Викторија со љубов и иновации ја претвора традиционалната зимница во домашен бренд на органски производи од домати

- Advertisement -

Производството на органска храна е исклучителен предизвик во нашата земја иако поднебјето и климата ни го дозволуваат тоа. За среќа, се уште има млади луѓе кои ја почитуваат традицијата, домашното производство на храна и со одредени иновативни адаптации креираат домашни производи со кои може да се гордееме. Таква е приказната за Викторија Спенџарска, која стои зад малиот но надежен бренд “Викис Органик“.

Разговараше – Верица Јорданова

За почеток што е Викис Органик? Кој стои зад овој бренд на органски производи?

Викис Органик е производ на мојата љубов кон природата и одгледувањето на домашна храна како што тоа го правеле нашите баби и дедовци, без употреба на хемикалии. Ние сме мал семен бизнис кој го водам јас, но придонесуваат буквално сите членови на моето семејство, најмногу моите две ќерќи Љубљана и Емона, мојата сестра, родителите па и баба Нада. Нашиот мал бизнис е посветен да ги донесе најчистите вкусови од природата на трпезите на нашите клиенти. Нашите производи кои моментално вклучуваат доматен сос, ајвар и џемови од шумско овошје, се направени со внимателно одбрани состојки со цел да го понудиме најдоброто од природата по традиционален рецепт, но со некои мали измени за да понудиме поголема нутритивна вредност на храната. На пример, го заменивме сончогледовото масло со маслиново, белиот со кокосов шеќер и готварската со морска сол.

- Advertisement -

Раскажете ни за вашите почетоци? Од каде воопшто се роди идејата за одгледување на органски овошје и зеленчук, па и производи добиени од нив?

Низ генерациите во нашето семејство отсекогаш се одгледувалe и овошје и зеленчук и никогаш не се употребувале хемикалии. Верувам дека тоа е така кај повеќето семејства кои живеат на село или во мали градови како што е на пример Берово. Има некоја посебна магија, посебно задоволство од животот кога ќе засадите нешто и го гледате како расте, кога сами ја одгледувате вашата храна. И тогаш сакате да го споделите тоа задоволство со другите.

Се сеќавам пред неколку години со мајка ми правевме зимници, имавме премногу домати и направивме голема количина од доматниот сос. Бидејќи верувам дека е вреди (повторно) да го нормализираме подарувањето на рачни изработки, домашна храна и слично, и да го промениме наметнатото верување дека подарокот мора да биде купен од продавница, почнав на блиските да им подарувам теглички од сосот и сите беа фасцинирани од вкусот на домашниот зеленчук. Многумина почнаа да коментираат дека би сакале да си купат поголема количина земајќи предвид дека таков производ едноставно не може да се купи од продавница и така се роди идејата за следната сезона да се понуди првиот производ на Викис Органик – Домашен Сос од Домати.

Генерално, каков е патот на пробивање органски производи на македонски пазар? Кај нас заради стандардот се уште е пресудна цената на производот, а не квалитетот. Во тој контект каков е вашиот пат до потрошувачите?

Верувам дека пазарот за органски производи во Македонија полека еволуира и се развива. Иако квалитетот често е во сенка на цената, полека но сигурно се зголемува свеста за органското, чистото и природното и јас сум голем поборник за тоа. Сакам само да потенцирам дека кога станува збор за органски продукт, тоа не значи дека “му пееле ангелите” туку значи дека не содржи штетни хемикалии, пестициди, инсектициди, адитиви… кои денеска за жал е толку тешко да ги избегнеме.
На мојот личен профил на Инстаграм често зборувам за придобивките од консумирањето на природна, органска храна па и користењето на природна козметика, препарати за домаќинство на природна база и слично. Единствено преку едукација можеме да покренеме некоја позитивна промена во општеството како на пример да создадеме заедница која инвестира во здравјето и благосостојбата и на лугето и на животната средина

- Advertisement -

Постои ли простор да го зголемите производство па од артисан производители да станете поголеми играчи на пазарот на домашни преработки?

Секако дека постои потенцијал за раст на пазарот. Всушност една од целите за во иднина е да го зголемиме производството задржувајќи ги високите стандарди за квалитет и автентичност што ја дефинираат Викис Органикс и притоа да ја поддржиме локалната економија.

- Advertisement -

Како млада жена претприемач, кои се најголемите предизвици со кои се соочувате? Кои работи ви се најголема пречка и на што би апелирале државата да промени за да се зголеми интересот на жените да започнат свој бизнис?

Еден од најголемите предизвици со кои лично се соочувам е да го балансирам општо социјалниот живот, обврските и посветеноста кои ги бара водењето бизнис и одговорностите како мајка на две мали деца. Урамнотежувањето на овие улоги може да биде пренапорно и често се чувствувам како да нема доволно часови во денот. Но кога работите на својата визија и мисија и имате поддршка од блиските, ништо не е невозможно.
Најголема пречка за да се развие било кој бизнис (барем во Македонија) се финансиите. И тоа е уште поголем предизвик за жените. Постои вистинска потреба од попрактична поддршка за жените претприемачи, како што се неповратни кредити, заеми со ниски камати, грантови и ресурси специјално прилагодени на нашите потреби. Исто така, би било неверојатно корисно да се има повеќе можности за вмрежување и програми за менторство кои ги поврзуваат жените со искусни лидери кои можат да понудат водство и охрабрување.

Каде може да се најдат производите од брендот Викис Органик?

Моментално производите може да се нарачаат единствено преку Инстаграм профилот Викис Органик.

Какви ви се плановите за развој?

Визијата за Викис Органик е да прерасне во бренд кој не само што ќе нуди автентична домашна храна направена од најквалитетните состојки туку и ќе ја отсликува традиционалната македонска кујна посебно од малешевскиот крај со мал модерн твист.
И секако уште поголем број на задоволни клиенти, што значи уште поголем број на луѓе кои се грижат за своето здравје и за здравјето на своето семејство и даваат несебична поддршка на македонските бизниси во развој.
Благодарност до сите кои го препознаа квалитетот на Викис Органик и ни дадоа поддршка во било која форма.

Сподели!
- Advertisement -