Џаред Кушнер се откажа од планираниот проект за изградба на хотелот на Трамп во Белград откако проектот предизвика протести и обвинение против висок српски политичар, објави денес Волстрит журнал.
„Бидејќи значајните проекти треба да обединуваат, а не да разделуваат, и од почит кон народот на Србија и градот Белград, ја повлекуваме нашата апликација и се повлекуваме во овој момент“, изјави портпаролот на приватната инвестициска компанија на Кушнер „Афинити партнерс“.
Да ве потсетиме дека денес Обвинителството за организиран криминал поднесе обвинение против министерот Никола Селаковиќ и уште три лица во случајот со Генералштабот.
Јавното обвинителство за организиран криминал денес поднесе обвинение против министерот за култура, Никола Селаковиќ, и в.д. секретарката на Министерството за култура, Славица Јелача. директорот на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата Горан Васиќ и в.д. директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата на градот Белград Александар Ивановиќ, а во врска со незаконитостите при отстранувањето на статусот на културно добро од зградите на „Главниот штаб“, се наведува во соопштението за медиумите.
Осомничените, како што додаваат, се обвинети за сторени две кривични дела злоупотреба на службена положба согласно член 359, став 1, и фалсификување на службена исправа од член 357, став 2, во врска со став 1 од КЗ.
На 4 декември, Селаковиќ беше испрашуван како осомничен во Обвинителството за организиран криминал, кога ја презентираше својата одбрана.
По сослушувањето, Селаковиќ изнесе низа обвинувања против ТОК пред новинарите. Во своето обраќање, тој го нарече Обвинителството „автоимуна болест“, нагласувајќи дека тоа е „блокирачка криминална банда која узурпирала дел од државата и дел од државниот систем“.
Фото – Flickr



