Анализа на МАСИТ: Нов пораст на индустријата за информатичка и комуникациска технологија во 2023 година!

- Advertisement -

Индустријата за информатичка и комуникациска технологија (ИКТ) во Македонија го задржа позитивниот тренд на пораст и во 2023 година, согласно последните официјални податоци добиени од страна на надлежните институции со кои МАСИТ соработува. Оваа анализа МАСИТ ја спроведува на годишно ниво, со цел информирање за состојбата и движењето на ИКТ индустријата. Статистички гледано, ИКТ индустријата, секоја година бележи раст, а истото може да го заклучиме и за 2023 година која покажува континуитет во растот, но и стабилизација по однос на растот на економските индикатори. Последните години заклучно со последните податоци за 2023 година, ИКТ индустријата има импресивни резултати, дури и со ниска институционална поддршка од страна на државата.

Индустријата располага со квалификувана и ефективна работна сила со одлични познавањa на англиски јазик и други останати јазици, солидна телекомуникациска инфраструктура, квалитетен софтвер и ИТ услуги, супериорно техничко и деловно знаење по конкурентни цени. ИКТ индустријата има огромен потенцијал во растот и развојот на македонската економија, а повеќето компании специјализирани во рамки на “Софтверот и ИТ услугите” главно се извозно-ориентирани компании и имаат значителна додадена вредност.

- Advertisement -

МАСИТ, како секторска комора што ги претставува исклучиво ИКТ-компаниите во нашата држава, особено сме горди на нашите членки што се пример за силен економски раст, кој се чувствува во целото општество воопшто. Оваа индустрија бележи пораст по сите параметри (остварени приходи, број на вработени, извоз) и значајно придонесува во државниот буџет од аспект на платени даноци и придонеси. Ова дава на знаење дека државата мора стратешки да вложува во ИКТ-индустријата, при што стимулацијата на овој сектор води кон дополнителен развој на сите други сектори во нашата економија во развој.

Подолу се излистани одредени економски индикатори, врз основа на кои може да се увиди прогресот и растот, но и стабилноста на одредени параметри за индустријата.

- Advertisement -

Број на компании во државата

Во 2023 година, забележан е пораст на вкупниот број на регистрирани субјекти во индустријата. Во 2022 година имало активни 2846 компании во индустријата, а во 2023 година се евидентирани 3091 компанија, што ни прикажува пораст од 9% на овој индикатор. Согласно анализите на МАСИТ од претходните години, во 2022 година е забележан пораст од 16% на бројот на компании во однос на 2021 година, односно минатогодишниот пораст бил речиси двојно поголем од тековно евидентираниот пораст од 9% (Процентите за порастот од претходните 5 години се достапни во табелата прикажана најдолу во оваа анализа).

- Advertisement -

Број на вработени лица во ИКТ и останати трошоци за вработените

Во 2022 година, евидентирани биле 19947 вработени лица во ИКТ секторот, а во 2023 година се евидентирани 21640 лица. Забележан е пораст од 8% на овој индикатор. За споредба, минатогодишниот измерен пораст изнесувал 13% повеќе вработени во 2022 во однос на 2021 година, што укажува на благо опаѓање на вработувањата во ИКТ секторот.

Значителен пораст е забележан во исплатата на останати трошоци за вработените во индустријата. Во 2023 година се исплатени над 30 милиони евра, односно 37% повеќе од претходната 2022 година кога за останати трошоци компаниите одвоиле нешто над 22 милиони евра. Овој индикатор јасно покажува дека компаниите во континуитет одвојуваат се поголеми буџети во насока на зголемување на бенефициите и задоволството на своите вработени.

Просечна месечна бруто плата исплатена во 2023 година, плати и надоместоци од плата

Просечната месечна бруто плата на вработените во оваа индустрија за 2023 година ни покажува стабилност на истата. Овој индикатор во 2023 година изнесува 2290 евра и бележи пораст од 1% во однос претходната 2022 година кога бил 2260 евра за просечна месечна бруто плата исплатена по вработен.

Платите и надоместоците од плата пак, бележат поголем пораст. Во 2023 година биле реализирани приближно 266,8 милиони евра, споредбено со 2022 година кога биле реализирани 215,2 милиони евра, што ни покажува зголемување од 24% на овој индикатор.

Годишен приход и нето извоз

Компаниите во 2023 година оствариле пораст и во приходите од работењето и во извозот и тоа 15%, односно 18% пораст во однос на 2022 година.

Трошоци за даноци на плата и надоместоци на плата и придонеси за задолжително социјално осигурување

Трошоците за даноци на плати и надоместоци на плата во 2023 година, исто така бележат зголемување за 24% во однос на 2022 година. Во ист однос бележиме пораст и на платените придонеси за задолжително социјално осигурување.

Данок на добивка

ИКТ компаниите во државава во 2023 година изгенерирале данок на добивка во износ над 20 милиони долари, или 13% повеќе од 2022 година.

Сподели!
- Advertisement -