Со цел да создаде најголема сателитска интернет мрежа, SpaceX веќе испрати повеќе од 10 илјади сателити во ниската орбита, а во иднина планира да продолжи да ги испраќа за да обезбеди пристап до брз и стабилен интернет на оддалечени места во светот каде што досега немаше пристап до мрежа.
Сателитите на Starlink исто така обезбедија брз пристап до интернет на крстосувачки бродови и авиони, а наскоро би можеле да се користат без никакви проблеми и во автомобили.
Имено, Tesla поднесе нов патент кој укажува дека нивните автомобили во иднина би можеле да имаат интегрирана антена за сателитски интернет на Starlink директно во крoвовите на возилата.
Во патентот се споменува дека традиционалниот метален или стаклен покрив на автомобил може да ги блокира или да ги ослабне сателитските сигнали, па затоа се одлучиле за нова кровна структура (мешавина од различни полимери) направена специјално за да овозможи премин на сателитски сигнали. Исто така, се нагласува дека таквата нова кровна структура овозможува интеграција на антената директно во покривот, што ќе овозможи подобра комуникација со надворешни уреди и сателити.
Иако самиот патент не го споменува конкретно Starlink, јасно е дека Tesla не прави такви модификации на своите автомобили само за да им овозможи на возачите на нивните автомобили пристап до некои конкурентски сателитски мрежи.
Некои сопственици на Tesla веќе ги адаптирале приемниците Starlink Mini и ги инсталирале на своите автомобили за да можат да имаат пристап до интернет кога одат на кампување на места каде што нема пристап до мрежа. Благодарение на новиот патент, нешто такво повеќе нема да биде потребно бидејќи антената веќе може да се интегрира во покривот на возилото, што значително ќе го поедностави користењето на сателитскиот интернет на SpaceX.
Патем, возилата на Tesla веќе, без поддршка за сателитски интернет, се едни од најповрзаните машини во светот и се потпираат на мобилни мрежи за собирање податоци за автопилот, надградби на софтвер, стриминг итн.
Сепак, мобилните мрежи имаат свои ограничувања, а со интеграцијата на инфраструктурата на Starlink, возилата на Tesla би можеле да се префрлаат помеѓу 5G мрежи и сателитски интернет, во зависност од покриеноста на сигналот, така што возилата секогаш би биле онлајн. Ова би им овозможило буквално да одат насекаде во светот и да имаат пристап до интернет. Секако, сè додека имаат пристап и до станици за полнење, во спротивно не би можеле да стигнат многу далеку.
(Electrek)



