Најбогатите луѓе во светот во 2025 година го зголемија својот имот за рекордни 2,2 трилиони долари, со што вкупната нето вредност на 500-те најбогати луѓе достигна 11,9 трилиони долари, според индексот на милијардери на Блумберг.
Околу една четвртина од ова зголемување се должи на збогатувањето на само осум лица, вклучувајќи го извршниот директор на Оракл, Лари Елисон, извршниот директор на Тесла, Елон Маск, коосновачот на Гугл, Лари Пејџ и основачот на Амазон, Џеф Безос, но нивниот придонес беше помал од минатогодишните 43 проценти.
Најголеми добитници беа Лари Елисон, кој во 2025 година стана побогат за 57,7 милијарди долари благодарение на порастот на акциите на Оракл и инвестициите во инфраструктурата за вештачка интелигенција, потоа Елон Маск, кој е во плус од 190,3 милијарди долари, како и бизнисменката во областа на рударството Џина Рајнхарт, побогата за 12,6 милијарди долари поради инвестициите во руди и ретки земни метали.
Растот беше поттикнат од силните пазари за акции, криптовалути и скапоцени метали, а дополнителен импулс беше даден со изборот на Доналд Трамп за претседател на Соединетите Американски Држави во ноември 2024 година.
Во април беше забележана најголемата еднодневна загуба на богатството на милијардерите од пандемијата поради страв од последиците од царините, но таа беше краткотрајна и не влијаеше значително врз вкупните резултати.
Вкупните добивки во 2025 година не беа ограничени само на Соединетите Американски Држави. Индексот S&P 500 забележа добивка од 17 проценти од почетокот на годината до 30 декември, додека британскиот FTSE 100 порасна за 22 проценти, а хонгконшкиот Hang Seng порасна за 29 проценти.
Фото – Freerange stock



