„Бизнис Лидер“ ги откри најуспешните македонски компании за 2023 во останатите категории

- Advertisement -

„Бизнис Лидер“ го финализираше рангирањето на најуспешни македонски компании во сите категории од повеќе индустриски сектори кои ги исполнија бараните критериуми за квалитет. Врз основа на остварениот деловен приход, добивка и број на вработени, на 16-ти октомври 2024 година во хотелот Александар Палас, најдобро рангираните компании во секоја категорија ќе бидат наградени со престижните награди „Бизнис Лидер“.

Во категоријата „Производство на пијалаци“ неприкосновен бизнис лидер за 2023-та година со највисоки приходи, највисока добивка и најголем број на вработени е најголемиот домашен производител на пиво и безалкохолни пијалаци Пивара Скопје. Од друга страна пак, на врвот на листата според највисоки приходи и најголем број на вработени во категоријата „Аптеки“ е Зегин Фарм, додека најпрофирабилна е Моја аптека. Компанијата ИГМ трејд го зазема прво место во категоријата „Производство на метали“ со највисоки приходи и највисока добивка, додека најголем работодавач во челичната индустрија е македонскиот гигант Макстил.

- Advertisement -

Лидерската позиција во категоријата „Трговија на големо со моторни возила“ во сите три клучни сегменти ја држи автомобилскиот гигант Порше Македонија, a македонскиот традиционален бренд Макпетрол цврсто го држи приматот на недостижен бизнис лидер во категоријата „Трговија на мало со моторни горива и мазива во специјализирани продавници“. Бизнис лидер со највисоки приходи, највисока добивка и најголем број на вработени во категоријата „Придружни дејности во превозот“ е Фершпед АД Скопје.

Апсолутен победник во категоријата „Компјутерско програмирање“ со највисоки приходи, највисока добивка и најголем број на вработени е македонската компанија Аксапта Мастерс, додека убедлив бизнис лидер во категоријата „Трговија на мало со спортска опрема во специјализирани продавници“ е скопската компанија Спорт М.

- Advertisement -

Минатиот месец „Бизнис лидер“ ги претстави и најуспешните македонски компании во првите десет категории: „Производство на фармацевтски производи и препарати“, „Трговија на големо со фармацевтски производи“, „Производство на млечни производи“, „Маркети“, „Трговија на големо со кафе, чај и зачини“, „Трговија на големо со шеќер, чоколада и слатки од шеќер“, „Трговија на големо со производи од тутун“, „Поштенски и курирски услуги, „Товарен патен транспорт“ и „Производство на текстил“, кои исто така ќе бидат наградени на претстојната свечена церемонија на доделување награди.

Бизнис Лидер ќе ги награди и најуспешните компании во категориите „Најбонитетната компанија во државата“, „Најбрзо растечката компанија од категоријата компании – газели“, „Стартап на годината“, „Бизнис лидер-жена“, а оние компании кои ќе стигнат до Топ 100 во земјата или Топ 10 во нивната индустрија ќе добијат сертификат за успешност.

- Advertisement -

Проектот „Бизнис Лидер“ е во организација на компанијата Евентика заедно со Таргет Груп како аналитички партнер и Халкбанк АД Скопје како главен партнер. Проектот има за цел да го поттикне развојот и зајакнувањето на позитивна деловна клима преку промоција на висока деловна пракса на најголемите и најпрофитабилните компании, како и да им оддаде признание, да ги инспирира и поврзе бизнис лидерите, претприемачите, инвеститорите и иноваторите кои придонеле за економскиот раст и развој на Македонија. ​

Сподели!
- Advertisement -