Владата најавува инвестиции во железничкиот транспорт во износ од 21 милион евра за набавка на до пет нови електрични локомотиви, заедно со неопходни резервни делови.
„Оваа инвестиција ќе се реализира преку Договор за заем помеѓу МЖ Транспорт и ЕБРД, а ѝ претходеше темелна анализа за реалните потреби, функционалноста и оперативноста на МЖ Транспорт – анализа која јасно покажа дека без модерни и функционални локомотиви, железницата не може да ја исполни својата економска улога.
До неодамна, МЖ Транспорт немаше ниту една целосно функционална локомотива. Повеќе од дваесет меѓународни товарни композиции беа стопирани во Гевгелија, без можност товарот да се транспортира кон европските пазари. Тоа значеше изгубени договори, изгубени приходи и изгубена доверба. Просечната старост на дизел локомотивите е над 60 години, а на електричните над 40 години. Тоа не е одржливо, ниту економски, ниту безбедносно, ниту еколошки.
Затоа целта на оваа набавка е јасна и недвосмислена, да се зголеми бројот на расположливи локомотиви, да се зголеми капацитетот за транспорт на стоки, и со тоа да се зголемат приходите и финансиската стабилност на МЖ Транспорт. Железницата мора повторно да стане двигател на извозот и логистиката, а не тесно грло на економијата.
Посебно важен е еколошкиот аспект. Со фокусот на електрични локомотиви, се движиме кон нула емисија на загадувачки материи. Ова е директен придонес во борбата против аерозагадувањето, во заштитата на животната средина и во развојот на чист, модерен и одржлив транспорт.
Во услови на енергетска транзиција, железничкиот транспорт станува клучен фактор за ефикасен, конкурентен и еколошки одржлив систем. Инвестициите во електрични локомотиви и модерни коридори се целосно усогласени со владините политики за интеграција во европските транспортни мрежи.
Паралелно со ова, сакам да информирам дека се започнати градежни работи за Линија 1, со вредност на договорот од 360 милиони денари. Ова е оној таканаречен градски воз. Проектот предвидува целосна реконструкција и надградба на постоечката траса, што ќе значи побезбеден, побрз и поефикасен железнички сообраќај.
Дополнително, изградбата на брза пруга на Коридор 10 е еден од нашите стратешки приоритети. Преку Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, се обезбедени средства за капитални проекти, со кои ја поставуваме железницата таму каде што ѝ е местото – како клучна врска помеѓу Балканот и Европа.
Фото – Flickr



