Apple отвора нова страница во своето работење – планира да донесе сателитски врски со својот паметен часовник во 2025 година и ја засилува работата на функцијата за крвен притисок за уредот, објави Bloomberg. Сателитската функција се очекува да се најде на новите уреди следната година, поточно на верзијата на Apple Watch Ultra, се вели во извештајот. Оваа нова функција ќе им овозможи на корисниците да испраќаат пораки без мобилна или интернет конекција.
Apple почна да нуди сателитска комуникација преку своите iPhone уреди во 2022 година на iPhone 14. Тоа на корисниците им овозможи да контактираат со итните служби без да имаат интернет пристап или конекција. Оваа опција беше продолжена минатата година за да се овозможи контакт со организациите за помош на пат. Годинава, пак, Apple ја надгради функцијата за корисниците да можат да испраќаат пораки до секого преку iMessage. Во ноември годинава инвестираше 1,5 милијарди долари во сателитскиот провајдер Globalstar, чии услуги ќе ги користи Apple Watch Ultra за испраќање пораки.
Другата нова карактеристика, која на корисниците ќе им овозможи да го следат нивниот крвен притисок, може исто така да пристигне во 2025 година. Apple работи на тоа да додаде повеќе способности фокусирани на здравјето на своите производи. Во септември годинава компанијата претстави нов паметен часовник кој може да открие долгорочни здравствени состојби, како што е апнеја при спиење и да реагира на итни случаи.
(Reuters)
(фото: Trusted Reviews)