието што го имаат во општеството и животната средина, но пред сѐ кон вработените, како круцијална движечка сила. Како јадро на критичка мисла и поттикнувачи на промените, потребна е соодветна едукација на новинарите како да се движат низ нефинансиските извештаи, како да откријат greenwashing (однесување или активност што ги тера луѓето да веруваат дека компанијата прави повеќе за да ја заштити животната средина отколку што навистина прави), како и кои прашања да ги постават за да стигнат до вистината за одговорното однесување на компаниите.

- Advertisement -

Милан Дамчевски, член на Управниот одбор на ПроКредит банка го истакна позитивниот пример на банката во имплементација на одговорни практики на работа веќе 20 години.

Концептот на управување според ESG стандарди е длабоко интегриран во работењето на ПроКредит банка веќе долги години, и споделувајќи го својот успешен пример, нашата цел е да поттикнеме позитивни промени во општеството и во бизнис заедницата. Неслучајно и ја одбравме оваа тема како прва во низата настани кои следат под платформата Школа за новинари”, со цел да ја потенцираме улогата и одговорноста на сите страни во градење одржлива иднина.
Горди сме што сме лидери во банкарскиот сектор во примена на ESG практики, со силна посветеност кон нашите клиенти и заедницата во кoja работиме. Соочени со предизвиците на денешницата, сметаме дека овој принцип на работа станува сè поважен во периодот кој следи, а тоа дополнително нè мотивира уште повеќе да се посветиме и активно да инвестираме во долгорочен развој на економијата, општеството и екологијата”,
додаде тој.

Промовирајќи позитивна и одговорна култура на работење, ПроКредит транспарентно ги објавува своите резултати во ESG извештаи, кои се достапни на нивната веб-страница.

„Извештајот за одржливост е документ кој ПроКредит го објавува јавно на својата веб странца секоја година, како нефинансиски извештај за влијанието кое сме го оставиле позади нас изминатата година, вклучувајќи транспарентни и мерливи податоци за нашите еколошки практики, намалување на ЦО2 емисии, поддршката на МСП секторот, начинот на управување, третманот на вработените. Целта на овој извештај е да ги следиме трагите кои ги оставаме позади нас, и да инвестираме во подобрување на перформансите. Само на ваков, транспарентен начин на известување, можеме да зборуваме за систематизиран пристап кон одговорни практики, истакна меѓу другото Добринка Стефанова, координатор на секторот за управување со животна средина во ПроКредит банка.

На панел дискусијата „ESG во пракса на локалниот пазар”, на која земаа учество и Зоран Радоњанин, ко-сопственик на Фејдом, Владимир Златковски, директор на продажба и маркетинг во Винербергер, Ирена Јакимовска сопственичка и управителка на Комфи Ангел, се отвори прашањето како да се мотивираат домашните компании да го применат овој концепт, при тоа не стравувајќи за својот опстанок. Искуствата на овие компании се позитивни и претставуваат светол пример за навремено фаќање ритам со светските новини во бизнисот.

Панелистите се согласија дека профитот не треба да биде единствено мерило за успехот на компанијата. Напротив, модерните компании кои тежнеат само кон профит, се заглавени во минатиот век, и како што истакна Мартиновски „се најсиромашните компании”, затоа што „најголемата вредност на една компанија се среќните и задоволни лица на вработените”, дополни Ирена Јакимовска. Клучна улога во менување на јавната свест играат медиумите, банките и компаниите.

Последниот, едукативен дел на тема „ESG во новинарството (CSR vs ESG)” , и припадна на Билјана Трендафилова, долгогодишна уредничка, економска новинарка и креатор на повеќе приватни медиуми во Македонија, чиј фокус е ориентиран кон комуникациите, односите со јавноста  и интерниот маркетинг. Таа упати апел до новинарите да се борат позитивните и успешни корпоративни приказни да се позастапени во нивните медиуми, како би поттикнале други компании да го следат нивниот пример, од што секој од нас би имал корист. На тој начин би се изградила подобра иднина за следните генерации.  

Темата поттикна плодна дискусија меѓу присутните новинари и претставниците од приватниот и банкарскиот сектор. Се разменија корисни мислења и искуства за ESG, но и генерално за транспарентноста на компаниите и нивното влијание во општеството. 

Школата за новинари на ПроКредит Банка побуди голем интерес кај нашите новинари кои обработуваат теми од економска, финансиска, банкарска сфера, како и од доменот на заштитата на животната средина и одржлив развој и нивните долгорочни придобивки за градење на подобро општество за сите. По повод својот јубилеј, ПроКредит ја возобнови оваа школа која била активна и пред 10-тина години и најавија дека истата ќе стане платформа на која редовно ќе комуницираат со новинарите, и преку која ќе инвестираат во едукација на теми кои се важни за целото општество.

Сподели!
- Advertisement -