Дури 23% од македонските компании не користат ниту една дигитална алатка

- Advertisement -

ВоПрегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година изработен од Асоцијацијата за е-трговија, анализирани се податоците од анкетата  во Бизнис барометарот за Западен Балкан 2024, спроведен од Регионалниот совет за соработка (RCC), која  обезбедува редовен увид во состојбата, очекувањата и дигиталната подготвеност на компаниите во регионот. Истражувањето опфаќа 1.200 компании од Западен Балкан, по 200 од секоја економија, и прашалникот ги адресира клучните аспекти на деловното работење – вклучувајќи иновации, технологија и користење на е-трговијата.

Според резултатите, само 19% од анкетираните македонски компаниите продаваат свои производи или услуги онлајн, што ја става земјата под регионалниот просек и меѓу економиите со најниска застапеност на е-трговија кај претпријатијата. Ова укажува дека за голем дел од фирмите, онлајн продажбата сè уште не е интегриран дел од деловниот модел, туку исклучок или повремен канал.

- Advertisement -

Што се однесува до добиените одговори за користење и достапност на дигиталните ресурси кај компаниите, покажуваат дека дигиталната инфраструктура на македонските претпријатија е фрагментирана и нецелосна, што директно го ограничува развојот на е-трговијата и дигиталните деловни модели. 41% од македонските компании имаат веб-страница, што е под просекот на Западен Балкан (45%), додека само 33% користат корпоративен електронска пошта (e-маил), значително под регионалниот просек од 44%. Овие основни алатки, кои претставуваат предуслов за онлајн продажба и дигитална комуникација со клиенти, сè уште не се стандард кај македонските фирми.

Уште поизразен е јазот кај понапредните деловни системи. Само 23% од македонските компании користат компјутерска мрежа, наспроти 32% на ниво на WB6, а финансиски и сметководствен софтвер користат 31% од фирмите – приближно на регионалниот просек, но недоволно за поддршка на скалабилна е-трговија. CRM и системи за управување со продажба користат околу една петтина од компаниите, што укажува дека односите со клиенти и онлајн нарачките сè уште се управуваат со ограничени дигитални алатки. Особено загрижувачки е фактот што само 6% од македонските компании користат ERP системи, што е двојно помалку од регионалниот просек (12%), како и тоа што користењето на алатки со вештачка интелигенција (ВИ) е речиси занемарливо (1%), што ја става земјата меѓу најниско подготвените во регионот за следната фаза на дигитална трансформација.

- Advertisement -

Како резултат на ова, ниту една компанија во Северна Македонија не пријавува користење на сите клучни дигитални ресурси, додека дури 23% од фирмите изјавуваат дека не користат ниту една од наведените дигитални алатки, повеќе од двојно над регионалниот просек (10%). Ова јасно укажува дека значителен дел од деловниот сектор сè уште функционира без основна дигитална инфраструктура. Овие наоди потврдуваат дека ограничената употреба на дигитални алатки кај компаниите е една од клучните структурни пречки за развој на е-трговијата во Северна Македонија. Без системска дигитализација на внатрешните процеси, бизнисите тешко можат да ја развијат онлајн продажбата како стабилен и одржлив извор на приходи.

„Дигиталниот јаз кај македонските компании не се гледа само кај вештачката интелигенција, туку и кај основните деловни системи. Додека само 1% од компаниите користат ВИ алатки, едвај 6% имаат ERP системи, а само 20% користат cloud решенија. Без овие основи, е-трговијата тешко може да стане скалабилен и одржлив извор на приходи. Без дигитализација и иновации, е-трговијата ќе остане ограничена, а компаниите ќе ја губат конкурентноста и на регионално ниво. За да го промениме ова потребни се здружени напори и холистички пристап. Добро е што неодамна Владата донесе стретегија за дигитална трансформација, но секако останува да ја проследиме имплементацијата и резултатите. Асоцијацијата за е-трговија е посветена да го забрза патот на дигитализацијата која е основа за развојот на е-трговијата.“ изјави претседателката на Асоцијацијата за е-трговија во Северна Македонија, Нина Ангеловска Станков.

- Advertisement -

Инаку, Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година е изработен од Асоцијацијата за е-трговија (АЕТМ) и беше традиционално презентиран на 8-та регионална конференција за е-трговија. Како седмо издание од серијата, оваа публикација по втор пат е објавена на англиски јазик и со проширен фокус кој го опфаќа целиот регион на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

Повеќе информации за „Прегледот на е-трговијата во Западен Балкан 2025“, како и можност за преземање и читање на извештајот, се достапни на следниот линк: https://ecommerce.mk/analizi-i-izveshtai/

Сподели!
- Advertisement -