Европската Kомисија потврди дека ги добила конечните пресметки од кинеското Министерство за трговија во врска со планираните антидампинг и антисубвенциски давачки за млечни производи од Европската Унија. Како што е објавено, законскиот рок за донесување конечна одлука е 21 февруари.
Според информациите од две европски индустриски здруженија, кинеските власти значително ги олабавиле предложените царински стапки во последната фаза од постапката во споредба со претходните привремени мерки. Конечните царински давачки за одредени млечни производи од ЕУ треба да изнесуваат помеѓу 7,4 и 11,7 проценти. Тоа претставува значително намалување во споредба со привремените стапки објавени во декември, кои се движеа помеѓу 21,9 и 42,7 проценти, објавува Ројтерс.
Европската комисија вели дека царините сè уште не се конечно дефинирани и дека се анализираат најновите кинески предлози. После тоа, Европската Унија ќе достави официјални коментари до кинеските власти. Иако рокот за одлуката е 21 февруари, Брисел вели дека официјалното соопштение би можело да дојде порано, имајќи предвид дека прославите за Лунарната Нова Година во Кина започнуваат на 17 февруари.
Европската унија ги гледа кинеските мерки како дел од поширок трговски одговор на одлуката на Брисел да воведе царини за електрични возила произведени во Кина. Покрај млечните производи, кинеските истраги вклучуваат и извоз на свинско месо и алкохолни пијалоци од Европската Унија.
Европската комисија претходно изрази сериозна загриженост во врска со кинеската истрага за наводните субвенции за млечни производи во ЕУ и оцени дека предложените мерки немаат соодветна економска оправданост.
(B92)
Фото – Pxhere

























