Amenexia е AI шопинг асистент за онлајн продавници, кој не е само бот што дава кратки или нерелевантни одговори, туку се однесува како вистински продавач. Игор Илиевски, творецот на Amenexia вели дека во развојот на паметниот асистент целта била тој да разбере што точно прашува купувачот, да одговори природно и да му даде сигурност за да ја донесе одлуката за купување.
Amenexia веќе е присутна во онлајн продавниците во САД и Панама, а од неодамна се претстави и на домашниот пазар. Илиевски вели дека во иднина гледаат и голем потенцијал за Amenexia да се користи и во други индустрии што продаваат онлајн, како букинг, резервации за патувања, избор и купување на авионски летови и други.
Новинар – Сања Наумовска
Игор, вашата компанија го разви Amenexia, напредниот AI шопинг асистент. Може ли да ни ги кажете деталите за оваа алатка?
Amenexia е AI шопинг асистент за онлајн продавници, кој им помага купувачите во реално време и им стои на располагање со поддршка и препораки во моментот на сомнеж, исто како продавач во физичка продавница. Најчесто проблемот во е-комерц не е што луѓето не го сакаат производот. Проблемот е што стигнуваат до последниот чекор и им се појавува едно „ама…“ прашање. На пример: „Ќе ми одговара ли големината?“, „Што ако не ми се допадне?“, „Може ли да се врати?“, „Колку време ќе треба да стигне?“. Ако никој не им одговори веднаш, тие си излегуваат од страната и купуваат на друго место или едноставно се откажуваат.
Тука влегува Amenexia. Таа работи 24/7 и може истовремено да разговара со многу посетители, без чекање. Не е само бот што праќа линкови од FAQ, туку разговара природно, објаснува, споредува производи и дава препораки според тоа што купувачот реално го бара. Од техничка страна, Amenexia се „учи“ од податоците на продавницата. Прво ги разбира производите преку каталогот, описите, цените, варијантите и сликите. Потоа, кога е поврзана со системите на продавницата, може да користи и дополнителни информации како историја на нарачки, статус на испорака, или однесување на купувачот на сајтот. На пример, ако некој разгледува одредена категорија, Amenexia може да му помогне да избере, наместо да го остави сам да се снаоѓа.
Исто така, Amenexia е направена да се интегрира со платформи како Shopify, Magento и BigCommerce, но може да се поврзе и со други системи, вклучувајќи ERP решенија. Тоа значи дека не е само „чат“, туку може да даде практични одговори како „каде ми е нарачката“ или „дали е испратена“, и тоа со точни информации. Накратко, Amenexia им дава на е-продавниците дигитален продавач што никогаш не спие, одговара веднаш и им помага на купувачите да донесат одлука побрзо и со повеќе доверба.
Колку време работевте на развој на Amenexia и кои беа најголемите предизвици?
На Amenexia работиме сериозно веќе неколку години, но реално, Amenexia е резултат на над 20 години искуство во е-комерц. Значи, не е проект што почнал „од вчера“, туку производ што се роди од тоа што со години гледавме исти проблеми кај онлајн продавниците, особено во моментот кога имаат сообраќај, имаат добри производи, ама губат продажби бидејќи купувачите остануваат со неодговорени прашања. Најголемиот предизвик беше да направиме систем што не звучи како класичен бот. Денес многу компании имаат чат, ама најчесто тоа се кратки автоматски одговори што не решаваат ништо. Ние сакавме Amenexia да се однесува како вистински продавач, да разбере што точно прашува купувачот, да одговори природно и да му даде сигурност за да ја донесе одлуката за купување.
Вториот голем предизвик беше интеграцијата. Едно е да направиш AI што зборува, а сосема друго е да направиш AI што може да работи со реални податоци од продавницата. На пример, да ги разбере производите преку каталогот, варијантите, цените, описите, но и да може да помогне со практични прашања како „каде ми е нарачката“, „дали е испратена“, „кога ќе стигне“, што значи дека мора да се поврзе со платформи како Shopify, Magento, BigCommerce, и често со ERP системи.
Третиот предизвик беше точноста и довербата. Кога купувачот прашува нешто важно, одговорот мора да биде точен и конзистентен. Затоа Amenexia е дизајнирана да користи податоци од самата продавница, а кога нема доволно сигурност, системот знае да се насочи кон најбезбедниот и најкорисниот одговор, без да измислува. На крај, најтешко беше да го постигнеме тоа чувство на „човечко искуство“ во онлајн купување, бидејќи токму тоа најмногу влијае на конверзијата. Кога купувачот се чувствува разбрано и добива одговор веднаш, шансата да купи е многу поголема.


Шопинг асистентот веќе се користи во САД и Панама. Очекувате ли да биде интересен за домашните трговци?
Да, апсолутно очекувам да биде интересен за домашните трговци, и искрено мислам дека токму на нашиот пазар има огромен потенцијал. Кај нас многу бизниси веќе имаат онлајн продавници, вложуваат во реклами, вложуваат во социјални мрежи, ама најчесто продажбата се губи во моментот кога купувачот има прашање и нема кој да му одговори веднаш. Во физичка продавница тоа е лесно, купувачот прашува и добива одговор. Онлајн, најчесто купувачот пишува на Facebook Instagram, или на WhatsApp, и ако не му се одговори во моментот, тој едноставно си заминува.
И тука Amenexia има многу јасна улога. Таа може да им помогне на домашните продавници да имаат реална комуникација со купувачите 24/7, без да мораат да вработуваат дополнителен тим или да зависат од тоа дали некој е слободен да одговори. Особено кога има кампањи, попусти или периоди со поголем сообраќај, тогаш е невозможно да се одговори на сите пораки навреме со човечки ресурс. Дополнително, домашните трговци често продаваат производи каде што купувачите имаат многу прашања пред да купат облека, обувки, козметика, електроника, па дури и производи за домаќинство. Во тие категории, еден добар одговор во вистинскиот момент прави огромна разлика дали купувачот ќе купи или ќе се откаже.
Затоа да, очекувам интерес и верувам дека Amenexia може реално да им помогне на домашните е-комерц бизниси да ја зголемат конверзијата, да изградат доверба со купувачите и да изгледаат многу попрофесионално, како брендови што нудат вистинско искуство, не само каталог на производи.
Што е тоа што вашата алатка ја прави иновативна и различна од другите слични на пазарот?
Одлично прашање, затоа што денес има многу „AI чатботи“ на пазарот, но реалноста е дека најголем дел од нив се само основни алатки за автоматски одговори и не ја решаваат вистинската причина зошто купувачите не купуваат. Она што ја прави Amenexia различна е тоа што ние не ја гледаме како бот за поддршка, туку како дигитален продавач што работи 24/7 и е направен специјално за е-комерц. Значи фокусот не е само да одговори на прашање, туку да му помогне на купувачот да донесе одлука и да ја заврши трансакцијата со доверба.
Првата голема разлика е персонализацијата. Amenexia не одговара со генерички текстови, туку се обучува со податоците на самата продавница. Ги разбира производите преку каталогот, варијантите, цените и описите, а ако е поврзана со системите на продавницата може да користи и контекст како претходни нарачки и однесување на купувачот на сајтот. Тоа значи дека одговорите се реални, релевантни и корисни, а не само „копи-пејст“.
Втората разлика е што Amenexia е направена да работи како агентски систем, односно како тим. Не е една единствена AI што се обидува да реши сè. Имаме различни функции и „агенти“ во позадина, каде што еден дел се грижи за разговорот и комуникацијата со купувачот, друг дел се грижи за точноста на податоците како нарачки и испорака, и трет дел се грижи за препораки и споредби на производи. Така добиваме многу попрецизни одговори и многу попрофесионално искуство.
Третата разлика е интеграцијата. Многу алатки работат само како „чат на сајт“, без вистинска врска со продавницата. Amenexia е направена да се интегрира со Shopify, Magento, BigCommerce и други системи, и тоа овозможува да одговара на реални прашања како „каде ми е нарачката“, „дали е испратена“, „кога ќе стигне“, а не само да зборува општо.
И најважно, Amenexia е изградена врз реално искуство од 20 години е-комерц. Ние сме работеле со стотици продавници и сме го виделе истиот проблем повторно и повторно: сообраќај има, но конверзијата страда бидејќи купувачот останува со сомнеж во последниот момент. Amenexia е направена баш за тој момент, да ја тргне несигурноста и да ја претвори во продажба.

Што всушност „работи“ асистентот? Како може да го подобри бизнисот?
Секако, ова е суштината и најголемата бизнис вредност што ја носи Amenexia. Во е-комерц, просечната конверзија дури и кај добро изградени брендови, ако се „среќни“, е околу 2%. Тоа значи дека од 100 посетители на веб-страницата, само 2 лица реално ќе направат нарачка. Останатите 98 ќе разгледаат, ќе се заинтересираат, но ќе си заминат без да купат.
И тука доаѓа најинтересниот дел. Во нашето искуство и според податоците што ги гледаме кај продавниците со кои работиме, од тие 98 што не купуваат, минимум 3 лица секогаш имаат конкретни прашања. Тоа се луѓе што се многу блиску до купување, ама се заглавени во последниот момент поради сомнеж или несигурност. Проблемот е што ако нивните прашања не се одговорат веднаш, купувачот не чека. Едноставно ја затвора страната и оди понатаму. Онлајн продажбата е брза, и одлуката се носи во секунди. Amenexia е направена токму за тие ситуации. Нејзината цел е да ги фати тие 3 купувачи што прашуваат, да им одговори во реално време со човечки, јасен и корисен одговор и да ги претвори во купувачи. Затоа, најголемиот бизнис бенефит е директно зголемување на конверзијата. Кога одговараш веднаш и го тргаш ризикот од купувачот, можеш да ја кренеш конверзијата значително, во некои случаи и до 5% повеќе, затоа што ја претвораш неодлучноста во доверба, а довербата во нарачка.
Колку македонските компании можат да бидат конкурентни на светскиот пазар на развој на напредни алатки? Што беше пресудно да се истакнете?
Од моја перспектива, верувам дека македонските компании можат да бидат многу конкурентни на светскиот пазар, особено кога станува збор за развој на напредни алатки и софтвер. Денес технологијата е глобална, клиентите се глобални, и ако имаш јасен проблем што го решаваш и квалитетно решение, не е толку важно од каде доаѓаш, туку што испорачуваш.
Многу важно е да се каже дека Македонија има силна основа, затоа што нашиот образовен систем дава одлична техничка едукација. Имаме талентирани инженери, луѓе што брзо учат и можат да изградат сериозни производи. Во тој контекст, Македонија реално може да биде хаб за иновации, затоа што има квалитетен кадар и потенцијал за развој на технологија на високо ниво. Сепак, излегувањето надвор од балканските граници е вистински предизвик. Не затоа што немаме квалитет, туку затоа што за глобален успех не е доволно само да имаш добар продукт. Потребна е дисциплина, континуирана работа и многу труд за да се изгради доверба, да се воспостави силна мрежа на партнери и контакти, и да се влезе на нови пазари каде што конкуренцијата е огромна и стандардите се високи.
Што беше пресудно ние да се истакнеме? Прво, реалното искуство. Amenexia не е направена само затоа што AI е тренд. Таа е резултат на над 20 години работа во е-комерц и работа со реални бизниси кои секојдневно се соочуваат со истите проблеми. Ние точно знаевме каде се губи продажбата и што треба да се реши за да се подобри конверзијата. Втората пресудна работа беше фокусот. Ние не правиме „општ AI“. Ние правиме алатка што е специјализирана за е-комерц, за продажба, за комуникација со купувачи и за реални ситуации во онлајн продавници. Тоа ни дава предност, затоа што кога си фокусиран, можеш да бидеш многу подобар од поголеми системи што се направени за сè. И третата работа е тоа што размислувавме глобално од старт. Работевме со клиенти во САД и Европа, ги гледавме највисоките стандарди, и научивме што значи конкурентност на најголемите пазари. Тоа искуство, комбинирано со тим што може да испорача, со дисциплина во изведбата и со градење доверлива мрежа на луѓе и партнери, беше клучот да се истакнеме и да влеземе на нови пазари.
На крај, би кажал дека македонските компании можат да бидат конкурентни, но мора да играат на ниво на светски пазар: јасна ниша, силен продукт, брза изведба, дисциплина и постојано подобрување. Ако тоа го имаш, можеш да се натпреваруваш со било кој.

Какви се вашите планови за во иднина? На какви проекти планирате да работите?
Нашите планови за во иднина се фокусирани на две главни насоки. Првата насока е Amenexia да еволуира од класичен AI асистент во целосно водено онлајн купувачко искуство. Тоа значи дека Amenexia нема само да одговара на прашања и да дава препораки, туку ќе го преземе целиот процес на избор и нарачка како интерактивно искуство. Наместо купувачот сам да пребарува низ категории, да отвора многу производи, да споредува рачно и да се губи во каталог, тој едноставно ќе комуницира со Amenexia, а таа ќе го води чекор по чекор, ќе му ги прикажува најдобрите опции, ќе споредува, ќе објаснува и ќе го носи до финалната одлука за купување. Нашата визија е Amenexia да стане нов начин на онлајн купување, каде што асистентот практично ќе биде „пребарувањето и категориите“ во продавницата, и ќе го направи процесот побрз, поедноставен и многу поефикасен.
Втората насока е проширување на Amenexia надвор од класичниот е-комерц и retail. Бидејќи основниот проблем што го решаваме не е само продажба на производи, туку водење на корисникот до правилна одлука во вистинскиот момент, ние гледаме голем потенцијал Amenexia да се користи и во други индустрии што продаваат онлајн. На пример во booking индустрии, каде што корисниците бараат најдобар хотел или сместување, изнајмување апартмани, резервации за патувања, па дури и избор и купување на авионски летови. Во сите овие индустрии, луѓето имаат многу прашања, многу опции и често се двоумат, а Amenexia може да им помогне да изберат побрзо и со повеќе доверба.
Накратко, нашата цел е Amenexia да стане платформа што не само што ја зголемува конверзијата, туку и целосно го менува начинот како луѓето избираат и купуваат онлајн, без разлика дали станува збор за производ, услуга или резервација.




























