Древниот римски археолошки локалитет Помпеја во јужна Италија ќе го ограничи дневниот број на посетители на 20.000 како одговор на неговата растечка популарност, пренесува хрватски Индекс.
Промената доаѓа по рекордната посетеност пред една недела, кога Помпеја ја посетија 36.000 посетители.
Директорот на локалитетот Габриел Цухтригел изјави дека намалувањето на бројот е неопходно за безбедноста и зачувувањето на античкиот локалитет.
Ограничувањето во Помпеја следи по обидите на некои други туристички центри да го контролираат бројот на посетители, вклучително и Венеција, која наплаќа влез во градот.
Минатата година Помпеја имаше повеќе од 4 милиони посетители, што е за 33.6% повеќе од претходната година. Тоа значи дека приближно 11.200 луѓе ја посетуваат Помпеја секојдневно, покажуваат податоците на Министерството за култура.
Помпеја е археолошко чудо кое ги прикажува извонредно зачуваните урнатини на некогаш просперитетниот град, затрупан со вулканска пепел, камења и прашина кога Везув еруптирал во 79. година од нашата ера.
Фото – World History Encyclopedia