Топлината на светските океани на длабочина до 2.000 метри достигна највисоко ниво во 2025 година откако започнаа мерењата, и тоа деветта година по ред, според анализата на меѓународна група научници, објави германската агенција dpa во петокот.
Во истражувањето објавено во петокот научниците открија дека топлинската енергија се зголемила за 23 трилиони мегаџули во 2025 година во споредба со 2024 година.
Тим предводен од Лиџинг Ченг од Кинеската академија на науките во Пекинг ги објави наодите од своето истражување со податоци од 1958 година во списанието „Напредок во атмосферските науки“.
Кога станува збор за просечните температури на површината на морето во светот, 2025 година беше третата најтопла година досега, по 2024 и 2023 година.
Истражувачите ја припишуваат разликата помеѓу длабоките и површинските температури на фактот дека временскиот феномен Ел Нињо во Тихиот Океан значително ослабе во текот на изминатата година. Фазите на Ел Нињо обично се поврзуваат со повисоки температури на површината на морето низ целиот свет.
При проучување на топлината вклучени се и температурите во подлабоките океански слоеви. Затоа, зголемувањето на топлината е релативно помалку под влијание на климатските феномени на површината и се смета за поважен индикатор за глобалното затоплување.
Океанот апсорбира над 90% од вишокот топлина заробена од стакленички гасови, што го прави главен амортизер за климатскиот систем. Бидејќи океанската топлина (OHC) ја одразува акумулацијата на топлина во океанот, таа е еден од најдобрите индикатори за долгорочните климатски промени, напишаа авторите на студијата.
(Zimo)






























