„Денес го означуваме почетокот на изработката на Националната стратегија за информатичко-комуникациски и телекомуникациски развој – Националната ИКТ стратегија. Националната ИКТ стратегија е клучниот документ кој ќе ги води сите наши напори и активности во однос на дигиталната трансформација, според кој ќе се мерат напредокот и достигнувањата на ова поле.
Неопходно е да чекориме во ист ритам во свет кој напредува со огромна брзина, а пристапот до дигиталните технологии и нивно подведување во функција и интерес на човекот и нивното правилно искористување отвора нови хоризонти и перспективи за сите. Важно е да се разбере дека дигитализацијата не претставува една, монолитна работа, туку опфаќа низа комплексни, меѓусебно поврзани и комплементарни чекори“, се вели во обраќањето на премиерот Христијан Мицковски по повод денешниот старт на работата на Работната група за донесување на Националната стратегија која е една од првите активности на Националниот совет за дигитална трансформација со кој што претседава премиерот.
Во приоритетите на Стратегијата е дигитална трансформација во служба на граѓаните, достапни и ефикасни услуги и борба против присутната корупција со искористување на дигитализацијата.
“Би сакал да ве уверам дека создавањето на модерна дигитална информациско-комуникациска инфраструктура претставува еден од нашите клучни, врвни приоритети. Токму во таа насока беше и воспоставувањето на ново, наменско Министерство за дигитална трансформација кое е носител на дигиталните политики на Владата и кое работи на креирање на сеопфатни хоризонтални решенија и платформи. Создаваме систем во кој секој ќе добие можност да се вклучи, систем кој ќе го трасира патот кон рамномерна корист на сите, со оптимизирани ресурси, без преклопување на активности и проекти. Јас на дигитализацијата гледам како на клучна алатка во борбата против корупцијата, бидејќи автоматизацијата на процесите помага во намалувањето на надворешно влијание и субјективност“, изјави премиерот.
Кога од една страна секојдневниот живот е технолошки олеснет, кога продуктивноста, конкурентноста, иновациите се стимулираат и оптимизираат.
Со намера да се отклучи овој потенцијал, денес учествуваме во една многу важна дискусија за предизвиците и можностите кои генерално ги отвораат дигиталните технологии.“