Европската комисија ќе се откаже од забрана за продажба на нови автомобили со мотор со внатрешно согорување во ЕУ по 2035 година и ќе дозволи до 10 проценти автомобили што не се електрични, под притисок од Германија, Италија и автомобилскиот сектор во Европа.
Извршното тело на ЕУ веројатно попушти на барањето на производителите на автомобили, да им се дозволи продажба на приклучни хибриди и електрични автомобили со продолжувач на досег, што користат био гориво или вештачко гориво, со неутрална емисија на ЦО2. За тоа веројатно влијаеше и сé посилниот притисок од електричните автомобили од Кина.
Овој потег, што понатаму треба да добие одобрение од владите на ЕУ и од Европскиот парламент, ќе биде најголемата отстапка на ЕУ од својата зелена политика во последните пет години.
Производителите на автомобили, како групациите Фолксваген и Стелантис, се залагаат за поблаги цели и пониски казни доколку не се исполнат целите. Европското здружение на производители на автомобили АЦЕА оцени, дека тоа е „решавачки момент“ за индустријата, додавајќи дека комисијата би требало да ги ублажи и преодните цели за 2030 година.
Производителите на електрични возила сепак посочуваат дека тоа ќе ги подрие вложувањата и ќе дозволи ЕУ да ѝ отстапи уште повеќе простор на Кина, при преоѓањето на електрични возила.
„Преоѓањето од строгата цел за 100 проценти нулта емисија на 90 проценти, можеби се чини дека е мало, но доколку сега го направиме овој чекор назад, нема да ѝ наштетиме само на климата. Ќе наштетиме и на способноста на Европа да конкурира“, кажа извршниот директор на Полстар, Михаел Лошелер.
Вилијам Тодс, извршен директор на здружението за заштита на животната средина Т и Е, кажа дека ЕУ само купува време додека Кина напредува.
„Потпирајќи се на моторите со внатрешно согорување, европските производители автомобили нема да си ја вратат големината,“ кажа тој.
Извршната власт на ЕУ веројатно ќе предложи и нова категорија за малечки електрични возила, за коишто ќе важат пониски даноци и коишто ќе придонесат за смалување на емисијата на ЦО2 во насока на целите на Унијата.
Преземено од Automedia.mk
Фото – Wikimedia


![[Видео] Јапонска компанија успешно демонстрираше тест возење со летечки автомобил](https://inovativnost.mk/wp-content/uploads/2020/09/Летечки-автомобил-Јапонска-компанија-702x320-100x70.jpg)
