Во време кога иновациите и креативните идеи стануваат клучен капитал за компаниите, заштитата и правилната валоризација на интелектуалната сопственост добива сè поголемо значење. Од неодамна на македонскиот пазар започна со работа Смиљковиќ ИП, нова компанија специјализирана за интелектуална сопственост, основана од Катерина Смиљковиќ.
Со повеќе од десет години професионално искуство на американскиот и европскиот пазар, Катерина ја гради својата кариера на пресекот меѓу технологијата и правото. По образование електроинженер, магистер на ФЕИТ – Скопје и Универзитетот во Алборг, Данска, таа уште рано се насочува кон областа на патентите и интелектуалната сопственост преку работа во американска компанија специјализирана за ова поле.
Во јули 2025 година ја основа Смиљковиќ ИП со цел меѓународното know-how да го пренесе и на домашниот пазар и да им помогне на македонските компании стратешки да ја заштитат и искористат својата интелектуална сопственост – од патенти и трговски марки до дизајн и авторски права. Денес компанијата функционира како тим од тројца професионалци и нуди целосна поддршка и на локално и на меѓународно ниво.
Повеќе за тоа каква вредност носи Смиљковиќ ИП и како интелектуалната сопственост може да стане вистински бизнис-алат, разговараме со Катерина Смиљковиќ
Новинар – Верица Јорданова
За почеток каква е вашата генерална оценка состојбата и свесноста во земјава за заштита на права од интелектуална сопственост? Каков е трендот?
Пазарот е прилично отворен и сè посвесен за потребата од заштита на правата од интелектуална сопственост, при што генерално се забележува јасен и позитивен тренд. Иноваторите кои се во потрага по инвестиции речиси секогаш се соочуваат со прашања од инвеститорите поврзани со интелектуалната сопственост, бидејќи заштита на IP претставува силен сигнал за сериозност, одржливост и долгорочен потенцијал.
Ова не е случајно. Според податоците на World Intellectual Property Organization (WIPO), над 80% од вкупната вредност на современите компании во светот денес се наоѓа во нематеријални средства, како технологии, патенти и брендови, а не во машини или физичка инфраструктура. Токму затоа секој инвеститор сака да вложи во производ или технологија за која постои јасна правна сигурност дека може да опстои и да се развива со текот на времето.
Ваквите прашања сè почесто ги поттикнуваат иноваторите навремено да почнат да размислуваат за интелектуалната сопственост и да преземат соодветни чекори, не како формалност, туку како составен и стратешки дел од развојот на нивниот бизнис.
Велите дека кај домашните компании и стартапи забележувате позитивен исчекор. Може ли подетално да ни кажете за што станува збор? Што најчесто се заштитува? Зошто, со кaква намера? Кои индустрии предничат?
Сè почесто иноваторите прво ги споделуваат своите идеи со нас, со јасна намера тие најпрво да бидат заштитени, а дури потоа презентирани на поширокиот пазар. Нашиот впечаток е дека во Македонија постојат значително повеќе иновации отколку што вообичаено се перцепира.
Во процесот на патентирање на решенија развиени во Македонија, често утврдуваме дека за дел од нив не постојат слични решенија на глобално ниво. Тоа укажува на сериозен иновативен потенцијал, особено во софтверската индустрија, производствени процеси во различни индустрии, па дури и во доменот на вселенска технологија. Главната причина зошто компаниите се одлучуваат за посериозна IP заштита е амбицијата за излез на странски пазари. Свесноста дека прво треба да се заштити, а потоа да се сподели, е сè поизразена, што им овозможува посилна позиција во деловни преговори и поголема комерцијална вредност.
Интересно е дека индексот за иновативност на една земја се става во корелација со бројот на патенти….
WIPO секоја година го објавува Global Innovation Index (GII), кој ги рангира земјите според тоа колку успешно ги претвораат идеите во реална економска вредност. Еден од клучните индикатори во индексот е токму заштитата на интелектуалната сопственост: патенти, трговски марки, индустриски дизајн и авторски права. Причината е едноставна, иновација која не е заштитена, не е одржлива на долг рок.
Резултатите објавени во 2025 година јасно го потврдуваат тоа. Од овој извештај се издвојува тоа што Кина за првпат влезе во топ 10 најиновативни земји, Естонија се издвојува како лидер меѓу помалите економии, а Албанија бележи најголем раст во регионот од 2013 година наваму. Сите со една заедничка карактеристика, систематски пристап кон IP.
Кај нас, иако постои значителен иновативен потенцијал, дел од тие иновации не се рефлектираат во ваквите индекси. Една од причините е недоволна или задоцнета заштита. Затоа интелектуалната сопственост треба да се гледа не како формалност, туку како стратешка алатка што ја поврзува иновацијата со глобалниот пазар.
Кажете ни со каква визија и мисија ја формиравте компанијата Смиљковиќ ИП?
Визијата на Смиљковиќ ИП е интелектуалната сопственост да стане стратешка деловна алатка, а не административна обврска. Нашата мисија е да го донесеме интернационалниот начин на размислување за IP на локално ниво и да им помогнеме на компаниите и иноваторите од Македонија да ги претворат своите идеи во заштитени, преносливи и комерцијално вредни асети, подготвени за меѓународен пазар.
Што е специфично и уникатно во вашиот пристап кон интелектуалната сопственост и заштита на интелектуалните асети?
Она што е карактеристично во нашиот пристап е тоа што IP алатките секогаш ги поврзуваме тесно со бизнис стратегијата на компанијата. Не почнуваме со прашањето „што може да се заштити“, туку „што вреди да се заштити и зошто“. Благодарение на долгогодишното искуство со патенти, стартапи и инвестиции, знаеме како размислуваат инвеститорите, партнерите и странските пазари, и токму така ја градиме IP стратегијата за компаниите.

Поконкретно, какви услуги им нудите на компаниите во овој сегмент?
Нудиме целосен спектар на услуги поврзани со интелектуалната сопственост, кои опфаќаат заштита на патенти, трговски марки, индустриски дизајн и авторско право. Работиме на креирање и имплементација на IP стратегии за стартапи и растечки компании, како и на меѓународна заштита и експанзија на правата, во рамки на ЕУ, САД, Кина и други јурисдикции.
Покрај тоа, обезбедуваме IP due diligence во процеси на инвестиции и партнерства, спроведување и заштита на права во случаи на повреда, како и IP едукација за компании. Нашиот фокус секогаш е на создавање долгорочна деловна вредност од интелектуалната сопственост, а не само на формална регистрација.
Во оваа насока каква според вас треба да биде улогата на државата, на соодветните институции за подагање на свеста каај компаниите, иноваторите за заштита на правата од сопственост но и за диретна помош во целокупниот процес?
Потребен ни е јасен mindset shift, од земја што претежно конзумира интелектуална сопственост, кон земја што свесно и системски ја креира. Ние имаме талент, знаење и развиена IT индустрија која создава високо квалитетни решенија. Проблемот е што во голем дел од случаите таа интелектуална вредност се регистрира и останува надвор од државата, па долгорочниот економски ефект го губиме.
Интелектуалната сопственост не треба да се гледа како изолирана правна алатка или административен чекор, туку како клучен елемент на националната стратегија за развој. За мала држава, IP може да создаде значајна економска вредност преку извоз, инвестиции и градење на конкурентни компании, но само ако се сфати сериозно од самиот почеток. Примерот на Естонија јасно покажува дека кога IP стратегијата е интегрирана во пошироката економска и иновациска политика, резултатите се долгорочни и мерливи.
Улогата на државата и институциите треба да биде да создадат услови во кои креирањето IP во Македонија е природен и логичен избор. Тоа се прави преку рана едукација и подигање на свеста за IP како економски ресурс, практична и финансиска поддршка за заштита, едноставни и дигитализирани процедури, поврзување на IP со индустриската, иновациската и извозната политика.
Целта не е само повеќе регистрации, туку повеќе локално создадена вредност, повеќе компании што градат сопствени асети и подолгорочно ја зајакнуваат економијата.
Кои се најчестите грешки кои ги прават компаниите и што би им препорачале на сите кои работат на развој на нови идеи, иновативни производи и услуги?
Најчестите грешки што ги прават компаниите се поврзани со тоа што за интелектуалната сопственост почнуваат да размислуваат предоцна. Многу често идејата се споделува со партнери или потенцијални инвеститори пред да биде соодветно заштитена, или се мешаат различните видови права. На пример, се очекува патент да го заштити она што всушност припаѓа на авторско право или трговска марка. Друг чест проблем е заштита без јасна деловна цел, односно регистрација која не е поврзана со реалната стратегија на компанијата.
Во пракса, најголемиот ризик не е погрешна заштита, туку задоцнета реакција, кога правниот простор веќе е стеснет или изгубен. Затоа нашиот совет е едноставен: за интелектуалната сопственост треба да се размислува уште од првиот ден, како дел од развојот на бизнисот, а не дури кога ќе се појави проблем или инвеститор.
Следниот месец најавувате нов иновативен производ/алатка поврзан за правата од интелектуална сопственост. Може ли да ни откриете за што станува збор?
Следниот месец лансираме нова дигитална алатка која функционира како copyright witness agent и им овозможува на креатори и компании на едноставен начин да создадат веродостоен доказ за постоење и авторство на нивните креативни и дигитални дела. Целта е да се поедностави првиот чекор во заштитата на авторските права и интелектуалната сопственост, и таа да стане побрза, подостапна и попрактична, особено во дигиталната економија.





























